Проширување на Европската Унија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Проширувањето на Европската Унија е процес на експанзија (зголемување) на Европската Унија преку прием на нови земји-членки. Овој процес започнал со Шесте, кои ја основале Европската заедница за јаглен и челик (претходник на Европската Унија) во 1952 година. Оттогаш, бројката на членките на ЕУ е порасната на дваесет и седум, вклучувајќи го и последното проширување со Бугарија и Романија во 2007 година. Во моментов, преговори за членство се водат со неколку држави. Процесот на проширување понекогаш се нарекува Евроинтеграција. И покрај тоа, овој термин е исто така употребуван и кога се мисли на зајакнувањето на соработката помеѓу земјите-членки на Европската Унија во насока на тоа што националните влади ќе овозможат постепена хармонизација на националните закони. За да се приклучи на Европската Унија, државата треба да исполни економски и политички услови наречени Копенхагенски кретериуми (насловени според Самитот во Копенхаген одржан во јуни 1993 година), чии исполнувања подразбираат стабилна демократска влада којашто ги почитува законите и нивните соодветни слободи и институции. Согласно Договорот на Мастрихт, секоја земја-членка и Европскиот парламент мора да се согласат за какво било проширување.


Критериуми[уреди | уреди извор]

Теоретски, секоја европска држава може да конкурира за приклучување кон Европската Унија, потоа Советот би се консултирал со Комисијата и со Европскиот парламент за започнување на преговорите за прием. Советот едногласно би ја прифатил или би ја одбил препораката. За да се добие позитивна препорака, земјата мора да ги исполни следниве критериуми:

  • Мора да биде европска држава
  • Мора да ги почитува принципите на слобода, демократија, да ги почитува човековите права и основните слободи и владеење на правото.


За да го добие членството мора да ги исполни следниве Копенхагенски критериуми воспоставени од Европскиот совет во 1993 година:


  • Стабилност на институциите во гарантирањето на демократијата, владеење на правото, човековите права и почитта и заштитата на малцинствата
  • Постоење на функционална пазарна економија, како и капацитет да се справува со конкурентскиот притисок и пазарните сили на Унијата.
  • Способност да ги преземе обврските за членство вклучувајќи го и придржувањето кон политичките, економските и монетарните цели на Унијата.


Во декември 1995 година, Мадридскиот Европски совет изврши ревизија на критериумите со тоа што вклучил услови за интеграција на земјата-членка за прилагодување на нејзините административни структури: бидејќи е важно легислативата на Европската заедница да се рефлектира во националната легислатива и важно е ревидираната национална легислатива да биде ефективно спроведена преку адекватни административни и законски структури.


Процес[уреди | уреди извор]

Денес, процесот за приклучување е проследен со низа формални постапки, од претпристапен договор до ратификација на финалниот договор за приклучување. Овие постапки првенствено се прегледуваат од Европската комисија (Комесарот за евроинтеграција и Генералниот директорат за проширување), но реалните преговори технички се водат меѓу земјите-членки на Европската Унија и земјата-кандидат.

Пред земјата да конкурира за членство, обично потпишува договор за асоцијација со цел да се помогне во подготовките на земјата за кандидатура и евентуално членство. Повеќе од земјите не ги исполнуваат критериумите ниту за почеток на преговорите пред да аплицираат и затоа им се потребни многу години да се подготват за процесот. Договорот за асоцијација помага во подготовките на првата постапка. Во случајот на Западен Балкан, постои посебен процес – Процес на стабилизација и асоцијација, поради тамошните специфични околности.

Кога земјата формално ќе конкурира за членство, Советот бара од Комисијата да даде мислење за подготвеноста на земјата за започнување на преговорите. Советот тогаш може да го прифати или да го одбие мислењето на Комисијата Доколку советот се согласи да ги започне преговорите, тогаш започнува процесот на детално разгледување. Комисијата и земјата-кандидат ги проверуваат законите на земјата-кандидат, како и законите на ЕУ и утврдуваат какви разлики постојат меѓу нив. Советот тогаш дава препораки за отворање преговори за „заглавијата“ на законите за коишто смета дека имаат доволно заедничка основа за да има конструктивни преговори.

Преговорите обично се состојат од тоа земјата-членка да ја убеди Европската Унија дека нејзините закони и административниот капацитет се доволни за да се реализира Европскиот закон, којшто може да се имплементира прилагоден од земјата членка. Најчесто ова ќе вклучи временски рокови пред целосна имплементација на Европските регулативи, директиви и стандарди.

Заглавието се смета затворено кога двете страни се договорени дека тоа е задоволително имплеметирано, меѓутоа тоа сепак може да биде повторно отворено доколку Комисијата смета дека кандидатот не ја добил согласноста. За да се процени дека е постигнат напредок од земјата во подготовка за влез во Европската Унија, Европската комисија поднесува регуларни извештаи (годишно) до Советот на Европа. Овие извештаи се со намена Советот да донесе одлука за преговорите или нивно продолжување со други кандидати.

Кога преговорите ќе завршат се потпишува договор за пристап, кој потоа мора да биде ратификуван од сите земји-членки на Европската Унија, како и од иниституциите на Унијата и земјата-кандидат. Кога ова ќе биде комплетирано, земјата се придружува на Европската Унија на датумот наведен во договорот.

Целиот процес, од конкурирање за членство до добивање членство обично трае околу една декада, иако некои земји, посебно Шведска, Финска и Австрија беа побрзи, станаа членки за само неколку години. Процесот од конкурирање за договор за асоцијација до пристапот може да трае уште подолго, дури и неколку декади (на пр. Турција првпат конкурираше за асоцијација во 1950 година и сé уште нема добиено преговори за членство)