Етерични масла

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Етерични масла се сложени смеси на органски испарливи состојки. Претставуваат производи на специјални секреторни структури на тн. ароматични растенија. Соодветно, дрогите што ги содржат се означени како ароматични дроги (ароматични суровини). Се раствораат во неполарни растворувачи (етер, бензен, петролетер, етанол), имаат каракте- ристичен мирис и на кожата предизвикуваат црвенило.

Добивање[уреди]

Традиционално, етеричните масла се добиваат со дестилација со водена пареа, што претставува најстар и сè уште најприменуван начин за екстракција. Добиени на овој начин претставуваат лесно подвижни течности, се карактеризираат со определени биолошки и фармаколошки активности и во најголем број случаи имаат терапевтско значење. Покрај нив, од ароматични суровини се добиваат и други ароматични производи (конкре, абсолут, помада, резиноид) што наоѓаат примена во козметичкото и во парфимерското производство, во прехранбената, алкохолната, тутунската и во другите индустрии. Во промет се наоѓаат и обработени етерични масла, од кои се издвоени некои фракции за да се добијат производи со подобрени карактеристики или со поголема ефикасност. Постојат пречистени масла, детерпенизирани масла кај кои се отстранети лесно испарливи терпенски јаглеводороди или масла ослободени од тешко испарливи сесквитерпенски соединенија.

Наоѓање[уреди]

Етеричните масла се среќаваат во голем број растенија. Содржината им варира од минимални количества (траги) до преку 20%. Се натрупуваат (локализираат) во различни органи - листови, плодови, цветови, кори, корени и др. Можат да бидат сместени во надворешни жлезди или внатрешно во жлезди, во клетки, во ходници и во канали.

Особини[уреди]

Етеричните масла се бистри, лесно подвижни, безбојни или ретко обоени (жолти, зелени, сини, црвено-кафеави) течности. Имаат својствен и најчесто пријатен мирис и ароматичен вкус, а некои во уста ладат, горчат, лутат и слично. На собна температура (до 20°С) се во течна состојба, а на температура под 18°С, некои од маслата зацврснуваат, при што доаѓа до одвојување на цврстата состојка – стереоптен (камфор, ментол, анетол, тимол) од течниот дел – елеоптен. Етеричните масла имаат липофилен карактер, не се раствораат во вода (неколку капки во 1L), а се раствораат во органски растворувачи и во масни масла. Релативната густина на етеричните масла се движи од 0,8-1,07.Потешки се од масните масла. Температурата на вриење се движи од 150-300°С, а индексот на рефракција од 1,450-1,600. Свежо добиените етерични масла имаат неутрална до слабо кисела реакција. Со стоење, киселоста им се зголемува поради хидролитички промени на естерските соединенија и ослободување на киселини.

Хемиски состав на етерични масла[уреди]

Етеричните масла се сложени смеси составени од различни органски соединенија и нивниот број може да биде од неколку до преку 100-тина компоненти. Досега се докажани над илјада различни соединенија што влегуваат во составот на различни етерични масла.