Стара џамија (Симница)

Координати: 41°43′12″N 20°52′42″E / 41.72000° СГШ; 20.87833° ИГД / 41.72000; 20.87833
Од Википедија — слободната енциклопедија
Стара џамија (Симница)

Поглед на селската џамија

Координати: 41°43′12″N 20°52′42″E / 41.72000° СГШ; 20.87833° ИГД / 41.72000; 20.87833
Место Симница
Општина Општина Гостивар
Држава Македонија
Местоположба

Карта

Правец сунитски ислам
Архитектура
Стил османлиски
Минариња 1

Стара џамија (Симница) — стара османлиска џамија, една од двете џамии во селото Симница, во Општина Гостивар, Македонија.[1]

Џамијата е прогласена за значајно културно наследство на Македонија.[2]

Денес не работи како храм, и верските потреби на селаните се задоволуваат во новата џамија.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Џамијата има правоаголен облик и се состои од отворено високо приземје и махвил (галерија) на кат. На северозападниот дел се наоѓа тремот (хајатот), кој се потпира на четири дрвени столбови. Хајатот служи за намаз и молитви, ако во храмот нема место или за оние што задоцниле. Од него се влегува во самата џамија. Махвилот зазема место во северозападната страна над влезот на салата за молитви во целата нејзина широчина. Махвилот е изведен од дрвени греди, кои од горната страна попримаат облога од штици за подна конструкција. До него се стигнува преку скали, кои се наоѓаат во западниот дел на џамијата.[2]

На спротивната страна се наоѓа михработ, вдлабнат во ѕид во облик на триаголник, долниот дел разубавен со штици, додека во останатиот дел се појавуваат украсни елементи со мотиви на цвеќе и натписи на арапски јазик. Свртени кон михработ, имамот и верниците ги вршат заедничките верски молитви. Мимберот се наоѓа во западниот агол на џамијата и е изграден од дрво, се состои од скали и врата покриена со завеса. Тој служи за верски проповеди од каде во петоците и во првиот ден од двата Бајрама, имамот држи предавања.[2]

Минарето има едно шерефе (балкон), кое се наоѓа на југозападниот агол на џамијата.[2]

Градбата на џамијата е извршена од камен, кал, слама, дрво и други градежни материјали од тоа време. Конструкцијата на џамијата е мешовита, се состои од масивни камени ѕидови што подразбира камен-темелник и дрвена бондручна конструкција во внатрешноста, додека покривната конструкција се состои од дрвени диреци и греди со потенцирана исфрлена стреа, покриена со керамиди. Минарето е изградено од бигоров камен, додека највисокиот дел кој се појавува во пирамидален облик е изработен од поцинкуван лим.[2]

Фазата не е богато обработена и е обоена со бела боја.[2]

Внатрешност[уреди | уреди извор]

Во внатрешноста подот е изведен од штици, врз кои се поставени килими. Таванот е рамен, дрвен, едноставно изведен од профилирани штици со средишно поставена розета. Внатрешната светлина во џамијата доаѓа преку прозорците, кои се поставени на четирите ѕидови во облик на четириаголник. Внатрешните ѕидови во долниот дел се од дрвени панели (ламперии), додека другиот дел од ѕидот е покриен со малтер во бела боја.[2]

Состојба[уреди | уреди извор]

Носивите ѕидови од камена ѕидарија се одликуваат со видливи оштетувања, како од надворешната, така и од внатрешната страна. Оштетувањата кај надворешните ѕидови се манифестираат со појава на одвојувања и отпаѓање на фрагменти од малтерот на североисточната, југоисточната, југозападната и северозападната фасада. Видливи се дополнителни интервенции и на останатите фасадни површини од џамијата со кои се извршило премалтерисување на поедини делови од зидовите (североисточната и југозападната фасада).[2]

Одредени оштетувања се појавуваат и кај вертикалното истакнување на џамијата односно минарето, конкретно на шерефот (балконот) од надворешната страна.[2]

Во 1980 година бил заменет кровот на џамијата, кога биле поставени керамиди, наместо дотогашната слама. Во подоцнежните години извршена е изградба на гостинската просторија, прилепена на дел од северозападниот ѕид од џамијата.[2]

Дрвените и украсните елементи во ентериерниот простор, заради отсуството на редовно одржување се наоѓаат во исклучително лоша состојба.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 75.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 „Стара џамија во с. Симница“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2017-08-18. Посетено на 18 август 2017.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]