Социологија на здравјето и болеста

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Социологијата на здравјето и болеста[1] (во своите почетоци определена како социологијата на медицината) е меѓу релативно помладите социолошки дисциплини и таа сè уште докрај не го има утврдено своето предметно-истражувачко подрачје.

Познатиот американски социолог на медицината Елиот Фрајдсон (Eliot Freidson), занимавајќи се со повеќе прашања од областа на социологијата на медицината, прави обид да го определи и нејзиниот предмет на проучување споредувајќи ја социологијата на медицината со медицината како наука. Според него медицината во прв ред се занимава со болеста, додека социологијата на медицината се насочува кон истражување на општественото однесување во врска со болеста, кон „заемната поврзаност и условеност на општествените односи и здравствената состојба на луѓето, односно појавата на болеста“.

Маргарет Стејси и Хилари Хоманс уште во 1978 година пишуваат за перспективата на социологијата на здравјето и болеста. И упатуваат на истражувањето на страдањето. Според нив „социологијата на здравјето и болеста не ќе може да оди напред доколку не успее да препознае колку многу влијае страдањето врз човечки односи“.

Питер Конрад во 1980 укажува на тоа колку малку внимание квалитативните социолози ѝ посветуваат на социологијата на здравјето и болеста. Многу малку автори се занимаваат со болеста по себе, а камоли со здравјето, забележува Конрад. А во многу други истражувањето на болеста е само попратен производ на други социолошки интереси. Конрад разликува два типа на социолошко истражување на болеста. Првиот е етнографија на болеста, „инсајдерски“ поглед на искуството и доживувањето на болеста. Социјалната состојба на државата, опис на светот на болеста, анализа на интеракцијата на болниот со други, истражување на културата на болеста. Вториот е етиологија на болеста. Истражување на социјалниот нексус во потрагата по она што и претходи на болеста и што придонесува за настанокот на болеста.

Она што Конрад го истакнува и е суштествено за социологијата на здравјето и болеста е дека социолозите кои ја изучуваат болеста не нужно мора да ги прифатат медицинските дефиниции во нивната работа и дека можат да фрлат ново светло врз медицинските проблеми.

Питер Конрад вели го поставува барањето социолозите да се ослободат од доминацијата на медицинските дефиниции и болеста да се изучува како болест по себе (in its own right). Според него, неопходно е, затоа, да се преиспитаат медицинските дефиниции и да се земат за проблематични.

Развивајќи се, социологијата на медицината, почнува да повлекува и вклучува и други дисциплини во истражувањата, како што се антропологијата, економијата и политичката економија.

Важни теми во социологијата стануваат нееднаквоста во здравството, односот меѓу социоекономскиот статус и здравјето, односот меѓу невработеноста и здравјето. Голем број истражувања покажуваат дека социјалната организација на општеството во голема мерка влијае врз дистрибуцијата на болеста. Оттаму, Социологијата на здравјето и болеста му посветува должно внимание на семејството, училиштето, занимањето, работното место, на тоа како луѓето го восприемаат светот и како ја перцепираат болеста. Според Питер Конрад, социологијата на здравјето и болеста треба да го истражува широкиот контекст на страдањето, кој го надминува медицинскиот.

Оттаму, според мислењето на Реј Елинг целото научно истражувачко подрачје на феномените здравје и болест треба да биде покриено со називот „општествени науки за здравјето“ (health social sciences).

Всушност, зад сите овие барања и нови истражувачки подрачја во социологијата на здравјето и болеста стои императивот да се надмине медицинскиот редукционизам.

Секоја социологија на здравјето и болеста мора да се однесува на конкретна култура и конкретен политички контекст. Не може да се прифатат како секаде применливи објаснувањата и анализите од учебниците од САД или Велика Британија. Работите поинаку стојат во Америка, поинаку во Норвешка, Ирска и поинаку во Македонија.[2]

  1. Саркањац, Б., Костовски, С. Социологија на здравјето и болеста. Скопје: Филозофски факултет: Институт за јавно здравје и општество, 2010, 347стр. ISBN 978-608-4508-54-0
  2. Саркањац, Бранислав. Јавно здравје и здравствена реформа: политички и социолошки перспективи. Скопје: Филозофски институт: Институт за здравје и општество, 2008, 188стр. ISBN 978-9989-934-68-1