Бис Без
Бис Без | |
---|---|
Познат(а) и како | Бисери и Безимени |
Потекло | Скопје, Македонија |
Жанрови | хард рок, рокенрол, блуз рок, хеви метал |
Период на активност | 1964 | –1973, 1992 –1993, 2002 –2008
Поранешни членови | |
Ламбе Смилевски Константин Икономов Станислав Длака Димитар Чемков Димитар Попанков Стевче Јаневски |
Бис Без — македонска рок група создадена во 1964 г. во Скопје, под силно влијание на легендарните Битлси. Почетоците на македонскиот рок датираат од 60-тите години на минатиот век. Во тој период се формирани мали рок бендови кои со големи тешкотии се пробиваа на тогашната македонска музичка сцена. Еден од нив, кој успеаа меѓу првите да се афирмираа е Бис Без. Формирана е по распаѓањето на рок составите Бисери и Безимени. Од групата Бисери, во бендот, доаѓаат Станислав Длака (гитара) и Ламбе Смилевски (бас гитара), а од групата Безимени идат Константин Икономов – Коце (на гитара и клавијатури), Димитар Чемков – Циме (гитара), Димитар Попанков (тапани) и вокал Стевче Јаневски - Чивчи. Ова е првата постава на групата, но подоцна, во бендот членуваа и други музичари. Бис Без често беа споредувани со Битлси, но и со светски познатите Јардбрдси и Лед Цепелин. Овие називи ги добија и по тоа што гитаристите Длака, Коце и Циме се претставуваа како Ерик Клептон, Џеф Бек и Џими Пејџ. Бис Без се познати и по своите соло изведби, кои ги свиреа по повеќе од пет минути. Тоа е најзабележливо во песната „Било и Поминало“.
Создавање и почетоци (1964-1968)[уреди | уреди извор]
Бендот е формиран во 1964 година. По формирањето, во 1964 и 1965 год, Бис Без свиреа по локалните клубови и сали. Најчесто ги свиреа тогашните светски хитови на Битлси, Ролинг Стоунс, Да Ху и други. Во 1966 почнаа да ги пишуваат своите први песни. Некои од песните што ги пишуваа, претставуваа препеви на познати песни, но на македонски јазик. Првиот и единствениот албум „ШТО Е ВРЕВА“ излезе во 1973 г. во кој се наоѓаат 6 студиски синглови: „Добро Утро Ученичке“, „Пак Сум Вљубен Јас“, „Море Сокол Пие“, „Што Е Врева“, „Дал Да Плачам Ил Да Пеам“ и „Било и Поминало“.
Слава и прв прекин (1968-1973)[уреди | уреди извор]
Свиреа повеќе жанрови рок-музика, како хард рок, рокенрол, блуз рок, психаделик рок, поп рок, синт рок и хеви метал. Бис Без претставуваа прозорец кон светот на популарната музика. Кон крајот на 60-тите, оваа група почна да бара оригинален поп израз во својата музика, внесувајќи елементи од нашето фолклорно поднебје. Со нивното музицирање ги стекнаа симпатиите и кај тогаш постарата генерација. Во април 1968 г. Бис Без учествуваа на Југословенскиот поп рок фестивал во Загреб, свирејќи ја песната „Море Сокол Пие“. Во 1970 г. победија на "Загреб поп фестивалот" со најголемиот нивни хит „Дал да Плачам ил да Пеам“. Бис Без свиреа и станаа популарни во текот од 1964 до 1973 г. Прекинаа да свират во 1973-тата кога, како што велат членовите од групата, „запливаа во брачни води“.
Рејунион и расформирање (1992-2008)[уреди | уреди извор]
Во својата историја оваа група памети неколку прекини, за да во 1992-ата направи кам бек што го реализира со Музичката младина на Скопје во клубот "Хард рок". Истата година излезе нивната единствена касета. Двете најпознати нивни песни кои никогаш не излегоа како сигл, ниту во албумот, ниту пак во касетата се песните: „Зар ти Уште Чекаш“ и „Не Ме Оставај Мила“. Како што спомнавме, некои од песните на Бис Без биле кавери на познати песни, на македонски јазик. По една година, во 1993 повторно престанаа. Последниот рејунион го направија во 2002-ата кога свиреа по разни фестивали и свечености. Активно свиреа до 2008 година, кога на 62 годишна возраст почина басистот Ламбе Смилевски.
Изданија[уреди | уреди извор]
Информации за изданија на Бис-Без евидентирани од ВБУ Музички Регистар.
Други податоци[уреди | уреди извор]
Интересен е податокот за тоа, како Бис Без ја прифатија модата од светски познатите бендови. Во тоа време од радио само се слушаше, телевизијата беше во црно-бела боја, а посета на некој концерт во странство - научна фантастика. Поради тоа, не можејќи да видат каква точно облека носат тие бендови, им пишуваа писма на своите роднини во странство кои имаа телевизори во боја, а тие пак им кажуваа што носат и во какви бои. Почнаа да пуштаат долги коси, бакембарди, носеа тесни пантолони, кравати и штиркани кошули. На почетокот таа мода ја користеа само на своите настапи, но подоцна им стана секојдневие. Така Бис Без го започнаа тој нов имиџ во Македонија. Како група, секогаш беа заедно, свиреа по цели денови и тоа го правеа без да прават урнебеси. Секогаш контактираа со своите обожаватели и несебично даваа изјави за разни медиуми. Иако денес се малку подзаборавени, тие претставуваат основоположници на рок-музиката во Македонија. Исто така, тие се првите Македонци кои го популаризираа рокерскиот имиџ и модата на овие простори.