Корисник:Simona Trajkoska

Од Википедија — слободната енциклопедија

zdravo






II. РИСТО ДАВЧЕВСКИ - ВИЗИОНЕР ЗА СОВРЕМЕНИОТ МАКЕДОНСКИ ЧОВЕК ОД XXI ВЕК!

Пред да го запознаеме како најголем баснописец во регионот, треба да проговориме и за другите остварувања на Давчевски, Давчевски како поет, Давчевски како автор на радио драми, Давчевски како драматург, Давчевски како раскажувач, а пред сѐ како визионер за современиот македонски човек од XXI век! Навидум комедија со цела плејада на ликови, згоди и незгоди, три драми споени во едно, трилогијата Дворец на опачини предвидена како лектира за шесто одделение претставува една силна шлаканица по општеството и сите пороци на современиот човек од 21-от век. Децата одбиваат да ја читаат, а откако ќе ја прочитаат ја паметат цел живот и постојано ѝ се навраќаат на содржината. На прв поглед збунува премногу динамичната атмосфера, шеќерната војна, трката по освојување на територии и женски срца, но потоа читателот ги фаќа нишките на драмското дејство и истото успева да го следи до крај. Театарската претстава Мустаќите на генералот Рококајко е дело кое со голем успех е играно на театарските сцени во Скопје, Куманово, Струмица, Штип.... Станува збор за професионални театарски претстави. Со Мустаќите на генералот Рококајко Коле Ангеловски го доживува своето режисерско првенче – неговата прва режирана детска претстава во 1973 година.



Првата драма Мустаќите на генералот Рококајко Давчевски почнува, според неговите кажувања, да ја пишува во седумдесетите години, а потоа следат и другите две драми Опачко и Видовиот питач. Тие ја сочинуваат првата драмска трилогија на македонската книжевност за деца и младина. Секоја за себе претставува една посебна целина со формирано драмско сиже, комплетни карактерни ликови кои ја извршуваат својата функција симболично според името кое им е дадено во драмите (Смејко, Пејко, Мативетер, Сплетко, Ветрогон, Даринка, Мудринка, Опачко, Зла Бура, Тетка Дрога и др.) Заедничкиот наслов на трите драми Дворец на опачини е синоним за современото македонско општество, а може да биде и било кое друго општество од соседството, па и пошироко, што зборува во прилог на универзалната тематика која ја одбрал Давчевски во седумдесетите години на XX век, а која го прави визионер за современиот македонски човек од XXI век. Дворец на опачини е лектира за деца и возрасни, за млади и стари. Таа е лекција за животот, за радоста и тагата, за љубовта во сите доба од животот, за желбата да се освои едно женско срце, за измамата, за интригите, за ѓаволштините, за моралот и етиката, за лагата, за пороците, за корупцијата, за дрогата. Младите читатели можат да се забавуваат, да се смејат, а возрасните читатели да ја почувствуваат острата сатира по општествените збиднувања, да го почувствуваат влијанието на народното творештво врз драмското творештво на Давчевски, да ги препознаат нашите обичаи, да се препознаат себе си, својот морал или неморал, да се потсетат на љубовта кон блиските и далечните, кон вредностите во животот и да научат да се борат против пороците на современиот човек. Со творештвото на Ристо Давчевски посериозно се запознав во 2005 година кога како лектирно издание ја прочитав неговата драма-трилогија Дворец на опачини. Воодушевувањето од драмското остварување ме наведе на идеја текстот да го адаптирам и поставам на сцена. Организирав и режирав драмска претстава под мотото Животот на младите без опачини, изведена во ОУ Св. Климент Охридски од Драчево 2006 година. Претставата беше одлично прифатена и повторно поставена на сцена по повод 24-ти Мај − Денот на словенските просветители во 2007 година во ОУ Кузман Јосифовски Питу и беше прогласена за најдобро организирана манифетсација во општина Кисела Вода за 2007 година. На тој начин и остварив контакти со авторот кој беше воодушевен од театарската претстава, особено од ученичката Емилија Велковска која ја глумеше Тетка Дрога.

Во првата драма Мустаќите на генералот Рококајко има една доминантна желба на генералот Рококајко (авторот си поиграл со зборовите, па неговото име не е ништо друго, туку инверзија на името на Зајко Кукурајко) тој да се ожени со Лина Линареза. Самата инверзија на името на главниот драмски протагонист, според нашето колективно несвесно, според нашето предзнаење, како што вели Карл Густав Јунг , буди претстава за еден комичен драмски лик. Генералот Рококајко е седумдесет и пет - годишен старец, а Лина Линареза е седумдесет – годишна принцеза. Не треба да се навраќаме и да споменуваме колку пати народниот пејач ја исмејал љубовта на стари години, особено кога таа е упатена кон девојка на помлади години. Впрочем, ова е и еден од основните мотиви на народните хумористични песни. Недобројни се македонските народни хумористични песни, што се пеат поводно (на празници, при обичаи), на веселба, на радување, но и без некој особен повод (на одмор од тешка и мачна работа). Во нив народниот гениј го искажува и докажува својот дух, смисла за смеа и исмевање, итроштина и спoсобност за „вртено – сучено“. Најчести се „релациите“ баба – дедо, дедо – моми (љубовни и еротски), ергенлак – моминлак . Рококајко е несреќен лик затоа и земјата во која што живее е темна и празна. Несреќен е затоа што цел живот сака една жена која сѐ уште не е негова, Лина Линареза. Тој има освоено тринаесет држави, тринаесет ордени и тринаесет чинови, но не и срцето на Лина Линареза. Неговиот лик е комично портретизиран лицето ковчесто, носот долг и кукаст неправилна бабура, а пак веѓите од кои не му се гледаат очите личат на четки за заби . Но, има долги и големи мустаќи во кои го бара својот шарм. Мустаќите такви какви што му се, му се потребни за да го освои срцето на Лина Линареза. Тој е генерал на диктатор, на империјалистот Цинциминцирио Де Мачкарок, а војниците околу него мора да му се потчинуваат и да му повторуваат дека тој е генералот со најубави мустаќи. Тој постојано истакнува дека неговата глава е машка глава и се грижи единствено за мустаќите. Но, неговите мустаќи се всушност полувештачки мустаќи, тие не поднесуваат обична вода. Во Речникот на симболите брада или големи мустаќи симболизираат мажественост, храброст, мудрост, украс на машкото лице, брадата честопати била грижливо негувана и намирисана. Носењето на долга и лажна брада е особина која им се припишувала на боговите, а подоцна таа привилегија кралевите ја споделувале со боговите (2005: 119). А, Рококајко нема вистински и долги мустаќи, туку полувистински мустаќи, значи тој е полу-маж, и е на чекор до полу-успех, до полу-добивка, тој е на полу-чекор до пофалба и за тоа постојано бара да биде пофалуван од тие што му се потчинети за половината да стане цело. Кога стои пред огледало тој води монолог, замислен дијалог со Лина Линареза, тој се става во нејзина улога и сам си ги фали мустаќите - услов за брак со Лина Линареза. Впрочем тој самиот себе си сака да се убеди дека е маж! Сите војници имаат една цел, да се грижат за мустаќите на генералот Рококајко, односно да се грижат за неговата машкост. Тој триесет и три години е заљубен во Лина Линареза, која е ќерка престолонаследничка на диктаторот Цинциминцирио Де Мачкарок. Пред триесет и три години кога на Рококајко му никнувале мустаќи таа љубов била сѐ уште возможна, но сега на седумдесет и пет години условот да се поседуваат убави мустаќи е нереален, необјективен, неостварлив, па генералот мора да се користи со измама. За Лина Линареза ...нема поинтересна играчка од неговите мустаќи (2004: 37). Секоја жена сака да го поседува мажот. Да ги поседува неговите мустаќи значи да триумфира, да победи. На тоа ѝ се спротиставува генералот Рококајко и тој ја моли својата жена да не ги мрси венчалните мустаќи. Каков ќе ми биде тој заеднички живот ако мустаќите не сака да ги подели со мене? - се прашува принцезата престолонаследничка (2004: 37). Рококајко ќе доживее трансплантација на срцето зошто тој има железно срце, срце од барут и отрови. Таквото срце не може да љуби, пред да се реализира љубовта нему ќе му биде пресадено срце од славеј. Славејот е еден вид архетип. Тој што е заљубен пее, а не војува. Ох, колку ми е пијано срцево, големото срце освојува цел свет. Како да носам шума од јорговани меѓу пазувите? Каде ли ме носи моево добро срце?!... (2004: 27).

Неговото срце сега станува големо, па може да освои еден свет. Љубовта на Лина Линареза сега станува достижна. Според Јунг архетиповите се јавуваат во помалку или повеќе проѕирни  варијанти, нив лесно можеме да ги препознаеме и најчесто се алегоризиираат (2000: 29).

А, што е друго генералот Рококајко ако не алегоризиран лик? Според Јунг архетипот несвесно се оживува, развива и вообликува во завршно дело. Архетипот за мустаќите како симбол на машкост се вообликува во женидбата на Рококајко со Лина Линареза. Според Карл Густав Јунг во неговата книга Психологијата и уметноста, аналитичката психологија чии истражувања на несвесното откриле многу случаи каде свеста влијае врз несвесното и над сѐ каде свеста може да биде водена од страна на несвесното (2000: 22). Според Јунг еден писател ќе каже да кога ќе му се закани несвесното мора. Понекогаш тоа мора може да го изневери авторот и тој да не каже да, но тогаш тој се доближува до некои други сили, туѓи сили, а не до својата (2000: 24). Ние мораме остварувањата да ги разложиме во слики, поими, симболи и толкувања. Според Јунг личното несвесно му припаѓа на авторот, а колективното несвесно е општа сопственост на човештвото (2000: 33). Во Мустаќите на генералот Рококајко го согледуваме колективното несвесно според Јунг и истото го препознаваме во мустаќите кои се доближуваат до архетип. Луѓе со мустаќи има насекаде околу нас, а ги имало отсекогаш. Многу познати историски ликови носеле мустаќи? Марко Крале како епски лик е најпрепознатлив во народните јуначки песни по долгите мустаќи кои понекогаш и се хиперболизираат, што одговара на неговиот хиперболизиран лик и на неговата истакната физичка сила која е речиси и невозможна за обичниот човек. Во романот на Ванчо Николски Гоце Делчев, во втората глава насловена како Марко Крале на зелјената полјана, ликот на детето Гоце е посистоветен со ликот на Марко Крале: - Јаваш како Марко Крале на Шарецот – го пофали Тасе. - Како Марко Крале - почна да се фали Гоце! . Преку една божем наивна детска игра во која детето Гоце Делчев јава на магаре е направена една божем наивна компарација, па ликот е спореден со ликот на Марко Крале. И двата лика се хиперболизирани во македонската народна јуначка поезија и токму тука ние согледуваме влијание на колективното несвесно, кога авторот ќе се потчини и ќе каже да на мора. Во шеснаесеттата глава од романот Баница во пламен, се портретизирани два лика, ликот на Гоце Делчев и ликот на Јане Сандански: Подолу од орото седат двајца војводи. Гоце Делчев и Јане Сандански. Гоце Делчев со засукани црни мустаќи, во бели бечви, опточени со црни гајтани....Јане Сандански носи шајачка облека..лицето му го краси долга костенлива брада...(1978: 78). Во оваа глава од романот е опишано легендарното загинување на Гоце Делчев. При портрезирањето на неговиот лик се истакнати мустаќите и тоа јасно, а претходно откривме каква е нивната симболика. Тие треба да го направат овој лик доминантен, Гоце Делчев е главниот јунак, околу него има и други храбри јунаци, но треба да се истакне само еден – повторно влијание на колективното несвесно. И Јане Сандански е портретизиран, но мустаќите не се истакнати како детаљ туку авторот вели, долга и костенлива брада, а читетелот треба да ги подразбере мустаќите како дел од оваа општа определба. И до ден денес мустаќите се препознатлив детаљ за Гоце Делчев, застапени е во речиси сите енциклопедии, прирачници, учебници со фотографија на која е претставен со мустаќи. Во драмата Чорбаџи Теодос од Васил Иљоски ги среќаваме мустаќите како архетип. Во седумнаесеттата појава е портретизиран ликот на Теодос: (Влегува во ноќна, долга кошула, со мазно од вечерта избричено, а мрачно лице, на кое никогаш, ни за миг не светнува насмевка и ведрина, со густи, накуштравани веѓи кои го оцртуваат намуртеното чело и го засенуваат, правејќи го уште постуден студениот поглед; со остар, отсечеп говор, кој скоро никогаш не е разговор со луѓето, ни со најблиските, туку карање, викање на нив, на најблиските најмногу, со потценување дури и презирање преку волја, како и да не заслужуваат со нив да се разговара. Веќе разлутен што не го разбудиле, видувајќи дека нема никој, како што редовно бива при станувањето, да го пречека и да го служи, избувнува.) Што е ова! Никој жив нема! Тоа ли е ред! Сите се успале! А јас... (Погледнува на саатот.) Не работи. Тоа ли е ред! Ако сум задоцнил?... Оној шерет Арсен може пак да ми измрда со лозјето. (Вика.) .

Тој е претставен како доминантен маж, тиранин во домот, но мустаќите како детаљ од неговиот портрет авторот не ги истакнува, туку ги истакнува во споредни епизодни настани кои навидум немаат значење во понатамошниот тек на дејството, тогаш кога Теодос ќе почне да го наметнува неговиот авторитет и ќе ја забранува женидбата на неговиот син со девојка која има „црно под ноктите”. При драматизација на ова дело тие се воочлив детаљ од ликот на чорбаџијата Теодос. А за Спиро мажот без мустаќи не е маж. Па авторот го води драмското дејство токму во таа насока, да го тргне лажниот авторитет кој Теодос го наметнал во семејството. Членовите на неговото семејство го почитуваат затоа што мораат, а не затоа што сакаат, што значи дека истакнатата машкост на Теодос е лажна машкост. Тоа го покажува следниот цитат:

СПИРО: Па пив малку матеница, чорбаџи... ТЕОДОС: Матеница! Мижи да те лажам! Пак си локал ракија. Тфу, смрдиш како бочва! Потаму од мене, ќе ме задушиш. Уште еднаш само ако ти ги видам такви мустаќите, ќе ти ги истрижам со ножици, штрак, штрак! СПИРО: Аман, чорбаџи, само тоа не, каде се видело тоа чудо, ѓавол без рогови, човек без мустаќи! Поарно пресечи ми ја главата отколку мустаќите! Во дваесет и деветта појава разговараат Теодос и Спиро: ТЕОДОС: А ти мустаќите арно да ги исчистиш, Спиридоне. Уште ти се извалкани. Да ги исчистиш со фрча, со метла, со гребло, како знаеш. СПИРО: Знам, чорбаџи. ТЕОДОС: (Пред огледало ги чисти мустаќите со четкиче.) Тји, бре мурдарлак! Ништо чисто не може да види човек. И ова фрчиче: наместо со него да ги чистам мустаќиве, треба него да го чистам од мустаќиве. (Му го фрла на Спиро.) Земи го, Спиридоне, за твоите колчишта е арно, а јас треба ново да купам. (Наместува крагна и машна.) СПИРО: (Го зема.) Арно, чорбаџи. (Излегува мазнејќи ги мустаќите со фрчичето.) Теодос насекаде расфрлал од своите мустаќи, па дури и четкичето го задушил со нив, па го фрла како старо, за него веќе непотребно. Во тринаесеттата појава во разговорот меѓу Спиро и Арсо, авторот пак се навраќа на мустаќите. СПИРО: Ама зошто, бре брат Арсо? Што е ова сабајле! Чорбаџијата сакаше да ми ги исече мустаќите, сега ти сакаш да ми ги искршиш нозете,, Чорбаџи Теодос сака преку заканата (дека ќе му ги исече мустаќите) да го држи потчинет единствениот маж слуга, измеќар во куќата, (Томче, синот на Теодос е сѐ уште млад, недозреан, неоженет). Во седумнаесеттата појава кога Теодос е пијан и разочаран, соголен и понижен потенцијалниот ривал, маж, слуга во куќата на Теодос, Спиро ја покажува својата доминација: ТЕОДОС: Што се дуеш како сурлаџија, бре едепсас! СПИРО: (Гласот му се кине.) Не се... сме... еме... ам... чо... чо... чорба... џи... Ме да... да... ви ка... а... шлица... ТЕОДОС: Море, јас тебе ќе те удавам во бунаров! Леле, јас сиромав, што дочекав! Измеќарот мој што го ранам со леб, да ми се смее в лице! Тоа ли е ред! Не смеј се бре, како улав пред прст! СПИРО: Му... му... ТЕОДОС: Му... Му... — бивол! Што е! СПИРО: Му... мустаќите... исчисти си ги... ги... (Му го дава четкичето што беше му го фрлил.) ТЕОДОС: Мустаќите... Бетер ќе се од твоите... (Го свива погледот надолу, а ја крева горната усна нагоре, да ги види.) Бетер! (Поминува неколку пати по нив со четкичето, па го зафрлува далеку. Се гледа од глава до петици..) Како ќе поминам низ град ваков... Море, право во Вардар, да се удавам! (Ја опипува главата, ја тргнува крпата со која му е врзана, ја фрла тресејќи се од гнасење.) Еј, Теодосе! Умри, Теодосе, Теодосе!... (Отидува.) СПИРО: (Гледа по него превиткувајќи се од смеење.) Е, умри де! (Се позамислува.) Без такви веков би бил поарен! ..,, Мустаќи. Ги има секакви - хитлеровски, мексикански, уметнички. Генерално, мустаќот е имиџ, креација на лицето, машкост. А, овој поим Ристо Давчевски како автор го разложил во претставата за ликот на генералот Рококајко. Колективното несвесно не е вродена претстава. Ние не можеме да го вратиме по пат на хипноза или некои други техники наназад, но сепак го препознаваме затоа што тоа нам ни се враќа како реконструкција на некоја праисконска слика. Зошто? Затоа што, како што вели Јунг архетипот е процес кој се повторува таму каде што творечката фантазија се остварува слободно (2000: 34). Дворец на опачини е продукт на една неограничена творечка фантазија. Дејствата се сместени во земја која е наречена Непостојанија. Ве молам не барајте ја на географската карта нема да ја најдете, таа се протега само во вашето љубопитство - вели Давчевски ова е приказна за една измислена историја (2004: 7). Навидум измислена приказна на измислена локација, а толку вистинита и до нас толку блиска психички остаток на безброј доживувања (2000: 34). Архетиповите се јавуваат во помалку или повеќе проѕирни варијанти (2000: 36), според Јунг, нив лесно можеме да ги препознаеме и најчесто се алегоризираат. Според Јунг архетипот несвесно се оживува, развива и вообликува во завршно дело. Архетипот за мустаќите како симбол на машкост се вообликува во женидбата на Рококајко со Лина Линареза. Не е случајно што дејствијата Давчевски ги сместува во асоцијативна рамка на најкосмополитскиот жанр, фантастиката, црпејќи од нејзините извори, што е можно повеќе за една измислена историја, една каламбурска игра на алузивни нонсенси, да се покаже на алузивен и оргинален духвит начин, како стварност што е можна само во фикцијата и како една фикција што една комедија на ситуации, со многу впечатливи клонирања, книжевно и сценски ја оправдува со алузивности од кои идејата на Доброто фасцинира токму затоа што не е директно соопштена, ами е преточена во игра на шеги, подбишеги, костимирани вистини (Друговац, 1996: 326).