Портал:Јазик/Јазична тема/2009/февруари

Од Википедија — слободната енциклопедија

Уште кон крајот на XVIII век, а уште посилно во почетокот на XIX век, многу селани ги напуштаат селата и одат во градовите на Македонија каде што имало турски гарнизони и поради тоа животот бил посигурен. Таму се зафаќаат со занаети. Така се развива занаетчиството и се јавуваат моќни еснафи. Занаетите полека сè повеќе преминуваат од занаетчиите Турци во рацете на Македонци.

Многу понапреднати занаетчии се збогатиле и од занаетот преминале во трговија. По македонските градови имало и трговци кои успеале да отворат свои дуќани и трговски кантори дури и во европските поголеми градови, како во Лајпциг, Милано, Виена, Минхен, Париз, Венеција, Будимпешта и др. Некои од нив ги праќале на учење своите синови во европските градови. Така во Македонија се создала граѓанска класа која тогаш одиграла важна улога во културата и просветата. Богатите трговци се запознаваат со просветителските идеи во разни европски градови.

Тогашните трговци ги помагале материјално нашите први писатели од XIX век кои пишувале на народен јазик и така им овозможувале да ги отпечатат книгите во некој европски град, на пример, во Будим, Венеција и други градови. Писателот однапред ја збирал претплатата за книгата, а бил должен на насловната страна или на крајот од книгата да го отпечати името на трговецот или занаетчијата-претплатник. На пример, во книгите на Јоаким Крчовски има забележани имиња на трговци кои парично го помогнале печатењето или лично ја носеле книгата да се печати: Нешо Маркович од Кратово, кир хаџи Станко од Кратово, Димитриј Филипович од Паланка (Егри Дере), кир Хаџи Пецо од Штип, Димитриј Зузур од Сечишта и др. (Повеќе)