Адаптивна вредност

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Адаптивната вредност (често означувана со w во популациско-генетичките модели; на англ. fitness) е централна идеја во теоријата на еволуција. Таа ја опишува способноста на дадена единка со даден генотип да се размножи и обично соодветствува на релативниот удел на гените на единката од сите гени присутни во наредната генерација. Ако различностите во генотипот на единката укажуваат влијание на адаптивната вредност, тогаш релативната фреквенција на генотиповите ќе се изменува во следните генерации, бидејќи на тој начин генотипот со повисока адаптивна вредност станува почесто среќаван. Овој процес е познат како природна селекција.

Адаптивната вредност на единката се изразува преку неговиот фенотип. Имајќи предвид дека фенотипот се образува под влијание на генотипот и животната средина, адаптивната вредност на единки со еден ист генотип не мора секогаш да е еднаква, бидејќи зависи и од условите на средината во која тие живеат. Сепак, поради тоа што адаптивната вредност е просечна величина, таа ги одразува репродуктивните усилби на сите единки кои го имаат тој генотип.

Бидејќи адаптивната вредност се мери со бројот на копии на гените на дадена единка во следната генерација, не е од особено значење тоа на кој начин се одвива преносот на тие гени во неа. Односно, за единката е еднакво „погодно“ да се размножи самата или да помага на сродници, кои имаат слични гени, под услов, дека слични количества копии од гените на единката ќе преминат во следната генерација. Селекцијата која допринесува за овој вид помошно поведение се нарекува роднинска селекција.