Драган Даутовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Драган Даутовски
Роден 21 ноември 1957
Русиново, Беровско
Националност Македонец
Занимање музичар
професор

Драган Даутовски (роден на 21 ноември 1957 во Русиново, Беровско) — македонски музичар и професор.

Животопис[уреди | уреди извор]

Драган Даутовски потекнува од работничко семејство, кое на негова петгодишна возраст се преселува во Берово, каде што Драган го завршил основното образование. Средно музичко училиште завршил во Штип, за веднаш по звршувањето да се запише на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек музичка теорија и педагогија. За време на студиите пројавил голем интерес за Македонскиот музички фолклор, а веднаш по дипломирањето се вработил како професор по музичка култура за инструментите кавал, гајда и тамбура.

Како резултат на неговата работа на полето на фолклорот, настанало детското фолклорно студио “Детелинки”, кое активно работело и во ансамблот “Танец”. Во 1992 година го оформил ансамболт од народни инструменти „Миле Коларовски” со кој настапувал на голем број фестивали и манифестации во земјата и надвор од неа.

Со неговата работата со овој ансабл и пошироко на полето на фолклорот, започнала големата ренесанса на изворната музика во Македонија. Даутовски учествувал во голем број проекти. Партиципирал во изработката на музиката за филмот „Пред дождот”. Во 1995 година ја основал групата „Синтезис“, чија основна идеја била да го проучува македонскиот музичкифолклор и фолклорното богатство. Во 2000 година го формирал „Драган Даутовски Квартет“ во кој свири и настапува заедно со Александра Поповска (вокал, дајре и клавијатури), Бајса Арифовска (тамбура и кавал) и со неговиот син Ратко Даутовски (тапан, тарабука и други удирачки инструменти)[1].

Пишувал музика за театарски претстави („Македонска приказна”, „Јонадаб”, „Писание” и др.), музика за кореографски постановки во ансаблот „Танец” („Џамала” и „Старо тешко”), музика за филмот „Ноќ спроти Василица”. Неговиот творечки опус изнесува над 600-тини композиции. Настапувал на бројни фестивалски сцени насекаде во светот: Холандија, Русија, Италија, Франција, Португалија, Германија, Полска, Белгија, Грција, Црна гора, Словенија, Бугарија, Франција, Австриа, Африка, Куба, Украина, Америка, Кина и др. Од 2005 година тој е артист на „Melody for Dialogue among Civilizations“.

Како музиколошки експерт, свири на повеќе од 20 народни инструменти. Единствено Даутовски свири и на уникатната теракотна топчеста флејтаокарина, која датира од неолитскиот период и чија старост е проценета на над 6000 години, а пронајдена е во 1989 година на археолошкиот локалитет „Мрамор“ до населбата Чашка во близината на Велес. Флејтата изворно има три тона што се добиваат од три отвора поставени во вид на триаголник, а Даутовски успеал на неа да отсвири 16 тонови.

Драган Даутовски е редовен професор на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, каде што предава народни инструменти, музички фолклор и изведувачка техника на орфов и народен инструментариум.

Како педагог има остварено голем број настапи со студентите од неговата класа и иницијатор е за отворање на отсек за народни инструменти во средните музички училишта во Скопје и Штип и во основните музички ушилишта во Струмица, Штип, Прилеп, Кавадарци, каде што предаваат професори дипломирани во неговата класа[2].

Научни трудови и истражувања:

  • „Формално-ритмичките одлики на изворната песна Маце Мариче”,
  • „Орнаментите во традиционалната музика во Р Македонија”,
  • „Тамбурата во Македонија”,
  • „Кавалот во Македонија” - магистерска тема.
  • „Топчестата глинена флејта од Македонија, праисториски музички инструмент” -докторска дисертација.

Наводи[уреди | уреди извор]