Корисник:Тиверополник/облека3

Од Википедија — слободната енциклопедија

Корисник:Тиверополник/облека3 Облекувањето во периодот на Готиката

Позадина[уреди | уреди извор]

За да се разбере готската уметност, мора да се земе предвид историското, културното и социјалното опкружување во овој период. Дванаесеттиот век бил време на европска експанзија со голем раст на населението, подобрувања во земјоделското производство и трговија што ја зацврстило економијата на европскиот континент. Аџиите и крстоносните војни го прошириле европското и христијанското влијание во овој временски период но во исто време се појавило и источното влијание кое било интегрирано во западната култура. 13-ти век бил сведок на појава на средна класа - развиени занаети и еснафи. Во Шпанија, Маврите биле протерани од христијаните, а Германците почнале да се шират источно. Манастирските реформи се случиле и во 12 век, при што новите градови се развиле во културни и академски центри. Градските училишта во катедралите ги замениле манастирите како центри за учење. Феудалниот систем бил заменет со зголемено прифаќање на моќта на кралот. Франција, каде што овој процес бил најмоќен, била лулка на готската уметност. До 13-ти век, институцијата на монархијата била цврсто воспоставена a повторно бил ставен акцент на уметноста и културата, и покрај пандемиите како црната смрт која уништила третина од населението во Западна Европа, која владеела кон крајот на овој период. Во исто време, капитализмот започнал да се појавува. Овој економски систем култивирал со нови идеи, како што е визија за еден свет заснован на критичка мисла и лични достигнувања.

Мрачната, строга, величествена убавина на готскиот стил потекнува од прилично тешкиот период на историјата, од историчарите познат како мрачен среден век. Но поимот Готика бил познат во ренесансата: за мислителите од ренесансниот период, сите предмети во готскиот стил изгледале погрешно, некласични, непропорционално, и затоа периодот добил варварско име од племето Готи, со кое тие ги поврзале нивните карактеристични својства.

Вовед[уреди | уреди извор]

Готскиот стил се однесува на архитектурата како камени резби, стакла во боја, заострени форми и многу скулптурни украси. Готскиот стил во архитектурата извршила големо влијание врз надворешната форма на облеката и нејзиното конструктивно решение. Асиметричното решение на облеката, општиот стремеж кон издолжување на триаголната форма и дале на облеката динамичност односно разиграност. Облеката се карактеризирала со особено богатство на материјалите и многу изобилство на декоративни елементи. Во овој период исчезнала строгата симетричност и неподвижност, карактеристична за романскиот период.

Готскиот стил во историјата на костимографската мода одиграл важна улога. Тој бил главен стил на средновековна Европа во периодот од 12 до 14 век, подместувајќи го романскиот стил како застарен. Како и многу работи поврзани со уметноста и модата, готскиот стил потекнува од Франција и се појавил во историскиот регион на земјата - Бургундија. Интензивната класна борба довела до класна диференцијација во облекувањето, поради кое изразено се разликувала облеката помеѓу феудалците, граѓаните и селаните. Оваа диференцијација била особено изразена помеѓу градското население. Во текот на 13 век започнал голем развој на градовите преку процесот на трговија и занаетчиство. Градовите биле опкружувани со градски ѕидини, а во архитектурата се појавил готскиот стил, кој најпрвин бил оформен на црковните градби, преку кој влијаел и на изградбата на станбените куќи, градски собранија и слично.

Во текот на 13 век се појавиле и првите закони кои го ограничувале раскошот на облеката кај вазалите во споредба со владетелите, потоа ограничување во изборот на ткаенините и формите на облека кај различните класи во општеството. Така на пример, принцевите можеле да носат обувки кои биле подолги 2,5 пати од нивните стапала, високите аристократи 2 пати подолги, богатите 1 пат, а обичните граѓани само 0,5 подолга од своето стапало. Граѓаните од своја страна немале право да носат свилени облеки, долги шлепови на фустаните и.т.н. додека најчесто облеката на феудалните господари била направена од свила со долги петелки. Во текот на 14 век се појавиле раскопчани облеки, односно облеки расечени преку целата должина, а некои од нив имале и јаки. Костумите по своја форма станале се поразновидни. Издолжените готски пропорции биле карактеристика на силуетата на облеката во 13 и 14 век.

За најмодерна облека се сметал сомотот кој се појавил во доцниот среден век. Ткаенините биле добро орнаментирани со кадифени светли бои и сите видови украси, а најпосакуван бил растителниот орнамент но подоцна боите станале многу потемни. Ова значи дека облеката од овој период значително се збогатила со детали. Строгата симетричност постепено исчезнала на насликаните орнаменти, и истите биле во поживи бои, во слободни композиции често дијагонално поставени. Имало дури и многу готски натписи, а најчеста била т.н. готска ружа.

Во текот на овој период започнала практика за комбинирање на неколку материјали одеднаш: свила, лен, волна и кожа. Често машките костуми можеле да се состојат од две половини со различни бои, обично спротивставени во нивните нијанси. Бојата имала голема симболична вредност. На пример, некој што ја служел својата сакана сопруга секогаш носел облека од нејзината сакана шема на бои. Истото важело и за вработените кои биле облечени во облека соодветна за грбот на нивните господари. Една од најпопуларните бои била жолтата, но не секој можел да си дозволи таков фустан.

За прв пат, облеката во готски стил се појавила кај витешкиот оклоп. Облеката на обичните градски жители започнала да се менува исто така.

Облека[уреди | уреди извор]

На почетокот фустанот бил под големо влијание од византиската култура на исток. Сепак, поради бавните комуникациски канали, стилот на запад заостанувал од 25 до 30 години. Кон крајот на средниот век, Западна Европа започнала да развива свој стил. Едно од најголемите случувања во тоа време како резултат на Крстоносни војни било тоа што луѓето започнале да користат копчиња за прицврстување на облеката.

Во 13 век биле поставени основите на кроењето, што особено влијаело врз промените на женскиот костум. Со умеењето да се крои ткаенина, била надмината зависноста условена од ширината на разбојот за ткаење. Преку кроењето било потикнато и развојот на кројачкиот занает. Често кројачите се обединувале во професионални цехови кои изработувале облека главно по порачка на благородниците. Со развојот на кројачкиот занает се усовршила и техниката на шиењето. Така, за прв пат се појавиле углавени ракави: Најпрвин ракавите се прешивале привремено за преку ден, а навечер се парале бидејќи облеката била многу тесна, па на друг начин и неможела да се соблече. Понекогаш ракавите се врзувале со врвци, а подоцна, со појавата на копчето, ракавите почнале да се вглавуваат за постојано носење. Дизајнирањето на облека, кое порано било работа на жената, станувало се повеќе доминантно кај мажите.

Во средниот век, исто така, се забележува појава на индивидуален стил на облека. Побогатите започнале да носат облека со индивидуализирана шема и гребени што го претставувале нивното семејство. Војниците во битка честопати имале свои семејни амблеми кои ги ставале на своите штитови за да можат да се идентификуваат во борбата. Меѓутоа, повеќето луѓе сметаат дека не носеле сложени носии во текот на обичните денови. Луѓето носеле облека која им била пофункционална и ги заштитувала од понекогаш суровата клима. Всушност, до 14 век луѓето од сите класи имале тенденција да носат многу слична облека. Благородниците би имале церемонијална облека за специјални прилики, но не ја носеле секојдневно. И мажите и жените од сите класи носеле прилично иста облека во лето и во зима. Обично носеле долга облека а жените биле целосно покриени (поради христијанското влијание). И двата пола носеле долга наметка како надворешна облека. И двата пола носеле под туника и кратка туника што ја имало на половината. Богатите носеле наметки обложени со крзно, свила или златна ткаенина. Селаните и пониската класа често носеле пократки облеки за да го олеснат движењето додека работеле, а луѓето што припаѓале на еснафите понекогаш носеле облека или амблеми што ја рекламирало нивната трговија.

Машка облека[уреди | уреди извор]

Машки костум[уреди | уреди извор]

Машкиот костум во текот на овој период бил во голема мера скратен. Во овој период се појавиле две машки силуети. Едната носела покуса горна облека до колковите а другата носела долна горна облека до глуждовите. Кратките костуми најчесто ги носеле младите. Самиот концепт на готската архитектра со многу шпицести завршетоци и издолжени полукружни завршетоци носат иста таква примена и во облеката. За разлика од византискиот и романскиот период, каде облеката била кроена според мерките на човечката фигура, готскиот период ги надминал тие норми и издолжената човечка силуета наликувала дури на карикатура. Постепено, скратената јакна со стеснети ракави стапила во мода. Кратките виолетови јакни биле доста модерни, а ракавите често виселе дури до подот. Мажите од благородните семејства исто така носеле сличен костум, но се разликувале по обликот на своите ракави. Тесниот елемент бил надополнет со пошироки страни. Со јакната обично се носеле панталони.

Кај машкиот костум најприв имало промени кај горната долга туника. Таа започнала да добива најнапред странични отвори, потоа тие отвори се зачестиле. Потоа има неравно искројување на долниот раб на облеката кој најчесто наликува на лист од дрвја, на реси, често опшиени со крзнени ленти и траки во други бои кои даваат една разиграност која ја разбива еднотавноста на романскиот костум. За тоа придонеле и често поставените долги ракави во вид на траки, кои често паѓале и до патосот и се ѕвонесто проширени на долниот свој дел. Нив ги имало во повеќе форми и должини. Овие горни туники почнале и да се отвараат однапред, од страна да им се става коси делови кои надолу ги прошируваат, често тие наметки одпозади се влечеле, а многу од нив имале поширок колан кој се носел лабаво на колковите. Горните туники кои достигнувале до над колената имале повеќе отвори на својот долен дел кои се или опшиени со крзнени траки или се испосечени како листови, но тие туники имаат исто така и колани кои се носат или на струкот или лабаво на колковите. Често пати таа туника има и ракави кои се долги, расцепени однапред за да помине раката и секако опшиени и поставени со друга ткаенина. Деколтето на оваа горна туника било округло или четвртесто.

Во овој период се појавува и една нова горна машка покуса облека која има нагласен струк и должина до средината на колковите. Бидејќи оваа облека била тесна кон телото, морала да се закопчи на предната или на задната страна. Ракавите на рамената биле проширени, набрани и надолу паѓале раскошно и на рачните глуждови завршувале со манжетни. Ракавите имале и отвори на предната страна за раката да се протне. Во тој случај ракавите биле поставени со ткаенина во друга боја.

Останато[уреди | уреди извор]

Припиениот силует се разликува од романскиот пред се со раширена линија на рамињата, тоа се постигнува со поставување на волнена постава во ракавниот израз. Конструктивните и декоративните линии ги потцртуваат градите и тенката издолжена половина. Надворешната облека претставува палто кое се нарекува блио, односно широка наметка со висока јака, чија ширина може да достигне 7 метри, а должината на ракавот до 3 метри. Кројката претставува 3/4 од кругот. Облеката се набира на половината со помош на колан. Облеката е многу тесна и не може да се облекува преку глава и затоа е исправена да се закопчува на предниот дел со копче. По линијата на колковите се поставува декоративен колан. Друга надворешна облека претставува наметка изработена од парче материјал привиено на две, а на местото на превивањето се изрежува отвор за главата. Страничните рабови не се зашиени а деколтето и страничните ивици се опшиени со кожа.

Глава и нозе[уреди | уреди извор]

Шаперон
  • Шаперонот. Важен елемент во 14 век станал шаперонот. Користен како дел од бургундската носија од страна на машкиот и женскиот пол во поголемиот дел од Европа. Тоа е еден вид на покривало за косата, вратот и рамињата и го покажува само лицето а на својот заден дел има еден подолг дел кој често достигнува должина и до струкот. Тоа било и наметката - капа на Данте и Петрарка. Често врвот на шаперонот бил значително зголемен, така што тој паѓа длабоко во задниот дел на грбот. За време на физички напор или потопло време, можел да се спушти, така што да остане околу вратот и рамењата. Во зима честопати се користела волна, додека во лето биле изработени од некој полесен материјал.

На главата се носеле и карактеристични шапки од филц во разни конусни форми и со проширен горен дел и со ободи. Фризурите на мажите од овој период биле различни. Младите феудалци носеле коси со кадрици кои паѓале на бразите и на рамениците. Широките народни маси косата ја носеле кусо пострижена со шишки на челото. Не носеле мустаќи и брада.

Како обувки се користиле получизми, обувки од кожа или од сомот, без топуци. Во прво време обувките имале умерено заоблени врвови, но од средината на 14 век, обувките имале продолжени завршетоци во различни предимензионални должини. Тој вид на обувки во почетокот ги носеле рицарите со цел да го истакнат своето неучество во трудот. Подоцна по примерот на благородниците сите обувки ги продолжиле и побогатите, па и граѓаните и така сите носеле обувки со издолжени врвови.

Женски облека[уреди | уреди извор]

Женски костум[уреди | уреди извор]

Мери де Бохун со Ermine крзно . Нејзината слугинка носи делумна туника. Од англиски псалтер, 1380–85

Формата на секоја човечка фигура кон која се стремел секој оној кој имал можност да влијае на својата облека била буквата „Ѕ“. Главата била наклонета понапред, рамениците спуштени и давале изглед на блага подгрбавеност, стомакот и колковите испакнати кон напред.

Женските фустани започнале јасно да се делат на пола (десна или лева предна страна од облека). Во основа и понатаму двете облеки, кот и суркот, се основни во женската облека. Во готиката, долната (кот) облека има и понатаму тесни ракави, но сега тие се сошиени и облеката се копча од страните за полесно да се облече. Се забележуваат и уметоци во должина, кои надолу го прошируваат здолништето и често во задниот дел го прават во поголема должина што се влече или грациозно се носи префрлено на едната рака. Горната облека (суркот) исто така е проширена со уметоци. Таа често пати е расечена, има деколте во „V“ израз која често има и мала шал јака. Коланот се наоѓа под градите и е прилично широк и е во друга боја. Ракавите на оваа облека не се секогаш тесни. Тие се звонесто пошироки надолу, имаат расцепи на предниот дел, од нив раката излегува па така ракавите можат да висат и да имаат должина и до подот. Оваа горна облека често била поставена со друга ткаенина а и крзното било многу пати користено за топла постава. Горната туника често пати била долга и само до колковите, тогаш таа била со нагласен струк и имала отвори за тесните долни ракави, а самата таа имала подолги траки од крзно кои странично ги опшивале големите отвори за раката. И овој вид на облека ја издолжува фигурата.

Глава и нозе[уреди | уреди извор]

За издолжување на фигурата главна задача имала и фризурата. Една од најкарактеристичните фризури била хенин, еден вид на капа направена од покрут материјал во вид на корнет кој достигнувал должина до 60 сантиметри. во него влегувала целата коса и тој најчесто бил обвиткуван со бела ткаенина која често била тенка и проѕирна и имала должина која достигнувала до подот.

За да биде челото високо косата се чушкала со пинцета на челото и до висина на повеќе прсти. Постоела и фризура која се плетела од две страни на ушите во вид на „овенов рог“ и потоа се покривала со бела марама. Обичните мажени жени и понатаму ја покривале главата со марама. Наједноставна е марамата која го покривала подбрадакот и потоа се врзувала над главата. За излегување над оваа марама се ставал вел и наметка.

Женските обувки биле слични на машките. И тие имале заострени врвови и се изработувале од обоена кожа или пак од скапи цврсти ткаенини. Често биле изезувани со полудраги камења. Кај женските како моден додаток се користат повеќе видови на шапки, но една од покарактеристичните е конусовидната, чија што висина достигнува до 1 метар и на врвот најчесто има прицврстено вел. Во мода се појавуваат и ракавиците кои за прв пат започнале да ги носат кралевите и тие претставуваат симбол на власт.

Како ексклузивитет на крајот од готскиот период се јавуваат и украсите од ситни ѕвончиња кои најчесто биле нашивани на појасот, на долниот дел од горната облека на капите или на обувките. Но бидејќи тие правеле многу врева при движењето, било донесено забрана кој и колку може од нив да стави на својата облека. Жените носеле и мали ташнички кои ги прицрстувале и на струкот.

Речник на зборови[уреди | уреди извор]

  • Палиум (латински: pallium) - тесна бела лента од волна која се носи на рамената. Се користи во западната христијанска традиција, додека аналог на палиумот во источните цркви е омфорот. Во почетокот била носена од највисоките службеници на царството, но подоцна започнала да се носи од страна на римскиот папа, станувајќи знак на папска власт и палиумот всушност бил додаван како еден вид украс.
  • Chainse - се носи под туника и е направена од волна или свила и е прицврстена на вратот со копчиња (резултат на крстоносни војници) или врзана со врвци. Подоцна станала дел од долна облека и била украсувана со чипка.
  • Ermine - крзно со кое што се обложува облеката и најчесто е насправено од ласица.
  • Miniver - бело крзно, премачено со сиво и е изработено од верверица.