Handbuch des Schachspiels

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Handbuch des Scachspiels“  
Handbuch des Schachspiels.jpg
Насловна страница на книгата
Автор Паул Рудолф фон Билгер
Наслов на
оригиналот
Handbuch des Scachspiels
Земја Flag of Germany (3-2 aspect ratio).svg Германска конфедерација
Јазик германски

Handbuch des Schachspiels (во превод: Шаховски прирачник) е шаховска книга од Паул Рудолф фон Билгер за прв пат издадена во 1843 година од страна на Тасило фон Хајдебранд унд дер Лаза. Содржината на делото претставува збирка материјали за историјата на шахот, варијанти од шаховските отворања и анализа на шаховските завршници. До денес се издадени осум изданија и две дополнувања.

Кратко по неговата појава, делото станало многу популарно, а од него учеле бројни идни видни шахисти. Влијанието на Handbuch des Schachspiels е големо и поради употребата на алгебарската нотација и табеларното претставување на шаховските варијанти, што станало пример за авторите на идните шаховски дела. Декади по неговото издавање, делото било еден од најважните прирачници за шаховските отворања,[а] а денес истото се смета за класика на шаховската литература.

Историја[уреди]

Концептот за создавањето на книгата го предложил Паул Рудолф фон Билгер, кој во 1830-тите се занимавал со собирање на шаховски материјали за создавање на книгата. Во тоа време, фон Билгер бил член на Берлинската шаховска заедница, кој заедно со уште шест германски интелектуалци станал дел од „Берлинските плејади“. Во 1840 година, фон Билгер починал, без делото да биде издадено, а неговата активност во собирањето на материјалите ја продолжил Тасило фон Хајдебранд унд дер Лаза, кој бил член на Берлинскиот шаховски клуб и на Берлинските плејади, заедно со фон Билгер. Во 1843 година, унд дер Лаза го издал делото, а како единствен автор го навел Паул Рудолф фон Билгер, но сепак се верува дека поголемиот дел од работата околу делото ја завршил унд дер Лаза, главно поради неговиот подоцнежен придонес кон шаховската литература.[1]

Содржина[уреди]

Делото е поделено на два големи дела, кон кои читателот е воведен преку воведен дел.

Во воведниот дел читателот е запознаен со развојот, односно историјата на шахот до издавањето на книгата.

Веднаш по воведот следува првиот дел, во кој е претставен табеларен преглед на дотогаш познатите и најчесто играни варијанти од отворањата. По табеларниот преглед следува детална анализа на секоја варијанта, за чијашто цел се анализирани одделни шаховски партии, во кои овие варијанти биле одиграни.

Вториот дел е посветен на играта во завршницата. Слично како и првиот дел и овој содржи детална анализа на бројни варијанти од завршницата, кои дотогаш биле играни или биле предмет на анализа.

Изданија[уреди]

Како главен уредник, унд дер Лаза бил заслужен за издавање на следните четири изданија на книгата, кои биле издадени во 1852, 1858, 1864 и 1874 година. Второто и третото издание биле издадени во Берлин, додека третото и четвртото во Лајпциг. За петтото издание, унд дер Лаза собрал околу 10.000 партии кои биле достапни во весниците и другите записи, не само на германски туку и на други јазици. До петтото издание, унд дер Лаза не се додал себеси како коавтор на делото, па така како единствен автор и натаму останал само фон Билгер.

Шестото издание било издадено во 1880 година, под уредништво на Константин Шведе, а седмото било издадено во 1891 година од страна на Емил Шалоп, кому му помогнал Луј Паулсен. Ревизијата и осмото издание ги изготвил Карл Шлехтер, кој во 1910 година загубил во мечот за светски првак против светскиот првак Емануел Ласкер. Ова издание било издадено во единаесет продолженија во периодот од 1912 до 1916 година и броело 1040 страници. Содржело оригинални анализи од во тоа време водечките шахисти како Рудолф Шпилман, Зигберт Тараш и Рихард Тајхман, како и историски материјали од Јоханес Коц. Интернационалниот мајстор Вилијам Хартстон, осмото издание го опишал како:

„одлично и можеби последно дело коешто го содржи целото шаховско знаење во еден том.“[2]

По осмото издание, се појавиле уште две дополнувања на делото. Првото дополнето издание било изготвено од страна на Жак Мизес во 1921 година, а второто од Ханс Кмох во 1930 година.

Белешки[уреди]

  • а  Делото Handbuch des Schachspiels било доминантен прирачник за шаховските отворања долго време, но подоцна било заменето со бројни други влијателни дела, во кои се вбројуваат и делата Модерни шаховски отворања и Практични шаховски отворања.[3] Во јуни 1847 година, четири години по издавањето на првото изднание на делото Handbuch des Schachspiels, Хауард Стаутон во воведот од својата расправа Прирачник за шахистот, за фон Билгеровото дело запишал:

„дело, кое без оглед дали служи за истражување, советување или сано претставува методичка целина при неговото составување, опстојува без ривалство, како единствено.“[4]

Наводи[уреди]

  1. Handbuch Des Schachspiels Von P. R. Von Bilguer Book Description
  2. William Hartston, The Kings of Chess, Harper & Row, 1985, стр. 87. ISBN 0-06-015358-X.
  3. I.A. Horowitz, Chess Openings: Theory and Practice, Simon and Schuster, 1964, стр. VII
  4. Howard Staunton, The Chess-Player's Handbook, George Bell & Sons (второ из. 1848), стр. v