Грчко-српски сојуз (1867)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Грчко-српскиот сојуз од 1867/1868 година бил таен Договор за офанзивен сојуз портив османлиската држава склучен по неколкугодишни тајни преговори, водени со прекини, помеѓу Kралството Грција и Kнежевството Србија кој имал за цел „ослободување на сите христијански народи во европска Tурција и на Aрхипелагот (беломорски)“.

Со Договорот (14 / 26 август 1867) во Веслај кај Виена било определено и времето за започнување на војната (март 1868). Во случај на тешкотии во војната, за целосно остварување на целите утврдени со Договорот за сојуз, секоја од договорните страни можела да се повлече од војната единствено откако на сојузничката држава ќе и обезбедела: Србија на Грција ослободување и присоединување на Епир и на Tесалија, а Грција на Србија ослободување и присоединување на Босна и Херцеговина.

Во случај на целосно остварување на целите на војната за поделба на другите територии на османлиската држава на Балканот, договориле потпишување на посебен договор. Договориле пропагандно дејствување без територијално разграничување и заеднички да работат на придобивање во Сојузот на Романија. Грција и Србија потпишале Протокол (10 јануари 1868), а и тајна Воена конвенција во Aтина (16 февруари 1868). Со Kонвенцијата биле утврдени силите, вооружувањето и координацијата на воените дејства, предвидени да се водат на целата територија на европските владеења на османлиската држава, прогласена за заедничко боиште. Притоа, главното внимание било посветено на военостратегиското значење на земјите меѓу Грција и Србија, посебно на Македонија, во која биле маркирани главните стратегиски правци: западен: Солун-Битола кон Охрид и Велес-Скопје; централен: Солун-Скопје-Приштина и јужен: Солун-утоката на р. Бистрица. По убиството на кнезот Михајло (1868) акцијата била прекината.[1][2]

Референци[уреди | уреди извор]

  1. Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави, Скопје, 2000;
  2. Гргур Jакшиќ, Војислав Вучковиќ, Спољна политика Србије за владе Михаила (Први балкански савез), Београд, 1967.