Левица (политика)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Левицата е сегмент од политичкиот спектар кого го сочинуваат политичките теории кои се стремат кон подобрување на животот на широкото мнозинство од населението преку залагање за повеќе рамноправност и повеќе слобода за припадниците на општеството во споредба со постојната состојба. Како дел од левицата обично се класифицираат социјалдемократијата, демократскиот социјализам, комунизмот, анархизмот и дел од зелените теории.

Покрај за означување на сегмент од политичкиот спектар, како левица се означуваат и фракциите или крилата во рамките на дадена политичка теорија или политички субјекти кои во однос на останатите припадници на своите матични теории или субјекти застапуваат ставови кои повеќе ги земаат во обѕир интересите на народните маси, или се послободарски или поегалитарни. Сепак, во таквите случаи треба да се има предвид дека нечие лево крило може да пројавува помалку левичарски карактеристики од десното крило на некој друг субјект.

Составот на левицата не е непроменлив и се менува како со текот на времето така и во однос на различни култури и земји. Либерализмот на своите почетоци, во услови на апсолутистичките режими пред Француската револуција, претставувал левица, но по воведувањето на капитализмот, преминал во центарот. Исто така, во одредени традиционални и конзервативни земји, она што во понапредните земји би се сметало за етаблирано и дел од центарот, би се третирало како радикално и левичарско. Сепак, при земањето предвид на ваквите национални варијации, треба секогаш да се внимава на глобалниот контекст.

Поделба на левицата[уреди]

Левичарските теории можат да се поделат на повеќе начини:

  • Умерена и радикална левица. Умерената левица се залага за релативно мали менувања на постојната ситуација во насока на слободата, рамноправноста и интересите на народните маси, додека концепциите на радикалната левица вклучуваат планови за темелни промени на општеството во дадената насока. Умерена левица се социјалдемократите и главнината од лево-ориентираните Зелени, а радикална левица се анархистите, комунистите и демократските социјалисти.
  • Прокапиталистичка и социјалистичка левица. Ако дадена левичарска теорија намерава да ги спроведе своите замисли во рамките на капиталистичкиот поредок, тогаш таа се смета за прокапиталистичка левица, а ако предвидува негова трансформација во социјалистичко општество, во широка смисла на зборот, тогаш се смета за социјалистичка левица. Оваа поделба често се совпаѓа со поделбата на умерена и радикална левица.
  • Реформистичка и револуционерна левица. Ако се смета дека основните цели можат да се остварат само преку револуција, тогаш се работи за револуционерна левица, додека ако се смета дека тоа може да се постигне по пат на реформи - се работи за реформистичка левица. При ваквото одредување сепак мора да се спомне дека оние левичари кои се залагаат за радикални промени, но преку мирољубиви средства, можат да инсистираат дека и тие се револуционерна левица, бидејќи нивните концепции подразбираат квалитативна, револуционерна промена во општественото уредување, без разлика што го преферираат реформскиот пред револуционерниот пат. Реформистичка левица се социјалдемократите, главнината од лево-ориентираните Зелени и демократските социјалисти, додека револуционерна левица се анархистите и комунистите. Сепак, постојат и анархисти и комунисти кои поради своите залагања за ненасилни промени, би се сметале за реформистичка левица.
  • Демократска и недемократска левица. При оваа поделба се поставува прашањето дали се работи за начинот на остварување на промените, или за карактерот на општеството што се сака да се воведе. Имајќи го предвид првиот контекст, ако се смета дека промените треба да се спроведат преку користење на демократските механизми, се работи за демократска левица, а ако се смета дека „буржоаската“ демократија е измама и се намерава да се доаѓа на власт со вонинституционални мерки - за недемократска левица. Од друга страна, имајќи го предвид вториот контекст, начелно целата левица би била демократска, но откако комунистите, доаѓајќи на власт не само што не ја продлабочија демократијата, туку и ја укинаа, воведувајќи тоталитарни режими наместо тоа, оваа поделба има своја смисла при што на едната страна се комунистите како недемократска, а на другата останатите левичари како демократска левица. Сепак, тука се поставува едно принципиелно прашање: колку една теорија што воведува недемократски режим може да се смета за левичарска, имајќи го предвид дефинирањето на левицата како сегмент што се залага за зголемување на слободата.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]