Мајсторски тајфи во Македонија
Мајсторски тајфи во Македонија се група на мајстори кои се карактеристични за периодот од XVIII и XIX век, кои оставиле богато творештво на територијата на Македонија.
Општи податоци
[уреди | уреди извор]Во текот на XVIII и XIX век во Македонија се појавуваат врвни мајстори на зографскиот, резбарскиот и ѕидарскиот занает. Своето градителско искуство широко го распростануваат надвор од своите граници, а нивните дела како во Македонија така и надвор од неа, сведочат за нивното мајсторство и талент. Нивното повеќе вековно градителско искуство што го предавале од колено на колено постојано се надоградувало и усовршувало, со што всушност претставувала континуирана практична и теориска подготовка без која било невозможно да се стане мајстор. Едно од основните правила било тоа што во тајфата не може да се вработи дете кое нема завршено основно училиште. По завршувањето на четврто одделение, тајфата ги поведувала децата на печалбарска работа каде што се совладувал занаетот од чирак до високо кфалификуван мајстор. Тајфата овозможувала да се изучи градежниот занает, со што истовремено се збогатувало и знаењето за општата култура. Врз основа на ваков приод, мајсторите всушност биле образовани личности кои честопати вршеле и учетителски дејности во одредени средини.
Мајсторите учествувале во изградбата и декорирањето на црквите, џамиите, конаците и куќите за живеење. Најпознат крај од каде што потекнуват овие мајстори била дебарската околија со областите Голобрдо, Жупа, Река и Дримкол во коишто биле опфатени 40 мијачки села. Со својата богата и плодотворна дејност ја формирале познатата “Дебарска школа”, според градот Дебар кој во тоа време бил познат град на Балканот. Овие групации на мајстори има значително влијание врз архитектонскиот вкус и пристап, при што се создадени нови методи во проектирањето и градењето. На овој начин влијанието е проширено и на архитектурата во соседните земји. Македонската архитектонска школа од 19 век во областа на народната архитектура ги содржи следните препознатливи одлики:
- Поставување на позитивен однос кон природната околина, при што е постигната целосна рамнотежа меѓу природната и изградената околина.
- композициско надополнување меѓу природата и архитектурата, честопати остварена со одмерени контрасни односи.
- Почитување на правото: еднаквовредни визури, инсолација и аерација, најчесто постигнати со амфитеатрално поставување на објектите на терен во наклон.
- Создавање објекти, каде што во центарот на вниманието е човекот , така што и објектот е направен по негова мера.
- Проектирање во модуларна координација со помош на аршинот како основна мера за трите димензии на објектот.
- Создавање објекти чиј архитектонски израз претставува континуитет со традиција, оставајќи можност за понатамошен развој.
- Критичко прифаќање на надворешните архитектонски влијанија и нивно претопување за домашен вкус и потреби.
- Изградба на т.н. типски објекти, кои сепак меѓусебе се разликуваат во зависностод топографијата , локацијата, ориентација и од потребите на сопственикот.
- Решавање на проблемот на минимална куќа во кои помошните простории на приземје се релативно тесни, додека катовите се прошируваат со испуштање на еркери.
Македонската народна архитектура од 19 век веќе ги има решено проблемите, што ги поставува модерната архитектура во 20 тите години на 20 век. Со употребата на бондручен систем од дрво се овозможува:
- Создавање слободни и флексибилни основи
- Слободно обликување на фасадите и со низа од прозорски отвори.
- Денивелација на станбениот простор, според неговата функција.
- Создавање двовисински простории во заедничкиот дел на куќата.
- Поставување вградена покуќнина со исклучителна функционалност и убавина.
Мајстори - градители
[уреди | уреди извор]Како резултат на значителното развивање на градителската дејност, македонските градители во текот на 19 век придонесуваат за целосно подигање на објектите и нивно внатрешно уредување. Групирани во тајфи, тие работеле на градење и декорирање на сакрални и профани објекти, создавајќи посебни вредности, при што е воочливо влијанието како на домашната традиција, така и на современите тенденции изразени во архитектурата и уметноста. Најпозната лоза на градителски семејства од Тресонче е лозата на Рензовци и Зографци. Од оваа лоза во 19век во Македонија твореле: Браќата Дамјанови, од кои најплоден македонски градител на 19 век е Андреа Дамјанов. Неговата сфера на творештво главно била насочена кон сакралната архитектура, но исто така проектирал и објекти од профана архитектура. Од селото Тресонче потекнуваат уште неколку родови мајстори и тоа:Лозата на семејствотот Џонгар; Ангелкови; Јуруковци; Бошковци и многу други.
Од Смилево потекнуваат Смилевските мијаци, кои иако самоуки тие биле познати архитекти, инженери, градители и раководители. Најпознатиот род на градители од селотот Смилево било семејството Дарковци ( Ѓорѓи Дарковски и синовите Петре и Илија Дарковски ). Лозата на семејството Станишеви во периодот на XVIII и XIX век ја од кои најпознати се браќата Димитар и Антон Станишеви. Други познати градителски семејства од овој регион се: Семејството Трошевци, Семејството Игуменовци, Кочовци, Трампевци и др.
Копаничари
[уреди | уреди извор]Традиционалната вештина за декоративна обработка на дрво, и постепеното прифаќање на западните и исламските влијанија во Македонија, создава нов квалитет кој ќе се изрази во специфичниот стил на македонската резба. Мијачките мајстори од дебарскиот крај кои резбарството го учеле кај мајсторите резбари од Атос (Света Гора), го прифатиле нивниот барокен стил, внесувајќи нови фолклорни содржини во концепцијата. Мијачките тајфи работејќи по целиот Балкански Полуостров, изработуваат врвни уметнички дела, во коишто иконостасот добива доминантно место. Ослободени од позлата и боја, до полн израз се доведени можностите на материјалот. Познати копаничарски фамилии – мијачки тајфи се Филиповци од с. Гари, Фрчкоски, Гиноски, и Мадароски од Галичник и Мирчески од с. Осој. Познати дела се иконостасите во Лесновски манастир (1814), во црквите св. Спас во Скопје (1824) и св. Никола во Крушево (1831), и во Бигорски манастир (1845).
Зографи
[уреди | уреди извор]Овие мајстори ликовно се изразуваат преку претходно прифатени влијанија од барокните и рококо елементи и орнаментални апликации, употребувајќи раскошните драперии, прекумерната позлата и интензивниот колорит. Преку употребата на традиционалното и приспособувајќи се кон новите барања на времето и новото сфаќање на уметноста, ја одредуваат незавидната положба на иконописот од почетокот на 19 век. Меѓу познатите зографски семејни лози се оние во село Тресонче, лозата на семејството Зографовци, од кои во 19 век твореле Дичо Зограф, неговиот син Аврам Дичов и внук Крсто Аврамов. Во Галичник познати зографи се родот Фрчковски, чија активност започнала од втората половина на 18 век. Од Лазарополе мајстори кои се занимавале со зографство, познати биле семејствата Дулевци (Коловски), Кошевски, Чучковци, Крстевски како и фамилијата Мажовци.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Чаусидис, Никос Лилчиќ, Виктор; Серафимова, Анета; Алексиев, Емил. „Македонија културно наследство„. Мисла. Скопје, 1995. ISBN 9989-39-018-5.
- Константиновски, Георги. „Градителите во Македонија“. Табернакул. Скопје, 2001. ISBN 9989-647-88-7.
- Токарев, Михаил. „Архитектурата, скулптурата и сликарството на новиот век„.УПА. Скопје, 1999. ISBN 9989-712-97-2.
- „Архитектурата на почвата на Македонија - прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Македонија„. Книга 9. Книга 14. МАНУ. Скопје, 2000. ISBN 9989-649-76-6. ISBN 9989-101-71-X.