Ивона Талевска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ивона Талевска
Роден(а)Ивона Талевска
Скопје,  СР Македонија
НационалностМакедонка
ДржавјанствоМакедонија Македонија
Занимањеновинар
Активен период1995 — денес

Ивона Талевска (р. Скопје) — контроверзна македонска новинарка. Во својата новинарска кариера, таа работела како уредник на вестите на телевизија Сител[1] и како главен уредник на дневниот весник Вечер.

Нејзината новинарска кариера е одбележана со бројни контроверзии, како што се аферата „Визарис“ во којашто влијаела претпријатие во сопственост на нејзината мајка да добие тендер од Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема во вкупен износ од 1 милион евра и аферата „Тифани“ во којашто за затајување данок во износ од околу 2,5 милиони денари била осудена на условна затворска казна од две години доколку во следните четири години не го повтори делото.

Животопис[уреди | уреди извор]

Талевска дипломирала политички науки и магистрирала економија на универзитетот „Шефилд“ во Солун. Со новинарство се занимава од 1995, а учествувала на курсеви организирани од телевизиите Би-би-си и Ен-би-си.[2] Талевска членува во провладиното здружение „Независен синдикат на новинари на Македонија“ (НСНМ).[3]

Контроверзии[уреди | уреди извор]

Афера „Визарис“[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, тогашниот гласноговорник на СДСМ Петре Шилегов објавил дека претпријатието „Визарис“, чиј сопственик е мајката на Ивона Талевска, добивала тендери од Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема во вкупен износ од 1 милион евра.[4] Договорот бил подоцна раскинат од министерот за здравство Никола Тодоров, со образложение дека иако документацијата била легална, ситуацијата била „малку неетичка“.[5] Талевска го тужела Шилегов за клевета и навреда, но загубила на суд и била должна да му исплати судски трошоци во износ од 56 илјади денари.[6]

Аферата „Визарис“ повторно станала актуелна во 2015 година, кога бил објавен прислушуван разговор меѓу нејзе и Драган Павловиќ Латас, во кој се договарала тендерската постапка и префрлање на 1,3 милиони евра на сметка на претпријатието.[7]

Афера „Тифани“[уреди | уреди извор]

Во 2017 година, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отворило истрага „Тифани“ каде ја сомничи Талевска дека затаила данок од 37 илјади евра како директор на фирмите „Смарт центар“ и „Смарт груп“. Според наодите на СЈО, Талевска преку фирмите купувала скапа облека и луксузен мебел, со што ја намалила основицата од која се пресметува данокот.[8] Во февруари 2018 година, Талевска била осудена на условна затворска казна од две години доколку во следните четири години не го повтори делото. Судот исто така пресудил дека таа треба да го врати целиот износ на затаен данок од околу 2,5 милиони денари, како и да ги покрие трошоците за вештачење во износ од 76 илјади денари.[9]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јубилеј: 20 години Сител вести Архивирано на 4 декември 2014 г.. Вечер (1 декември 2014).
  2. Ивона Талевска, нов главен уредник на „Вечер“ Архивирано на 2 април 2017 г. Вечер (26 септември 2012)
  3. Провладините медиуми формираа свој синдикат на новинари Призма.мк (26 јули 2016)
  4. Шилегов: Фирмата на мајката на Ивона Талевска „лапнала“ од Тодоров бизнис од милион евра Бриф.мк (11 јануари 2014)
  5. Тодоров: Тендерот е законски, неетички се промените отпосле[мртва врска] Вест (12 јануари 2014)
  6. Ивона Талевска ја изгуби тужбата за клевета против Шилегов Архивирано на 26 март 2017 г. Нова ТВ (22 јуни 2016)
  7. Аферата Визарис и случајот Сопот во фокусот на 25 -та „бомба“ Радио Слободна Европа (23 април 2015)
  8. Четири истраги и обвинение Призма.мк (23 март 2017)
  9. Две години условна казна затвор за Ивона Талевска Архивирано на 4 октомври 2020 г.“. Правдико. 19 февруари 2018.