Ѓаволовиот речник

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ѓаволовиот речник (англиски: The Devil's Dictionary) е книга на американскиот писател Емброуз Бирс од 1906 година. Првобитниот наслов на книгата бил „Речникот на циникот“ (The Cynic's Word Book). Книгата е објавена на македонски јазик во 2006 година, во издание на „Темплум“, како 46. книга во рамките на едицијата „Магма“. Преводот од англиски јазик го направил Димитар Самарџиев.

Технички одлики[уреди | уреди извор]

Збирката е печатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 190 страници. Книгата е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-902-85-2. Графичкото уредување и дизајн е дело на фирмата „Точка“. На задната корица е даден кус осврт врз книгата и попис на објавените книги во едицијата „Магма“.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата е напишана во форма на речник (лексикон) каде што поимите се распоредени по азбучен редослед. На крајот од книгата е дадена белешка за писателот и за делото.[1]

Извадоци од делото[уреди | уреди извор]

  • Амбиција – Сепреовладувачка желба да се биде навредуван од непријателите за време на животот, и исмејан до пријателите по смртта.[2]
  • Бандит – Личност која од личноста А насила го украла она што личноста А со лукавство го украла од личноста Б.[3]
  • Безбожништво – вашето непочитување на мојот Бог.[4]
  • Благодарност – Чувство што се наоѓа на половина пат меѓу услугата која тукушто ни е сторена и услугата која допрва ја очекуваме.[5]
  • Виновник – тој другиот.[6]
  • Врски – Една од двете работи кои се пресудни за успехот, особено во политиката. Другата работа се познанствата.[7]
  • Гласање – Инструмент и симбол на моќта на слободниот човек да направи будала од себеси и да ја упропасти сопствената земја.[8]
  • Грешка – Некој од моите прекршоци, за разлика од вашите, кои се злосторства.[9]
  • Доволно – Сè на светот, ако тоа го сакате.[10]
  • Злосторство – Главен чин во напредокот на човештвото.[11]
  • Катастрофа – Повеќе од вообичаено јасно и недвосмислено потсетување дека настаните во овој живот не зависат од нас. Постојат два вида катастрофи: нашата несреќа и туѓата среќа.[12]
  • Клеветење – Да се лаже за некого. Да се зборува вистина за некого.[13]
  • Метропола – Бастион на провинцијализмот.[14]
  • Мир – Во меѓународните односи, период на мамење меѓу две војни.[14]
  • Ненормален – Оној кој не се приспособува на стандардите. Во размислувањето и однесувањето, да се биде независен значи да се биде ненормален, а ненормален значи да се биде презрен.[15]
  • Одговорност – Товар што лесно се симнува од грбот и се префрла на Господ, Судбината, Среќата, Случајноста или својот ближен.[16]
  • Подарок – Нешто што се дава во очекување дека ќе се добие нешто подобро. Денешната уплата за утрешната услуга.[17]
  • Познајник – Личност која ја знаеме доволно добро за да и земеме нешто на заем, но не доволно добро за да и дадеме нешто на заем. Степен на пријателство кој се смета за низок кога се однесува на некој сиромашен или сомнителен, и се издигнува на степен на интимност кога се однесува на некој богат или познат.[18]
  • Политика – Конфликт на интереси што се камуфлира во судир на принципи. Водење на јавните работи за лична корист.[19]
  • Раѓање – Првата и најлошата од сите катастрофи.[20]
  • Сам – Во лошо друштво.[21]
  • Сеќавање - Повикување во меморијата на нешто, плус додатоци, што порано не сме го знаеле.[22]
  • Случајност – Неизбежна појава што се должи на дејството на непроменливите природни закони.[23]
  • Старост – Периодот од животот во кој се задоволуваме со гревовите што сè уште ги негуваме така што плукаме по оние за кои веќе не сме способни да ги правиме.[24]
  • Ум – Главната активност му се состои од обидите да се спознае самиот себе. Залудноста на овој напор произлегува од тоа што нема со што да се спознае освен со самиот себе.[25]
  • Успех – Единствениот непростлив грев на ближниот.[26]
  • Утеха – Сознанието дека подобар човек е понесреќен од вас.[26]
  • Фанатик – Некој кој упорно и фанатично е приврзан за мислењето со кое вие не се согласувате.[27]
  • Филозофија – Мрежа од многубројни патишта кои од Никаде водат Нигде.[28]

Критички осврт кон книгата[уреди | уреди извор]

Денес, „Ѓаволовиот речник“ се смета како класика која може да се чита како постмодернистички текст. Во тој поглед, книгата се одликува со преобликување на речникот како неуметничка форма во уметничко дело, мешање на книжевните родови, користење лажни цитати од уметнички и научни дела, алузии на постоечките уметнички дела и нивно пародизирање итн.[29]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006.
  2. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 7.
  3. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 10.
  4. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 13.
  5. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 14.
  6. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 19.
  7. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 22.
  8. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 25.
  9. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 31.
  10. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 39.
  11. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 58.
  12. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 73.
  13. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 74.
  14. 14,0 14,1 Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 92.
  15. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 100.
  16. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 110.
  17. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 121.
  18. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 122.
  19. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 123.
  20. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 133.
  21. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 144.
  22. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 148.
  23. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 153.
  24. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 158.
  25. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 167.
  26. 26,0 26,1 Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 169.
  27. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 170.
  28. Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 171.
  29. „Белешка за писателот“, во: Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 190.