Тоде Кабровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тоде Кабровски
Роден 8 јануари 1945
Горно Ореово, Битолско, Југославија
Националност Македонец
Занимање национален деец

Тоде Кабровски (роден на 8 јануари 1945 година во Горно Ореово, Битолско) — македонски просветен и културно-национален деец во Австралија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

По завршувањето на Учителската школа (1964) и на Вишата педагошка школа (на Групата за историја и географија) во Битола (1967), во 1969 година се иселил во Австралија (Рокдаел, Нов Јужен Велс) и 36 години работел во Телстра корпорејшен лимитед односно автралискиот „Телеком“. Бил еден од иницијаторите за отворање на првото етничко училиште на македонски јазик во Нов Јужен Велс (1975) и учител во разни македонски основни етнички училишта и наставник во гимназијата во Когра (1976-2004). Исто така бил и еден од иницијаторите за формирање на Македонскиот просветно-училиштен одбор за НЈВ и негов потпретседател и претседател (1978-2004), член на комисиите за изработка на наставен план и програма за средните училишта и за проверка на испитите, соавтор на неколку учебника за македонските етнички училишта и член или раководител во разни македонски културно-уметнички, добротворни и други друштва и организации.

Тоде Кабровски е добитник на голем број награди и признанија:

  • Златна плакета од Матицата на иселеници од Македонија во 1985 година
  • Благодарница од Министерството за образование на Република Македонија во 2006 година
  • Златно сонце од Македонскиот именик во 1997 година
  • Признание од Македонскиот просветно-училиштен одбор за Нов Јужен Велс
  • Благодарница и статуетка на заслужните „Мајка Тереза“
  • Признание почесен претседател од Македонскиот просветно-училиштен одбор за НЈВ
  • Медал „Свети Климент Охридски“ од Министерството за иселеништво на Република Македонија

Освен непосредниот ангажман во изведувањето на наставата по македонски јазик, Кабровски оставил белег и како автор и соавтор на учебници и неколку книги, како што се:

  • Светилник 1,2 и 3 и Културата на македонскиот народ“ во соработка со проф. д-р Георги Сталев
  • „Тајната на зборот“

Денес Тоде Кабровски е почесен претседател на Македонскиот просветно–училиштен одбор за Нов Јужен Велс и активен член на Македонската православна црква „Света Петка“ во Рокдејл.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Кабровски“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 655. Text "series " ignored (help)