Едвард Кенеди

Од Википедија — слободната енциклопедија
Едвард Кенеди
Гробот на Едвард Кенеди

Едвард Мур "Тед" Кенеди (22 февруари 1932 - 25 август 2009) бил американски сенатор од Масачусетс и член на Демократската партија. Од ноември 1962 до неговата смрт, Кенеди извршил девет мандати во Сенатот. Според времетрањето на неговата сенаторска кариера тој е трет по ред сенатор во историјата на САД. Тој бил најпознат по неговата искреност и ефикасност како сенатор. Долго време бил најистакнатиот член на семејството Кенеди. Тој бил син на Џосеф Кенеди, најмлад брат на претседателот Џон Кенеди и на сенаторот Роберт Кенеди (двајцата жртви на атентати) и татко на конгресменот Патрик Кенеди.

За првпат во Сенатот бил избран во 1962 година за да го пополни испразнетото сенаторско место кое претходно го заземал неговиот брат Џон. Во 1964 бил избран за шестгодишен мандат. Бил избиран уште седум пати потоа сè до неговата смрт. Во 1969, по еден сообраќаен инцидент кој резултирал со смрт на Мери Џо Копешни, Кенеди признал дека е виновен за напуштањето на местото на несреќата, а инцидентот значително ги намалил неговите шанси за некогаш да стане претседател на САД. Неговиот единствен обид за кандидирање на американските претседателски избори во 1980 година резултирал со пораз на конценцијата на Демократската партија од страна на тогаш актуелниот претседател Џими Картер.

Познат бил по своите говорнички вештини, неговите најпознати говори биле во 1968 во пофалба за неговиот брат Роберт и во 1980 на Националната конвенција на Демократската партија. Бил познат и како „лав на Сенатот“ поради неговата долгогодишна работа. Повеќе од 300 предлог закони на Кенеди и на неговиот персонал биле стапиле во сила. Тој бил познат по работата со републиканците и во пронаоѓањето компромиси меѓу сенаторите со различни ставови. Кенеди одиграл важна улога во донесувањето на многу закони, вклучувајќи ги и законите за имиграција, за истражување на рак, за здравствено осигурување, за апартхејдот, за луѓето со посебни потреби, за дискриминација, за СИДА-та, за граѓанските права, за здравствено осигурување, за образованието и за волонтирањето. Во 2000-тите, тој предводел неколку неуспешни иницијативи поврзани со имиграциската политика. Сѐ до неговата смрт, тој продолжил да работи на закони поврзани со здравственото осигурување, што честопати се нагласува дека претставува негово „животно дело“.

Во мај 2008, Кенеди бил дијагностициран со малигнен тумор на мозокот кој ги ограничил неговите појавувања во Сенатот. Починал на 25 август 2009 година, во неговиот дом во Масачусетс.