Меѓународен одбор за сметководствени стандарди
Меѓународниот одбор за сметководствени стандарди (англиски: International Accounting Standards Board, IASB) — меѓународно регулаторно тело кое ги пропишува меѓународните сметководствени стандарди. Со ИАСБ раководи непрофитна фондација (IASC Foundation) на која ѝ помагаат два комитета: надворешен советодавен комитет и комитет за толкување.
Историја и цели
[уреди | уреди извор]Во 1973 година бил основан Меѓународниот комитет за сметководствени стандарди (International Accounting Standards Committee, IASC) врз основа на спогодбата склучена меѓу професионалните сметководствени здруженија од неколку земји, како: САД, Британија, Германија, Франција и Јапонија. Во 2001 година била извршена реорганизација и овој комитет бил заменет со Меѓународниот одбор за сметководствени стандарди во кои денес членуваат повеќе од 100 земји, кои истовремено се членки на Меѓународната федерација на сметководителите (International Federation of Accountants). Основните цели на ИАСБ се:[1]
- да развива, во интерес на јавноста, заедничко множество на квалитетни, разбирливи и применливи меѓународни сметководствени стандарди кои бараат викоквалитетни, транспарентни и споредливи информации во финансиските извештаи, а со цел на учесниците на пазарите на капитал и на другите корисници да им помогнат во одлучувањето.
- да ја поттикне употребата и строгата примена на тие стандарди
- да обезбеди приближување на националните и меѓународните сметководствени стандарди
Меѓународни стандарди за финансиско известување
[уреди | уреди извор]По основањето на ИАСБ, меѓународните сметководствени стандарди биле именувани меѓународни стандарди за финансиско известување, кои денес имаат широка употреба ширум светот. Така, многу берзи им дозволуваат на странските фирми да ги користат меѓународните стандарди наместо домашните сметководствени стандарди (Аргентина, Малезија, Шпанија), некои берзи им дозволуваат на домашниет фирми да ги користат меѓународните стандарди (Полска, Словенија, Јужна Африка), а на некои берзи дури и домашните фирми мора да ги користат меѓународните стандарди (Кипар, Австрија, Естонија, Чешка). Пресудниот чекор во примената на меѓународните стандарди бил направен во 2008 година, кога американската Комисија за хартии од вредност го објавила планот за прифаќање на меѓународните стандарди од сите американски фирми кои котираат на берзите.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- www.iasb.org Официјално мрежно место