Француска преса

Од Википедија — слободната енциклопедија
Француска преса

Француска преса или кафетиер — направа за приготвување на кафе популаризирана во Франција. Ракувањето со неа е едноставно и дава посилно кафе од другите направи.

Француската преса се состои од цилиндричен бокал направен од стакло или проѕирна пластика, со капак и клип кој точно пасува во цилиндарот и е направен од фина метална мрежа или најлон, која служи како филтер. Кафето се приготвува така што ги ставаме кафето и врелата вода заедно, ги оставаме неколку минути, па потоа го притискаме клипот надолу за да го заглавиме талогот и со тоа да го одвоиме од течноста.

Бидејќи смеленото кафе е во директен контакт со водата, вака приготвеното кафе добива повеќе вкус и етерични масла, кои инаку би останале во книжните филтри доколку користиме кафемат. Кафето од француска преса е посилно, погусто и поталожно од филтрираното кафе. Бидејќи користената меленица останува во кафето, кафето од француска преса мора да се послужи веднаш, инаку станува горко заради преголема екстракција. Типичната француска преса за 8 шолји се смета за непивлива по 20 минути стоење.

Кафето за француска преса треба да биде рамномерно и грубо мелено. Тоа треба да биде погрубо мелено од она за кафемати, а многу погрубо мелено од она за еспресо и турско кафе бидејќи фино меленото кафе може да избега преку мрежата.

Француската преса е попренослива од другите направи за кафе, и е повеќе самофункционална. Постојат и француски преси во облик на патни термос-чашки направени од силна пластика, и имаат херметички капаци со отвор за пиење.

И покрај името, француската преса не е попопуларна во Франција отколку во други земји. Во француските домови кафето обично се приготвува со кафемати со филтер. Во кафулињата и рестораните се употребува еспресо машина.

Француската преса може да се користи и наместо чајно јајце, за приготвување на рефус чај.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]