Елка (бајка)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Елка (дански: Grantræet) — литературна бајка од данскиот поет и писател Ханс Кристијан Андерсен (1805 – 1875). Приказната е за елката која многу сакала да порасне, била желна за поголеми работи, што не можела да го цени животот во моментот. Приказната за прв пат била објавена на 21 декември 1844 година со „Снежната кралица“, во Нови бајки. Прв том. Втора колекција, во Копенхаген, Данска, од C.A Reitzel. Еден научник (биографот на Андерсен, Џеки Вулшлагер) укажувал дека „Елка“ е првата од бајките на Андерсен што изразува длабок песимизам.[1]

Резиме на заплетот[уреди | уреди извор]

Во шумата си растела мала елка. Таа била преокупирана со растењето и била многу засрамена кога зајакот ја надраснал, чин што нагласува колку таа била малечка. Жените ја нарекувале бебе на шумата и повторно таа била засрамена и исфрустрирана. Еден штрк и кажал дека видел постари дрвја сечкани и користени како бродски јарболи, а малото дрво им завидувало. Во зима ги сечеле блиските дрвја и врапчињата ѝ раскажувале на малата елка дека ги виделе како се украсени тие во куќите.

Еден ден, додека била уште во младоста, елата ја пресекле за Божиќна декорација. Ја купиле и ја однеле во куќата да ја украсуваат и, на Бадник, светела со свеќи, обоени јаболка, играчки и корпи со бонбони. Златна ѕвезда имало на врвот на дрвото. Децата влегувале и го ограбувале дрвото земајќи од неговите бонбони и подароци, а потоа слушнала еден мал дебел човек како ја раскажува приказната за „Клумпе-Думпе“ „кој паднал по скалите, а сепак бил награден со високи почести и ја добил раката на принцезата“. Мет Норгард истакнува дека приказната е различна, од типот "Јовче Будалчето".[2] )

Следниот ден, елката очекувала да се повтори веселбата, но слугите го симнале дрвото и го однеле на таванот. Дрвото било осамено и разочарано, но глувците се собрале да го слушнат дрвото како ја раскажува приказната за „Клумпе-Дампе“. Стаорците кога дошле ја слушнале приказната, и ја омаловажиле едноставната приказна која елката ја раскажувала, па глувците си заминале и не се вратиле повеќе. Напролет, елката –била веќе исушена и обезбоена – слугите ја однеле во дворот. Момчето отишло до дрвото и ја зело ѕвездата од најгорната гранка. Елката потоа ја исекле на парчиња и ја запалиле.

Историја на објавување[уреди | уреди извор]

Илустрација на Вилхелм Педерсен, првиот илустратор на Андерсен

„Елка“ била објавена со „Снежната кралица“ на 21 декември 1844 година од CA Reitzel, во Копенхаген, Данска, во Нови бајки. Прв том. Втора колекција. Приказната е повторно објавена на 18 декември 1849 година како дел од Бајките од 1850 година и повторно на 15 декември 1862 година како дел од Бајките и приказните од 1862 година.[3] Оттогаш, приказната е преведена на многу јазици и печатена низ целиот свет.

Андерсен ја промовирал приказната читајќи ја на глас на социјалните собири. Во декември 1845 година, на принцезата од Прусија ѝ ги прочитал „Елка“ и „Грдото пајче“, а потоа ја прочитал „Елката“ на божиќната забава на грофот Бизмарк-Болен. Фолклористот Вилхелм Грим бил присутен на забавата и нему му се допаднала приказната, според дневникот на Андерсен.[1]

Коментар[уреди | уреди извор]

Биографот на Андерсен, Џеки Вулшлагер, сугерира дека приказната прикажува одреден психолошки тип (како нејзиниот автор) кој не може да биде среќен во моментот бидејќи очекува поголема слава веднаш зад аголот, а потоа е обземен од жалење. Елката, како и неговиот творец, е „фантазер, суетна, плашлива, немирна, погодена од треперлива чувствителност. Ставајќи ја приказната во нежен, незагрозен домашен амбиент од свилени драперии и удобни софи, фаталистичкиот тон на приказната бил прифатен од буржоаскиот возрасен читател кој можел да се поистоветува со вознемирениот копнеж и неограничениот копнеж на тажната елка.[1]

Андерсен и претходно пишувал приказни со несреќен крај („ Малата сирена“ и „Оловниот војник“, на пример), но нова нота била постигната со „Елката“ — нота на „длабоко вкоренет песимизам, што сугерира не само немилосрдноста на судбината, на бесмисленоста на самиот живот, дека само моментот е важен“. За прв пат во своите бајки, Андерсен изразил егзистенцијално сомневање дека неговите религиозни верувања не можат да го смират. Ваквиот сомнеж повторно бил допрен во подоцнежните приказни како што се „Забоболка за тетка“ и „Приказната за старата Јохана“. Вулшлагер верува дека приказната е соодветно надополнување на „Снешкото“ на Андерсен од 1861 година.[1]

Адаптации[уреди | уреди извор]

Приказната била адаптирана на 28-минутен видео формат во 1979 година од Хантингвуд Филмс во продукција на Кевин Саливан, во режија на Мартин Хантер и снимена во Блек Крик Пионерско село, Торонто, Онтарио, Канада. Џеф Канерт ѝ го дал гласот на Елката. Ова бил првиот филм продуциран од Кевин Саливан, кој продолжил да ги пишува, режира и продуцира филмовите „Ана од Грин Гејблс“.[4]

Таа била адаптирана како шеснаесетта епизода во Бајки.

Во 2011 година, приказната повторно била адаптирана како краток филм на дански јазик во режија на Ларс Хенрик Остенфелд и претставен во модерен амбиент. Приказната го следи дрвото од семче до расад, додека едно момче и неговиот татко не го исечат за да го искористат како елка. За разлика од приказната на Андерсен, која завршува со палење на дрвото, филмот покажува како стеблото на дрвото го преживува огнот и е потоа фрлено во шумата, можеби за да прерасне во друга ела.[5]

Во 2014 година, Јанани Сренивасан го адаптирал своето сценарио „Бор“, првично изведено во театарот „Без срам“ на Универзитетот во Ајова во декември 2006 година, во краткиот филм „Елката“, кој го режирал заедно со Ли Џатон. Во оваа верзија, го слушаме гласот на дрвото во прво лице (на дански) дека е исечена и дека присуствувала на првата божиќна забава, која завршила лошо за сите присутни.[6]

Чарлс М. Шулц, автор и уметник на светски познатиот стрип Кикиритки, вклучил елементи од „Елата“ во неговиот прв телевизиски филм, Божиќ на Чарли Браун (9 декември 1965 година на CBS).

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Wullschlager, Jackie (15 June 2002). Hans Christian Andersen: The Life of a Storyteller. University of Chicago Press. стр. 256–258, 272, 379. ISBN 0-226-91747-9.
  2. Norgaard, Mette (2009). Ugly Duckling Goes to Work (англиски). Orient Paperbacks. стр. 150. ISBN 9788122204742.
  3. „Hans Christian Andersen: The Fir Tree“. Hans Christian Andersen Center. Посетено на 2009-05-26.
  4. „The Fir Tree“. Internet Movie Database. 1979.
  5. „Grantræet“. Internet Movie Database. 2011.
  6. „The Fir Tree“, Internet Movie Database, 2000, Посетено на January 19, 2017

 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]