Индолен тест

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Индолниот тест е биохемиски тест кој се изведува на бактериските видови со цел одредување на способноста на организмот да го раздвои индолот од аминокиселината триптофан. Ова раздвојување се изведува од страна на неколку различни внатреклеточни ензими, ензимски систем најчесто означен како триптофаназа.

Овој тест е дел од IMViC биохемискиот сериски тест за одредување на фекални колиформни бактерии во вода.

Биохемија[уреди]

Индолот се добива со редуктивна деаминација од триптофанот преку интермедиерната молекула индолпирогроздова киселина. Триптофаназата ја катализира деаминациската реакција при која амино-групата (-NH2) од триптофанската молекула се отстранува. Крајни производи од реакцијата се индолот, пирогроздова киселина, амонијак (NH3) и енергија. Пиридоксал фосфатот е потребен како коензим.

Indole.PNG

Изведување на тестот[уреди]

Како и многу други биохемиски тестови кои се изведуваат врз бактерии, резултатот од индолниот тест се забележува како промена на бојата проследено со реакција на додадениот реагенс.

Чистата бактериска култура мора да се расте на стерилен триптофански или пептонски бујон за време од 24-48 часа пред изведувањето на тестот. По инкубацијата се додаваат 5 капки од Ковачевиот реагенс (изоамил алкохол, p-диметиламинобензалдехид, концентрирана хлороводородна киселина) во бујонот со бактериска култура.

Кога се работи со неферментативни и анаеробни бактерии, тогаш се користи Ерлиховиот реагенс (наместо изоамил алкохол има етил алкохол)

Позитивен резултат се добива кога има присуство на црвена или црвено-виолетова боја во површинскиот алкохолен слој на бујонот. Негативен резултат има кога бојата е жолта. Може да се добие и варијабилен резултат со портокалова боја. Ова е поради присуството на скатол, познат и како метил индол или метилиран индол, друг можен производ на разградувањето на триптофанот.

Индол-позитивни бактерии[уреди]

Бактерии кои даваат позитивен тест за раздвојување на индолот од триптофанот се: Aeromonas hydrophilia, Aeromonas punctata, Bacillus alvei, повеќето Citrobacter sp., Edwardsiella sp., Escherichia coli, Flavobacterium sp., Haemophilus influenzae, повеќето Proteus sp. (не P. mirabilis), Plesiomonas shigelloides, Pasturella multocida, Pasturella pneumotropica, Streptococcus faecalis и Vibrio sp.

Индол-негативни бактерии[уреди]

Бактериите кои даваат негативен резултат за индолниот тест се: Actinobacillus spp., Aeromonas salmonicida, Alcaligenes sp., повеќето Bacillus sp., Bordtella sp., Enterobacter sp., Lactobasillus spp., повеќето Haemophilus sp., повеќето Klebsiella sp., Neisseria sp., Pasturella haemolytica, Pasturella ureae, Proteus mirabilis, Pseudomonas sp., Salmonella sp., Serratia sp., Yersinia sp.