Црква „Св. Архангел Михаил“ - Чичево

Координати: 41°33′49″N 21°51′55″E / 41.56361° СГШ; 21.86528° ИГД / 41.56361; 21.86528
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Архангел Михаил

Поглед на главната манастирска црква „Св. Архангел Михаил“ на Чичевскиот манастир

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Градска
Местоположба

Карта

Место Горно Чичево
Општина Градско
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Архангел Михаил
Изградба 1861
Архитектонски опис

Црква „Св. Архангел Михаил“ - Чичево — главна манастирска црква на Чичевскиот манастир, сместен во атарот на селото Горно Чичево.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата е изградена во 1861 година од страна на познатиот мајстор Андреја Дамјанов, кој е еден од најголемите градители на верски објекти на Балканот.

Црквата во 1981 година била прогласена за споменик на културата, додека во 2013 година била донесена одлука за нејзино целосно обновување, вклучувајќи ги и иконите во објектот.[1] Иако била дадена ваква најава, сепак до 2016 година, не биле отпочнати самите зафати на црквата.

Во 2016 година, пак, црквата и целокупниот манастир влегле во годишната програма на Министерството за култура.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Поглед кон влезот на црквата

И покрај тоа што манастирот е осамен и на прилична оддалеченост од населбите и погледите на луѓето, црквата е моделирана со голема внимателност, што ја потврдува исклучителната професионалност на архитектот Дамјанов. Имено, негативниот момент на зафрленоста на локацијата тој го искористува во позитивна смисла - изградува црква во чиј просторен склоп доминираат пет силно нагласени куполи. Секоја од куполите ја подигнал на многу висок тамбур, а потоа ја закитил со симболот на христијанството - крстот. Ова не било можно да се изведе во јадрата на градските и руралните средини, бидејќи тогашната отоманска регулатива не дозволувала видливо презентирање на христијанскиот симболизам во надворешната силуета на градбите. Тоа значело забрана за видливи куполи, крстови и сл.[3]

Имајќи ги на една страна овие можности кои произлегле од локацијата, на друга страна длабоките византиски традиции за канонизирана симболичност во одредувањето на основата на црквите, а на трета страна потребата за релативно мал капацитет на црквата, Дамјанов се одлучува за модел во облик на издолжен впишан крст во пет куполи.

Изборот на петкуполна градба е поврзан со неговото добро познавање на традициите во средновековната архитектура во Македонија и на фактот дека таа е подрачје во кое концентрирано се граделе многу ретките сложени градби со пет куполи. Односно, како што во средновековието Венеција ја добила петкуполната Св. Марко, како што Франција ја добила Св. Фронт во Периге или Цариград ги добил Св.Апостоли и Неа, така Македонија ги добила Св. Пантелејмон во Нерези (12 век), Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане (14 век), Успение на Пресвета Богородица во Матејче (14 век).

Но, црквата не претставува средновековна копија. Целокупната архитектура е плод на модерен обликовен јазик. Модерната транспозиција отпочнува во основата која е силно издолжена наспроти византиските решенија со што внатрешниот простор се доживува многу повеќе базиликално отколку централно, а што е во сообразност со тогашните архитектонски трендови. Понатаму, црквата е со нагласена височина со што се постигнал ефект на голема просторност наспроти византиска збиеност.

Петте куполи внесуваат огромна количина на светлина во внатрешноста со што во објектот е внесено чувство на ведрина наспроти мистиката на средновековието. Овој елемент на ведрина е суштествено важен и во сообразност со духовниот возлет на преродбенската епоха. Високите и снажни камени столбови на кои лежат пандантифите за централната купола имаат капители кои по својата форма се повеќе западноевропски, но многу софистицирано прилагодени на вкусот на домашната традиција - без пластична декорација.

Надворешната силуета е означена со петте куполи и нивните високи елегантни тамбури. Централната купола е поголема и двојно повисока од останатите.

Симболичната нагласка на христијанството изразена со куполите и крстовите во оваа црква има и звучно физички елемент. Тоа е кулата - камбанарија поставена централно на западната фасада при влезот.

Во моделирањето на фасадите се чувствува присуство на елементи од европската еклектика. Тоа се школасто вовлечените апсидни ѕидови, пиластрите, венците, триаголните тимпани во надвенечната партија итн.

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешност
Внатрешноста

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Т., Д. (17 септември 2013). „Ќе се реставрира храмот на најголемиот балкански градител“. Вечер. Скопје: Вечер Прес. Посетено на 22 февруари 2016.[мртва врска]
  2. К. Илиевски, Игор (27 јануари 2016). „Годинава ќе се обновува Трескавец, ќе се заштитат 45 цркви и манастири“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 22 февруари 2016.[мртва врска]
  3. Jasmina., Hadžieva-Aleksievska; Јасмина., Хаџиева-Алексиевска; 1813-1878., Дамјанов, Андреја; Елизабета., Касапова (2001). Arhitekt Andreja Damjanov, 1813-1878. Skopje: J. Hadžieva Aleksievska, E. Kasapova. ISBN 9989962413. OCLC 52760451.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

41°33′49″N 21°51′55″E / 41.56361° СГШ; 21.86528° ИГД / 41.56361; 21.86528