Носии од Малешево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Маж и жена во носии од с. Црник, Малешевијата (1916)

Оваа носија била носена во Малешевијата, денеска во териториите на општините Берово и Пехчево (со исклучок на селото Панчарево).

Женската носија

Женскиот рувет се состои од бела памучна кошула, долга до средината на листовите и украсена со везови, антерија изработена од домашна ткаенина „алаџа“ со црвени, зелени и црни пруги, фустан исто така направен од „алаџа“, долг до под колена и украсен со пруги на црвена основа.

Невестинска носија од Малешево

Над него се носело појас од волнена преѓа, сличен на машкиот, но потесен, пократок и „препашан на дипли“. Исто така носеле скутина „фута“, ткаена од тенка волнена преѓа од кои има фута со прави шарки и фута со тн. „влашки шар“, од кои најзастапен вид бил првиот вид.

На нозете носеле црвени/винести (боја) чорапи ткаени од преѓа, долги до под колена, а на главата се носело платнена шамија (тн. „мумлија“) – бела за млади моми, а црна за постари жени. Исто така жените носеле фес за време на празници. [1]

Машката носија

Машката носија е составена од минтан (долна допојасна облека) направен од пругаста волнена домашна ткаенина „алаџа“ (вертикални сино-бели пруги), бела памучна кошула „френска“, носена вовлечена во потурите, потури (наликуваат на бечви) од црн/син шајак, украсени со црни гајтани по рабовите и на долниот дел на ногавиците (секојдневни потури имале 4 гајтани, а празнични имале повеќе), појас ткаен од волнена преѓа на морова основа, долама од шајак, долга до колената и носена во летно време, а старите мажи носеле црно џубе од јагнешка кожа, либаде (допојасна облека) од црна јагнешка кожа носена во зимно време, чорапи од бела преѓа, високи над глуждовите.

Старите луѓе носеле големи рунтави капи „гугли“ издигнати со врв, а младите носеле помали капи во вид на фес. [1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Здравев, Ѓорѓи (1996). „Македонски Народни Носии I“. Скопје: МАТИЦА МАКЕДОНСКА. стр. 164, 165 и 166.

Надворешни слики[уреди | уреди извор]