Димитри Митан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитри Митан
Роден23.4.1865
Охрид
Починал12.12.1935
Охрид
НационалностМакедонец
ЗанимањеФотограф - основоположник на македонската фотографија

Димитри Митан (1865-1935) е првиот охридски професионален фотограф. Земајќи го предвид периодот во кој работел, може да се каже дека е основоположник на македонското фотографирање. Роден е на 23 април 1865 година во Охрид, бил барем 20 години постар од браќата Манаки, па постои тврдење дека токму тој им бил ментор.[1]

Фотографскиот занает го учел во Цариград (денешен Истанбул). На почетокот на 20 век дошол во Скопје каде работел како кино прикажувач. Во 1905 година, за време на проекција на филм пред високи османлиски функционери, се запалила филмската лента и настанал пожар. Турците го обвиниле Димитри дека намерно предизвикал пожар со цел да ги понижи турските великодостојници, па морал да побегне во Букурешт, каде живеел две години до повторното враќање во Охрид.

Главна тема на фотографирањето на Димитри Митан била револуцијата на македонскиот народ. Неговата фотографија „Херојството кај Кадино“ каде е прикажано самоубиството на Методи Патчев и неговите соборци е трага и сведоштво на крвавата борба на македонскиот народ за слобода и за сопствена држава. Денес поголем дел од фотографиите на Димитри може да се најдат во музеите во Охрид и Крушево, но повеќето од нив не се потпишани со неговото име.[1]

Позлатено лажиче со втисната царска круна - подарок за Димитри Митан од кралот Александар II Караџорџевиќ

Во 1925 година Димитри Митан го фотографирал кралот Александар II Караџорџевиќ, кој бил во посета на Охрид. Кралот одбивал да се фотографира, но сепак застанал пред објективот кога пристигнал кај црквата Св. Богородица Перивлепта. Димитри за овој настан изработил збирка фотографии со панорамска содржина на градот од 360 степени во која била и фотографијата на Александар II Караџорџевиќ. Една од збирките му ја подарил на кралот, а за возврат добил сет од позлатени мали лажички за кафе кои на задната страна биле изгравирани со кралска круна. Денеска е зачувано само едно такво лажиче.

Од големо значење се и фотографиите кои Митан ги направил од Крушево, Призрен и од Охрид преку кои ги прикажал убавините на овие градови. Тој знаел дека фотографиите ќе имаат огромно историско значење, па затоа на смртната постела оставил аманет: „Чувајте ги фотографските плочи, тие ce потребни за историјата на Македонија". Фотографските плочи (негативи) во тоа време се изработувале на стакло. За жал, малку кој можел да го разбере значењето на неговите визионерски зборови, фотографските плочи биле криени и чувани долго време, но на крај биле продадени како обични парчиња стакло. Така аманетот од првиот охридски фотограф не бил реализиран, а негативите се уништени.[1]

Фотографското ателје на Димитри Митан ce наоѓало кај познатиот Охридски чинар во центарот на градот Охрид. Тоа било опремено со стаклен покрив од една страна и прозорци од страната на чинарот за да има што повеќе дневна светлина при фотографирањето.

Димитри Митан починал во 1935 година. Занаетот го наследиле неговите синови Боро и Кирил Митан.

  1. 1,0 1,1 1,2 „Фотографијата како историско сведоштво за градот Охрид во периодот 1913-1991 година“ Никола Митровиќ