Трудова Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Трудова Македонија
200
ТипСедмичник
Основан1934
Јазикбугарски

Трудова Македонија — орган на Македонскиот народен сојуз во Америка (МНС). Бил издаван во раздобјето од 1934 година до 1938 година и претставува продолжение на весникот „Балканско сдружение“. Излегувал на бугарски јазик, со одделни прилози на англиски и негов уредник бил Георги Пирински. Подоцна весникот излегува како полумесечник и претставува значајна отворена национална трибина на Македонците од сите делови на Македонија.

Во духот на Резолуцијата на IV конгрес на Македонскиот народен сојуз во Америка, како и решенијата на ИК на КИ и Резолуцијата на ЦК на ВМРО(Обединета), објавени интегрално во бр. 1 на „Трудова Македонија“, весникот води засилена борба против пробугарската линија на органот на МПО, весникот „Македонска трибуна“. Во таа борба за докажување на вистината, весникот „Трудова Македонија“, во продолженија ја објавува и статијата на Васил Ивановски–БистришкиЗошто ние Македонците сме одделна нација“ и ја засилува борбата против пробугарската михајловистичка линија на органот на МРО „Македонска трибуна“.

По договор со органот на Сојузот на бугарско-македонските работнички просветни клубови во САД, весникот „С’знание“, од 11 февруари 1938 година издавањето на Трудова Македонија продолжува како заеднички неделен орган под името „Народна волја“ со истата национална платформа, но како весник и на Македонците и на Бугарите во Америка.[1][2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1515. ISBN 978-608-203-024-1.
  2. „Весникот „Трудова Македонија" ја шири вистината за Македонците“. Македонска нација. 23 ноември 2011. Посетено на 24 март 2024.