Обичајот за стапување во брак кај Албанците во Република Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Обичаите за стапување на брак кај Албанците во Македонија, имаат архаична содржина и тешко е да се определи времето од кога тие датираат, освен тоа дека имаат, првенствено паганска содржина и во нив се одразува духот на човекот од минатите времиња во однос на објективната стварност. Во нив се инфилтрирани и елементи од монотеистичките религии, како и понови елементи од модерното време во кое живееме. Во обичаите за стапување на брак кај Албанците во Македонија се застапени најстарите сведовштва околу перцептирање на објективната реалност од страна на архаичниот човек. Во овие обичаи се сочувани мошне стари верувања и дејтсвија кои потекнуваат од претхристијанскиот период, односно од паганскиот период кога целата природа била под влијание на различни мистериозни сили како продукт на нискиот степен на развојот на знаењето од тоа време.  

Дисеминација[уреди | уреди извор]

Обичаите за стапување на брак кај Албанците во Македонија, може да се анализираат според семантичките оски кои се издвојуваат како најосновни во рамките на неговата содржина. Така, во овој однос се издвоени следниве семантички јадра:  

  • Време (Во контекст на свадбата, многу е битен денот на оддржување на оваа семејна манифестација. Традиционалната свадба кај Албанците во Македонија, во поголем број на случаи, налагала таа да се одржи во четврток. Аналогно на ова, почетокот на свадбата спаѓал секогаш во понеделник. Понеделник, според народната традиција, бил погоден ден за започнување на некоја работна активност, исто како што е омилен и денот четврток. Овие денови биле погодни и за започнување на активностите поврзани со земјоделието. Важен елемент од свадбената традиција, била и положбата на месечината.Свадбите се правеле при полна месечина, бидејќи според имитативната магија – сличното раѓа слично - со цел и куќата на младоженците да биде полна со деца. Во однос на периодот на годината, најпожелен за свадби, било времето после завршување на активностите со житните култури. Ова можеби се должи на митската логика на архаичниот човек според која земјата во овој период е пасивна и се одмара за да раѓа пак после девет месеци. Истото се случува и со младоженците кои после девет месеци, би ги очекувале плодовие од нивното соединение. Значи, имаме потполна еквиваленција на аграрниот и антрополошкиот циклус.
  • Обреден простор (Просторот во кој се реализира обредното дејство на свадбата, претставува битен елемент од семантичката структура на овој настан. Совладувањето на просторот преку обредни дејствија, е поврзано повеќе со момата-идна невеста која се одделува од својот род, односно куќа и станува член на нова семејна заедница, односно куќа. Значи, момата е поврзана со одредницата туѓо (бидејќи доаѓа од друг дом во домот на младоженецот) и затоа околу неа се поврзани сите овие дејствија за обредно совладување на просторот од нејзината куќа до куќата на младоженецот. Првиот обреден чин на момата е поврзан со напуштање на својот дом, потоа одењето со сватовите при што е битна смената на патот на свадбената поворка. Според традиционалното верување, свадбарската поворка не чини да се врати по истиот пат при одење кај момата – невеста. При пристигнување на момата во куќата на младоженецот, таа е должна преку изведување на низа обреди и обичаи да го совлада просторот до својата соба. Најпрвин, пред да се симне од автомобил, внатре се носи едно дете покриено со скутина, а потоа се става еден обреден леб – колач. Момата три пати го допира колачот. Контактот со детето треба да донесе многу деца од страна на невестата, додека контактот со лебот симболизира економска благосостојба во новиот дом. Кога се симнува од колата, таа со десната нога најпрвин стапнува на тепсија или на некој друг предмет, но никогаш не стапнува на земја со првиот чекор. Следен обреден чин е откривањето на велот на невестата за да и се види лицето. Овој чин најчесто се реализира од деверот преку жегло од јаремот, или со пушка и потоа се пука два-трипати од пушката. Меѓу многу други обредни чинови, треба да се издвои и влегувањето на невестата во својата соба. Таа пред да влезе, застанува на прагот на вратот и трипати со шербет, или мед го допира горниот праг на вратата и потоа со десната нога влегува внатре. И зетот пред да влезе во собата, треба најпрвин да се поздрави со своите родители и најблиски (бидејќи од овој миг станува маж и се збогува од претходниот социален статус во својство на момче) и кога завршува молитвата што се пее од оџата при овој миг, тој бега, но некој од присутните ќе успее да го удри ритуално во задниот дел од телото. Зетот пред да влезе кај невестата, најпрвин пред вратата, треба да го удри со нога еден леген со вода и да ја истури водата. И во собата се практикуваат некои обреди и обичаи, а исто така и кога ќе останат сами младоженците, се должни да ги реализираат некои обреди и обичаи, како одговор на момите кои преку содржината на песните ги упатуваат на тоа. Momite, me|u drugoto, peat i pesni со еротска симболика. Изведувањето на сите горенаведени дејствија, е поврзано со пренесување на здравје и благосотојба во новиот живот, кој произлегува од сменетиот социален статус на младоженците кои преминуваат во една нова фаза од нивниот живот.  
  • Обредни лица (Во семантиката на свадбата, битна улога имаат обредните лица и нивните дејствија. Според бројот на дејствијата кои се реализираат, улогата на невестата е на преден план, бидејќи таа се издвојува од своето семејство, односно род и преминува во ново семејство или нов род, или како вели Строс, таа претставува предмет на размена меѓу две општествени заедници. Инаку, обредните дејствија на момата-невеста, започнуваат кога таа ја добива невестинската облека од семејството на младоженецот, а тоа е три дена пред свадбата. Најважен обреден чин после ова, е каносувањето на невестата кое се проследува со многу тажни песни, бидејќи на момата ñ спомнуваат убавите денови поминати во кругот на своето семејството и неизвесната судбина која ја очекува во куќата на својот младоженец. Момата, изведува и ред други обреди и обичаи до времето – една недела по свадбата. Исто така и зетот е носител на различни обредни дејствија. Тој на самиот ден на свадбата, се подготвува ритуално, а исто така како и невестата и тој се експонира јавно и тоа сред селото. Во негова чест, во минатото се одржале спортски манифестации во трчање, фрлање на камен и др. Најважен обреден чин на зетот, е ноговото симболично тепање од присутните, пред да влезе во собата каде го чека момата-невеста. Пред овој чин, односно на самиот почеток на свадбата, исто така треба да се спомне и ритуалното месење на колачот кога тестето се замешува со некој елемент од железо, најчесто пушка при што се пука од страна на зетот и тогаш започнува свадбата. Друг важен обреден чин е кршењето на овој колач од страна на зетот и невестата, еден ден по свадбата, односно при заедничкото прво ритуално јадење. Се мисли дека каде ќе падне паричката од колачот, тој ќе доминира во бракот. Најчесто, паричката се организира да падне кај младоженецот, бидејќи свадбата е продукт на патријархалниот систем, во кој, се подразбира дека треба да доминира мажот, а жената да биде послушна. Други важни обредни субјекти се и сватот, бајрактарот, муштулџиите, месарката итн.  
  • Обредни објекти (Од низа обредни објекти, треба да се издвои улогата на бајракот како раквизит кој перманентно е присутен во семејтвото на младоженецот. Истакнувањето на бајракот на некој дел од куќата, означува и почеток на семејната манифестација, додека крајот на манифестацијата се означува со неговото симнување. Инаку, знамето се украсува со различни реквизити: јаболко на чело, марама и други реквизити. Во свадбените обреди и обичаи, во функција на магиско средство, се користи и водата. Таа се употребува при тргнување на сватовите по момата кога се прска колата на момата со вода од некој сад во кој порано имал зрнца од жито, а во последно време зрнца од ориз. Водата се истура од легенот и од страна на зетот кога тој влегува во својата соба при првата брачна ноќ. И колачот со метална паричка внатре, претствавува еден вид обреден леб. Тој се допира три пати од страна на невестата кога таа пристигнува во домот на младоженецот, а исто така се крши ритуално од страна на зетот и невестата по првата брачна ноќ. И дувакот на невестата е битен предметен објект. Белата боја е знак кој асоцира на чистотија, невиност, умирање на стариот живот и раѓање на нов живот. Како обредни објекти можат да се сметаат и даровите кои се разменуваат од семејствата на младоженците.

Посебни карактеристики на обичаите[уреди | уреди извор]

Посебни карактеристики на Обичајот за стапување на брак кај Албанците од Македонија, се:

  • Обичајот за стапување на брак кај Албанците во Македонија, претставува обичај од животниот циклус на поединецот кога се преминува од една фаза на животот (инфериорна) во повисока фаза (супериорна) при што се менува социјалната положба на младоженците, бидејќи овој премин се одвива на релација: момче (мома): маж (невеста).
  • Овој обичај е многу битен, бидејќи претставува промена на положбата на поединците. Секоја промена на статусот на битието е проследено со различни опасности од мистериозна природа и затоа, според логиката на архаичниот човек, биле потребни низа обредни дејствија со цел овој премин да се реализира на што поуспешен начин. 
  • Обичаите за стапување на брак кај Албанците во Р Македонија, се од разновидна природа и често пати се проследени и со пригодни песни. Преку изведувањето на обичаите се стреми кон тоа главните протагонисти на свадбата (момата и момчето) да се заштитат од штетните влијанија на демонските сили, но и нивниот брак да се круниса со многу деца, особено од машки род како резултат на традиционалните сфаќања, но и потребата на тогашната економија.  
  • Во содржината на овие обичаи, влегуваат сите дејствија кои се изведуваат по овој повод. Главните обредни субјекти во свадбениот обред се невестата и зетот. Животната и општествената промена е карактеристична за двата обредни субјекти – младоженецот и невестата. Од ова би требало да произлезе заклучок дека во свадбениот обреден комплекс, тие имаат поеднаков третман. Но, сепак, од извршените истражувања, произлегува дека ликот на невестата има централно место низ целокупниот свадбен обред. Таа е лик кој го напушта својот дом и истовремено преминува во нов дом, и аналогно на ова, е носител на поголем број на обредни дејствија. Од друга, страна, централното место што í се придава на невестата во текот на обичаите за стапување на брак, претставува и еден вид компензација што í ја дава општеството, за нејзината прокламирана состојба што ја очекува во секојдневниот живот. На нејзината состојба како мажена жена најчесто ја потсетуваат песните, каде се вели дека сите домашни обврски ќе паднат на нејзин грб. Оваа состојба се согледува и преку даровите и нивната симболика, со што поголемата вредност на дарот означува супериорност. Затоа, и во традициската свадба, даровите што ги дава машката страна на семејството на невестата биле многу поголеми. Одовде, можеме да заклучиме дека обичаите во нивната скриена форма ги зацврстуваат социјалните вредности на патријархалната, машка – доминантна култура. Инаку, обичаите за стапување на брак, се различни и долготрајни. Според нивната изведба од временска гледна точка, се издвојуваат обичаите од претсвадбениот период, обичаи од свадбениот период и обичаи од посвадбениот период. Во контекст на сите овие обичаи треба да се издвојува обичајот на ставање на к’ната на момата кој се изведува еден или два дена пред свадбата. При овој миг се собираат пријателки и роднини на момата – невеста и покрај изведувањето на обичајот, се пеат и многу песни со меланхолична содржина, при што минатото на момата се пее како идиличен и безгрижен период, полн со убави моменти и слобода, додека иднината на момата – невеста, се пее со резигнациони ноти кои произлегуваат од „непознатото“ во идниот дом, како и од многубројните обврски што ја очекуваат како невеста, односно жена. Во овој однос занимливи се и обачаите поврзани со облекување на невестинската носија од страна на момата, потоа напуштањето на домот во самиот ден на свадбата. Понатаму, занимливи се и обичаите што следуваат по пристигнување на момата – невеста во домот на младоженецот. Тука се обичаите за совладување на новиот простор од страна на невестата. Така, таа се симнува ритуално од колата, потоа секое движење се следи со некој ритуал до пристигнувањето на својата соба кога исто така се изведуваат низа обичаи. И младоженецот е носител на некои обичаи, особено треба да се спомне обичајот пред влегување на зетот во собата која ќе ја дели со невестата. Тој, пред да влезе во оваа соба, најпрвин се удира ритуално по телото од присутните. Удирањето по телото на младоженецот претставува реликт од обредот на иницијацијата, при што се означува на симболичен начин „привремената смрт“ на иницијантот – младоженец, кој потоа „се раѓа“ во ново својство, односно како искушеник кој преминал од инфериорниот статус (неоженет) во супериорниот статус (женет).      

Преку запознавање на овие обичаи се придонесува кон тоа да се продлабочуваат знаењата во врска со еден дел од историјата на религијата, особено паганството како претхристијански период во кое се инкорпорирани различни верувања во однос на природата, односно мистериозните сили од чија наклонетост зависела судбината на архаичниот човек. Така, во овие пагански обичаи се откриваат елементи поврзани со најстарите облици на религиозниот живот, како: анимизам, тотемизам, магија, табу и др.

Потекло на обичаите[уреди | уреди извор]

Обичаите за стапување на брак кај Албанците во Македонија, водат потекло од дамнешно време кога архаичниот човек не бил во состојба да ги толкува феномените поврзани со природата, но кои се одразиле и врз неговата состојба. Се додека тој не успеал своите заклучоци да ги засновува врз емпирични, логични и разбирливи факти, одговорот за нештата, го побарал во својата плодна фантазија, односно во ритуалот преку кој сакал активно да издејствува врз овие мистериозни сили. Тој се служел со разни активности од доменот на ритуалот со цел да влијае врз овие сили за да не го наштетат здравјето на младоженците, односно да не влијаат врз нивната репродуктивна моќ која е пожелна во ова време.  

  1. 1. Автентичност - Секоја област, населена со Албанци во Македонија, се одликува со богата содржина на обреди и обичаи, како и песни поврзани со стапувањето на брак. Ова придонесува да се има различни варијанти и подваријанти, кои истовремено се автентични, архаични и занимливи за проучување.
  1. 2. Реткост – Во рамките на обичаите за стапување на брак кај Албанците, секоја област во која живеат Албанците се карактеризира со некоја специфичност, односно варијанта, но која не отстапува многу од вкупната содржината, односно униформираноста на обичаите кои се слични во сите области.
  1. Разновидност – Разновидната обредна и магиска структура на содржината на обичаита за стапување на брак на одделните области, населени со Албанци во Македонија, претставуваат основа од која се црпат сознанијата за развојот на низа појави, поврзани со историјата на религијата, особено таа од претхристијанскиот период.
  1. 4. Интегралност – Сите варијанти кои произлегуваат од горенаведените обичаи во различни области, сепак се сродни меѓу себе и се интегрираат многу лесно во таа единствена идеалтипска варијанта.
  1. 5. Старост – Обичаите поврзани со бракот кај Албанците во Македонија претставуваат мошне стар и архаичен слој во рамките на обичаите од животниот циклус. Во нивната содржина има многу активности кои се продукт на паганизмот, како најстар слој во историјата на религијата

Поврзаност со обичаите на Албанците во регионот[уреди | уреди извор]

Обичаите поврзани со свадбата, освен тоа што имаат сличности, но се подразбира со некои локални и регионални црти кај Албанците во Македонија, тие имаат совпаѓања и со тие кои се практикуваат надвор од Македонија. Така, сличности, како и по некои разлики, се забележуваат и со обичаите и обредите кои што се изведуваат по овој повод и кај Албанците во Албанија, потоа во Косово и други региони каде живеат Албанци. Мора да се напомене фактот дека некои слични обреди и обичаи се јавуваат и кај неалбанското население, како што се Македонците и други балкански народи.

Нематеријално културно наследство[уреди | уреди извор]

Обичајот за стапување на брак кај Албанците во Република Македонија како нематеријално (духовно) е значајно културно наследство. Владата на Македонија донесе одлука за прогласување на духовни културни добра за културно наследство од особено значење статус на културно наследство од исклучително значење сите со традиција во Македонија се прогласени за културно наследство од големо значење.

Литература[уреди | уреди извор]

  • АЛИУ, Ремзи (2006): Фолклор и традиции во шарските висорамнини. „Ново ехо“. Тетово.
  • ВИНЧА, Нухи (1992): Албанска народна лирика во струшко. „Пламен на братството“. Скопје.
  • ДЕРВИШИ, НЕБИ (2005): Етнокултура на охридското јамско поле. Чабеј. Тетово.
  • ФЕТАХУ, Петрит (2004): Дибрански фолклорни студии. Дибер.
  • ИБРАХИМИ, Мустафа (2003): Албанско фолклорно богатство од регионот на Пелагонија. Пакунг. Скопје.
  • ИСЛАМИ, Ибрахим (1995): Куманвската свадбена церемонија. Ехо, 7 (1995). Скопје.
  • МУРТЕЗАНИ, Изаим (2000): Современата состојба на свадбените песни на Албанците во Куманово и Куманово. Фолклор во Куманово и Куманово. Институт за фолклор „Марко Цепенков“. Скопје.
  • МУРТЕЗАНИ, Изаим (2008): Обреди и магиски практики на животниот циклус (Регион Дервен во Скопје). „Логоа 5“. Скопје.
  • ОСМАНИ-СЕЛИМИ, Едибе (1993): Народни песни во Тетовско и Гостиварско. „Асдрени“. Скопје.
  • СУЛЕЈМАНИ, Фадил (2005): Раѓање, брак и смрт во тетовските висорамнини. „Чабеј“. Тетово.
  • ЗЕЌИРИ, Мумин (1993): Народна свадбена лирика на Кумановско. „Просвета“. Куманово.
  • ЗЕЌИРИ, Мумин (1995): Од албанската семејна лирика на Куманово. „Македонска Ризница“. Куманово.