Носии од Славиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Празнична носија од село Жидилово, Кривопаланечко

Носијата во Источниот дел на Славиште се одделува од останатиот дел на славишката котлина по својата форма, кројни елементи, начинот на украсување и колорит. [1]

Женска носија во Етномузејот во с. Подмочани

Женската носија

Во селата околу Крива Паланка, означени во народот како Источен дел на Славиште, женската носија се одликува со карактеристични белези на шопските носии - рамно кроена бела платнена кошула и шајак од црна клашна, долг до под колена, со куси ракави, украсен на градите и на ракавите со апликации од волнени гајтани и срма.

Појасот е од волнена и конопна, пругасто - шарена ткаенина, а скутината означена како скутача е украсена со ситни шарки, меѓу кои има и китки од срмени конци. Зимска и празнична облека е безракавно џубе, долго до колена, од црна клашна, со украси од гајтани и срма. [2]

Машката носија

Мажите од овој предел носеле бела платнена кошула од памук или коноп, носена вовлечена во чаширите кои биле направени од црн или кафеав шајак. Над кошулата се носело елек кој бил долг до појасот и ткаен од кафеав шајак со црни гајтани околу предните рабови и тие околу вратот, а над сета горна облека се носело доламка од кафеав шајак со долги ракави.

Околу половината се носело појас од црвена волнена преѓа со вркстени шарки, на нозете носеле волнени чорапи со „алова“ црвена основа целосно покриена со шари. На главата се носело шубара која за младоженците била китена со синџир на кој биле прикачени сребрени пари со китка шишмир. Младоженците исто така носеле јашмак, вид на горна облека китена со шишмир, а сточарите носеле кушљак од дебел кафеав шајак (носена само од возрасните мажи). [1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев“.
  2. Народни носии од Средна и Источна Македонија, Посетено на 2023-06-16

Надворешни врски[уреди | уреди извор]