Ел - Ауриан
Ел-Аурианите (анг. El-Aurian) се хуманоидна раса на "слушачи", која потекнува од системот Ел-Ауриа, во Делта Квадрантот. Нивната матична планета е асимилирана од страна на Борг колективот во 23 век, а малкумината преостанати припадници на оваа раса се раселени ширум Млечниот Пат. Тие се екстремно долговечни.
Познато е дека еден Ел-Ауриан (Гајнен (Gajnan) ја посетила Земјата во 19 век, пред човештвото воопшто да има какво и да било официјално сознание за вонземски раси. Иако никаде не е експлицитно објаснето, ова би сугерирало дека расава била способна за warp погон уште одамна пред тоа. (TNG: "Time's Arrow, Part I & II")
Во 2293 година, двата вселенски бродови со кои Федерацијата транспортира група на Ел-Ауриан бегалци кон Земјата се уништени во Нексусот, блиску до Сончевиот Систем (Star Trek: Generations). Ентерпрајз успева да спаси двајца од бегалците, меѓу кои Гајнен и доктор Толијан Соран.
Ел-Аурианите поседуваат разновидни и за жал недоволно објаснети моќи, од кои најјасно прикажана е еден своевиден облик на емпатија, која тие ја користат да им помогнат на другите, во својство на советници или доверливи личности, како што е Гајнен за капетанот Пикард. Другите, како на пример Марус Мазур (DS9: "Rivals") стануваат измамници, а доктор Соран пак го спроведува својот план за повторно влегување во Нексусот.
Се чини дека Ел-Ауриан-ите се родени чувари на знаењето, и го користат својот екстремно долг животен век и исклучително развиена меморија да собираат приказни и животни искуства од најразновидни интелигентни суштества. Тоа знаење го чуваат за себе, и само повремено го споделуваат со другите раси. Покрај тоа, тие се природно чувствителни на промени во просторно-временскиот континуум, со што можат инстинктивно да насетат алтернативни временски линии. Останува нејасно зошто Q (Кју) се "плаши" од Гајнен, односно дали тоа е едноставно поради тоа што таа е Ел-Ауриан, или поради нејзиното искуство со Нексусот.