ИАЕСТЕ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лого на ИАЕСТЕ Македонија

ИАЕСТЕ Македонија е независна, невладина, неполитичка, волонтерска и студентска организација која овозможува размена на студенти од техничките факултети за извршување на стручна пракса. Таа е полноправен член на Меѓународната организација ИАЕСТЕ. ИАЕСТЕ Македонија им овозможува на студентите по наука, инженерство, технологии и применети уметности, платени технички пракси во областа на нивните студии. ИАЕСТЕ Македонија годишно има околу 120 члена.

Историја[уреди | уреди извор]

Во 1952 година, универзитетот во Белград се приклучува во ИАЕСТЕ како 16та придружна членка. Скоро потоа, отворени се локални комитети во Загреб, Љубљана и Скопје. Од основањено на Локалниот комитет во Скопје до распадот на Југославија сите административни работи биле извршувани во Белград, а од Скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ околу 200 студенти се здобиле со можноста да патуваат по светот и да извршуваат стручни пракси во големи и мали фирми со посредство на ИАЕСТЕ програмата.

По распадот на Југославија, во јануари 1992, тогашните студенти од локалниот комитет ИАЕСТЕ Македонија формираат здружение на граѓани со цел да продолжат да ја спроведуваат ИАЕСТЕ програмата. Здружението добива име „Македонски одбор за меѓународна размена на студенти од техничките факултети“ со седиште во Скопје на Електротехнички и Машински факултет и се приклучува во ИАЕСТЕ како придружна членка. На Генералната Конференција во Мексико, ИАЕСТЕ Македонија добива статус на полноправна земја членка на ИАЕСТЕ. Оттогаш па до денес отворени се 4 локални комитети: на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и на универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Овие комитети од 1992 имаат испратено преку 500 студенти на пракса во странство и имаат вклучено преку 100 македонски компании во разменската програма. Бројни наши професори, научници и деловни луѓе се сеќаваат на праксите во странство преку ИАЕСТЕ.

Организациона структура[уреди | уреди извор]

Национално Собрание: Националното Собрание е највисок орган на ИАЕСТЕ Македонија и претставува Собир на сите полноправни членови на ИАЕСТЕ Македонија. Се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно во третата сабота од Ноември.

Национален Одбор: Националниот Одбор е управен орган на ИАЕСТЕ Македонија, составен од 10 члена и тоа: Национален Секретар, Претседател на ЛКС, Претседател на ЛКБ, Претседател на ЛКШ, Претседател на ЛКО, Претставник на КИП, Одговорен за финансии, Одговорен за маркетинг и лице одгворно за односи со јавност, Одговорен за македонските студенти во странство и Одговорен за странските студенти во Македонија.

Национален Секретар: Националниот секретар е избран од страна на Националното Собрание. Тој претставува највисок орган на Националниот Одбор и исто така е претседател на Националното Собрание и на Националниот Одбор. Тој го застапува здружението на национално и меѓународно ниво и одговара за нејзиното правилно и законито работење.

Локален Комитет: Локалните Комитети делуваат независно, но во согласност со правилата на Националниот Одбор. Тие имаат своја структура и активности и најчесто служат како прв контакт на студентите и работодавците со ИАЕСТЕ.

Клуб на ИАЕСТЕ пријатели (КИП): КИП го сочинуваат почесните членови на ИАЕСТЕ Македонија, дипломирани студенти кои обавувале пракса преку програмата на ИАЕСТЕ Македонија или кои учествувале во работата на ИАЕСТЕ Македонија. Членовите на КИП се истовремено и членови на интернационалната мрежа на ИАЕСТЕ алумни.

Факултети во мрежата на ИАЕСТЕ Македонија[уреди | уреди извор]

ИАЕСТЕ Македонија има 4 локални комитети на четирите државни универзитети во Скопје, Битола, Штип и Охрид и ги вклучува студентите од следниве факултети:

Мапа на сите комитети на ИАЕСТЕ Македонија

Локален комитет Скопје: Архитектонски, Градежен, Земјоделски, Машински, Природно-Математички, Технолошко-Металуршки и Шумарски Факултет, Факултет за Електротехника и Информациски Технологии, Факултет за Информатички Науки и Компјутерско Инжинерство, Факултет за Фармација и насоката е-Бизнис од Економски Факултет и Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериери при Универзитетот Св „Кирил и Методиј“.

Локален комитет Битола: Факултет за информатички и комуникациски технологии, Технолошко-технички факултет – Велес, Технички Факултет, Факултет за Администрација и Менаџмент на Информациски Системи и Факултет за Биотехнички науки, насока Информатика и Техничко образование од Педагошки и Технички Факултет и насоката е-Бизнис од Економски Факултет при универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Локален комитет Штип: Земјоделски, Електротехнички, Машински и Технолошко-технички факултет, Факултет за Информатика и Факултет за рударство, геологија и политехника при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Локален комитет Охрид: Факултетите за Компјутерска Наука и Инженерство; Комуникациски Мрежи и Безбедност; Информациони Системи, Визуелизација, Мултимедија и Анимација; Машинска Интелигенција и Роботика; Факултет за Применети Информатички технологии (студиски програми: машинска интелигенција и роботика, еВлада, еБизнис и еКутура), Факултет за Информациони и Комуникациски Науки (студиска програма – дигитална бизнис инфоматика) при универзитетот „Свети Апостол Павле“