Птици (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Птици“
The Birds original poster.jpg
Постер од филмот (1963)
Режирано од Алфред Хичкок
Продуцент Алфред Хичкок
Настапуваат Род Тејлор
Типи Хедрен
Џесика Тенди
Сузан Плешет
Вероника Картрајт
Монтажа Џорџ Томасини
Дистрибутер Universal Pictures
Премиера март 28 1963 (1963-03-28)
Времетраење 119 минути
Држава Flag of the United States.svg САД
Јазик англиски
Буџет 3.300.000 $
Бруто заработка 11.403.529 $

Птициамерикански трилер/хорор филм, еден од најпознатите на британскиот режисер Алфред Хичкок. Снимен е во 1963 година според новелата на британската писателка Дафни ду Морие од 1952 година каде се опишува животот на една фамилија на нивната фарма на брегот на Корнвол, Англија која одненадеж е повеќекратно во бранови напаѓана од морски птици (галеби, врапчиња и гаврани).

Дејство[уреди]

Мелани Даниелс (Типи Хедрен) е ќерка на богат бизнисмен, сопственик на најголемата издавачка куќа на весници во Сан Франциско. Нејзе ја следат многу афери за кои знае целата јавност, а истите редовно се објавуваат во дневните весници од другите конкурентски издавачки куќи. За неа знае и адвокатот Мич Бренер (Род Тејлор), кој ја среќава убавата Мелани во продавница за куќни миленици. Мич сака да купи еден пар заљубени птици по повод роденденот на сестра сѝ Кати Бренер (Вероника Картрајт), додека Мелани се обидува да му се претстави како експерт за птици. Незадоволен од ”услугата на продавачката” во продавницата, Мич се решава за подарок да купи нешто друго. Заминувајќи дома, Мелани ја забележува регистарската табличка од возилото на Мич, податоци доволни за новинарите кои работат кај татко ѝ да ѝ ги дадат сите информации кои ги посакува.

Мич е млад, згоден и перспективен адвокат, кој живее и работи во Сан Франциско, а за викенд си оди дома 100 километри северно во Бодега Беј, каде има куќа во која живее сестра му Кати и мајка му Лидија Бренер (Џесика Тенди). Знаејќи го ова, Мелани сака да го изненади и оди во потрага по Мич.

Шетајќи се по улиците на Бодега Беј, барајќи ја куќата на Мич, Мелани ја среќава Ани Хејворт (Сузан Плешет), поранешна девојка на Мич. Ани е учителка во локалното училиште, живее сама во голема куќа и издава соби на посетителите на Бодега Беј. Истовремено небото над Бодега Беј е преполно со галеби кои нервозно летаат во сите правци, вознемирени од олујата на морската пучина, барајќи мир на копното.

Мелани кришум со кајче успева да дојде до куќата на Мич, оставајќи го изненадувачкиот подарок (кафез со пар заљубени птици), но Мич успева да ја лоцира Мелани и со возилото се упатува на спротивната страна од брегот каде Мелани треба да го врати позајменото кајче. Додека управува со кајчето, Мелани е нападната од галеб и со крвава глава стигнува на брегот. Мич и притекнува напомош и по мала интервенција во локалната кафеана, Мич ја кани Мелани дома на вечера, што Мелани со задоволство прифаќа.

Мајка му Лидија ја препознава Мелани од аферите во дневните печати и не е многу одушевена од нејзиното присуство кај нив дома, но не може да се воздржи од нејзината убавина, како и од гестот со изненадувачкиот подарок. Мелани го забележува тоа и инсистира да оди да ноќева во изнајмената соба кај учителката Ани бидејќи мора утредента да заминува дома во Сан Франциско и покрај поканата од малата Кати да остане да ноќева во нивната куќа. Додека нервозно разговара со Ани за тоа како поминала на вечера кај Мич, зазвонува телефонот на Ани. Мич се извинува на Мелани за дрското однесување на неговата мајка Лидија и истовремено ја кани утредента попладне да присуствува на роденденот на Кати. Во тој момент силен удар во вратата ја потресува куќата на Ани, тоа е еден огромен мртов галеб.

На роденденската забава на Кати организирана во дворот од семејната куќа присуствуваат сите деца од училиштето, поканетата Мелани, како и учителката Ани. Видливо е присуството на големо јато нервозни галеби. Одеднаш галебите ги напаѓаат сите присутни, кои спас наоѓаат криејќи се во куќата. Сериозни последици нема освен некоклу мали огреботини кај децата. Сите се збунети што се случува!?! Вечерта со затворени прозорци и врати сите се чувствуваат безбедно во куќата додека вечераат. Мајката Лидија забележува дека заљубените птици воопшто не сакаат да јадат. Одеднаш роеви гладни и нервозни врапчиња влегуваат низ оџакот од каминот и ги напаѓаат присутните. Повторно, сериозни последици нема освен што сите се многу исплашени и вознемирени. Предизвикан е голем неред и штета во домот. Испаничени го повикуваат локалниот заменик шериф Ал Мелоун (Малком Етербури) кој ги разбира поплаките на Мич, верува дека е така, но не знае како би можел да им помогне. Евидентно е дека мајката Лидија жали за скапите искшени порцелански сервиси, почнувајќи суеверно да се сомнева дека сево ова птиците го прават предизвикани од Мелани. Мелани се решава да остане да ноќева кај Мич за да ја смири видно вознемирената Кати.

Утредента Мич не заминува на работа во Сан Франциско, ниту пак Мелани заминува дома. Мич пали посевина во дворот за да предизвика чад кој би ги одвратил разбеснетите птици од нивниот дом, се додека ситуацијата не се смири. Истовремено мајка му Лидија не може да ја гледа Мелани во нивната куќа, нервозно со возило оди на фармата на соседот Дан Фоукот да го посети и провери дали и кај него со птиците се случуваат чудни работи. Влегувајќи во куќата на Дан, Лидија забележува голем неред. Прозорците се искшени, покуќнината уништена. Мртви галеби на сите страни. Во една од собите го наоѓа мртвото тело на Дан, крваво и масакрирано. Лудо вознемирена Лидија се враќа дома сакајќи да се смири, но грозните настани ја загрижуваат, што понатаму ако ова вака продолжи? Мелани оди во училиштето да види каква е таму ситуацијата, дали децата (и Кати со нив) се доволно безбедни. Не забележува ништо страшно. Чекајќи во дворот на клупа да заврши часот, јато нервозни гаврани се собираат на лулашките од училишниот двор и по околните бандери, но се е мирно, ништо не навестува дека ќе се случи напад кога децата ќе излезат од училиштето. Мелани со две раскрварени девојчиња спасот го наоѓа во едно возило, сите останати трчаат до локалната кафеана, а учителката Ани и Кати се упатуваат кон домот на Ани.

Во кафеаната доаѓаат многу од жителите на Бодега Беј, додека дискутираат како би започнале војна против птиците, војна за која граѓаните се свесни дека не би можеле да ја добијат, но можеби времено би ги решила проблемите, надвор се случуваат напади од птици врз луѓето на улиците. Нападнати се и работниците на бензиската станица, предизвикани се експлозии на неколку автомобили (вклучувајќи го и автомобилот на Мич) и голем пожар. Ниту пожарникарите не можат да ја вршат својата работа. Мелани е во потрага по Кати, но се спасува од разбеснетите галеби влегувајќи во телефонска говорница. Ситуацијата се смирува, потрагата по Кати продолжува до куќата на учителката Ани каде во дворот Мич и Мелани го наоѓаат масакрираното тело на Ани од напади на гаврани. Кати видно вознемирена плачејќи излегува од куќата на својата учителка. Мич ги барикадира прозорците и вратите од својата куќа и пали голем оган во каминот за топлината да ги одврати птиците од напади преку оџакот. Сепак вечерта се случува уште еден крвав напад на птиците. Мелани е тешко повредена во обид да ги спречи птиците да продрат внатре преку таванската соба. Таа е во безсознание, Мич во последен момент наидува и ѝ го спасува животот. Преживуваат уште една ноќ полна со трауми. Решаваат да го напуштат местото.

Рано утредента Мич оди во гаражата да го подготви возилото на Мелани за да побегнат. На радиото слуша вести дека имало крвави напади на птици на повеќе места, не само во Бодега Беј.

И покрај сè што преживеаја претходните денови, Кати инсистира да го понесе со себе кафезот со двете заљубени птици, подарокот од Мелани, затоа што и покрај тоа што се птици, тие се невини.

Улоги[уреди]

Друго[уреди]

Како во секој од своите филмови, Алфред Хичкок има свој камео. На почетокот од филмот кога Мелани влегува во продавницата за куќни миленици, тој излегува од продавницата водејќи две бели кученца.

За време на снимањето на филмот Вероника Картрајт го прославува својот 13-ти роденден, а во филмот толкувајќи ја улогата на Кати Бренер го слави 11-тиот роденден.

По снимањето на овој филм, Типи Хедрен станала голема активистка во борбата за правата на животните. Во една сцена од филмот, граѓаните на Бодега Беј се засолнуваат во локалната кафеана и размислуваат да земат пушки сачмарки и да ги испоубијат сите птици (битка што не можат да ја добијат). Мелани (Типи Хедрен) им вели дека птиците не се виновни, тие се на планетата уште од времето на археоптерис.

Надворешни врски[уреди]