Попреченост

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Меѓународен симбол на пристапност

Попреченост или Инвалидност — оштетување кое може да биде когнитивно, развојно, интелектуално, ментално, телесно, сетилно, или комбинирано. Значително влијае врз секојдневните активности и може да биде присутно од раѓање, или да се појави во текот на животот.[1]

Попреченост е општ термин што ги опфаќа оштетувањата, ограничувањата на активност и ограничувањата за учество. Оштетување е проблем во функционирањето или во структурата на телото; ограничување на активност е тешкотија со која се соочува поединецот при извршување на задачи или активности; додека ограничувањето на учеството е проблем со кој се соочува поединецот при учество во животни ситуации. Попреченоста не е само здравствен проблем. Тоа е комплексен феномен што ја одразува зависноста меѓу телесните особини на едно лице и особините на општеството во кое живее.


Попреченост - спорен концепт што има различно значење за различни заедници.[2] Може да се однесува на телесни и ментални одлики за кои некои институции, особено медицинските, сметаат дека треба да се лекуваат (медицински модел).Може да се однесува на ограничувањата што заедницата на ејблисти им го наметнува на луѓето (општествен модел). Терминот може да се употребува за идентификување на лицата со посебни потреби. Физиолошки функционален капацитет (PFC) е сроден термин што го опишува нивото на способност за работа. Мери колку е едно лице способно да извршува физички работи и колку лесно ги извршува. PFC се намалува како што се зголемува возраста и доведува до слабост, когнитивни нарушувања, и/или телесни нарушувања, поради што едно лице се смета за лице со попреченост.[3][4]

Дискусијата за дефинирање на попреченоста произлезе од активистички движења за правата на лицата со попреченост што се појавија во 1970-тите, во САД и во Обединетото Кралство, што доведе до преиспитување на тоа како медицинскиот концепт за попреченостите доминираше како главно гледиште и разговор за попреченостите. Дебати за соодветна терминологија и нивната политика продолжиле и во заедниците на лица со попречености и во академското поле на студии за попреченост. Во некои држави, законот бара здравствените установи да ги документираат попреченостите со цел да се оценaт дали ќе се квалификуваат за да добијат бенефиции за лица со попреченост.

Во однос на терминологијата во Македонија, согласно Извештај на УНИЦЕФ преку кој се мапирале организациите кои работат во оваа област, токму организациите се изјасниле дека како најсоодвeтни термини ги прифаќаат ,,лица со посебни потреби" или ,,лица со попречености'', но постои голема разноликост и поделеност. Па, така се употребуваат и други термини, како ,,лица со инвалидност" , ,,лица со хендикеп", ,,лица со атипичен развој", ,,лица со потешкотии во развојот", кои не се сметаат за навредувачки за сите, според една организација терминологијата се смета како помалку важно прашање од потребата да се обезбеди целосно почитување на правата на овие лица.[5]

Вработување на лица со попречености[уреди | уреди извор]

Во Македонија[уреди | уреди извор]

Широката група на лица со попреченост (претставуваат 15% од светското население) според бројни истражувања е ранлива и подлежна на неповолни социо-економоски ефекти, како недоволен степен на образование, несоодветни и ограничени здравствени услуги и пониско ниво на вработеност, а со тоа и поголема веројатност дека ќе бидат изложени и ќе останат во сиромаштија. Токму активната вклученост на пазарот на труд е од особена важност за подобрување на нивниот статус во општеството. [6]

Според податоците на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) од 2016 година, официјалната бројка на активни баратели на работа од оваа група на лица изнесува 1490. Малиот број не укажува единствено дека на лицата со попречености не им е потребна работа, туку и на нивната неактивност на пазарот на труд, како последица на околината која не ги поттикнува да го прават тоа.[7] Заради тоа, властите[8] со ЕУ фондови и невладиниот сектор со финансирање од УСАИД[9], креирале програми за обучување и практикантсво на оваа група лица и поттикнување на компаниите да ги вработат преку бенефиции.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Journal of Applied Physiology
  2. Linton, Simi (1998). Claiming Disability: Knowledge and Identity. New York: New York University Press. 
  3. Journal of Applied Physiology
  4. Is Technology Present in Frailty? Technology a Back-up Tool for Dealing with Frailty in the Elderly: A Systematic Review. „Aging and Disease“ том  8 (2): 176–195. doi:10.14336/AD.2016.0901. PMID 28400984. 
  5. УНИЦЕФ, (Декември, 2014), Извештај за Мапирање на организациите во областа на попреченост, Скопје, стр. 14 [1]
  6. Кусиникова Никица. Мирчевски Виктор, (Мај, 2017), ВРАБОТУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ: ПРАКТИЧЕН ВОДИЧ ЗА ПРЕТПРИЈАТИЈАТА, стр.9 [2]
  7. Кусиникова Никица. Мирчевски Виктор, (Мај, 2017), ВРАБОТУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ: ПРАКТИЧЕН ВОДИЧ ЗА ПРЕТПРИЈАТИЈАТА, стр.11 [3]
  8. Министерство за труд и социјална политика, (Февруари, 2017) Започнува Проектот „Центар за вработување на лица со хендикеп”[4]
  9. УСАИД, (Јануари, 2014), Вработување на лицата со попреченост, [5]