Танец (ансамбл)

Од Википедија — слободната енциклопедија
АНИПМ „Танец“
Официјално лого.
Животописни податоци
ПотеклоСкопје, Македонија
ЖанровиМакедонска народна музика
Македонски ора
Период на активност1949 – денес
ИздавачиМакедонска радио-телевизија
ПГП-РТБ
Југотон
Мреж. местоОфицијално (во изградба)
кон Facebook

Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ е основан во 1949 година. Со своето долгогодишно постоење, „Танец“ е симбол на македонската култура и уметност, и претставува најважниот презентер на македонското фолклорно творештво.

Историја[уреди | уреди извор]

Женско оро во изведба.
Машко оро во изведба.
Женско оро со музичкиот ансамбл во позадина.
(1)
(2)
Танец во 2021 година.

Историјата на „Танец“ започнала во 1949 година, со одредбата на македонската влада за основање на Државниот ансамбл за народни игри и песни на Народна Република Македонија. Одредбата била издадена на 3 март 1949, а била објавена во „Службен весник на Македонија“ на 4 април 1949 година.

Според член 2, Ансамблот за народни игри и песни ги има следните задолженија:

  1. Да ги одржува, развива и негува уметничките вредности на народните игри
  2. Да ги одржува, обработува и развива народните песни
  3. Да гради програм со фолклорни народни танци и песни и на уметнички начин јавно да ги презентира

Од 2 јуни 1953 година, ансамблот го носи денешното име: Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“.

Културна мисија[уреди | уреди извор]

„Танец“ е име кое со децении е симбол на македонската култура и уметност, амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво на сите континенти на Земјината топка. Покрај негувањето на фолклорното творештво, народните обичаи, игри, песни и носии, преку успешните кореографски постановки, „Танец“ ги преточува во колорит и префинет израз на играње, пеење и презентирање на убавите оригинални носии изработени пред повеќе децении, кои претставуваат амблем на македонската култура.

Од посебно значење е првото претставување надвор од Македонија, поточно на меѓународниот фестивал во Ланголен, Велс во 1950 година, кога со озведбата на „Тешкото“, ансамблот ги освоил сите можни поени и ја добил првата награда. Притоа, Танец бил првиот и единствениот ансамбл во историјата на овој фестивал кој ги освоил сите можни поени. Како резултат на освоената награда, ансамблот го продолжил својот престој во Британија за уште 20 дена при што одржал повеќе концерти.[1]

Ансамблот има настапено на над 4.500 концерти, фестивали и други културни приредби, со над осум милиони посетители. За успешноста на „Танец“ зборуваат големиот број награди, дипломи, благодарници и признанија добивани по разни поводи, концерти и сл., меѓу кои и наградите: „11 Октомври“, „Климент Охридски“, „13 Ноември“ и Орденот за заслуги, доделен од Претседателот на Република Македонија.[1]

Репертоарот на „Танец“ го сочинуваат голем број народни ора, песни и обичаи од повеќе краишта на Македонија меѓу кои и: „Тешкото“, „Невестинско“, „Комитско“, „Чифте“, „Калајџиско“, „Тресеница“, „Осоговка“, „Драчевка“ и други.

„Танец“ е во постојана и тесна соработка со македонските иселеници во дијаспората. Во таа смисла се организирани и голем број концерти во сите земји каде што живеат македонски иселеници. Тој континуирано ги помага културно-уметничките друштва во земјава и во странство во квалитетното поставување и пренесување на играорната традиција.

Во склоп на „Танец“ работи и детското младинско студио, во кое од најмала возраст кај децата се развива љубовта кон негувањето и презентирањето на фолклорното творештво. Со цел да се зачува од пропаѓање, а истовремено и да се збогати фундусот на народни носии се врши и откуп на оригинални носии од повеќе краишта во Македонија. „Танец“ бил организатор на низа семинари за раководители на играорни друштва. Од формирањето до денес, во ансамблот работеле над 200 вработени. Денес има 42 редовно или повремено вработени во уметничкиот дел (девет надворешни), како и девет вработени вклучени во реализацијата на програмите.

Познати уметници[уреди | уреди извор]

Ова се некои од познатите уметници кои работеле во ансамблот Танец:

Концертни настапи и музички изданија[уреди | уреди извор]

Дискографија[уреди | уреди извор]

По повод 65-годишното постоење на ансамблот, во декември 2014 година, „Танец“ го издал првото комерцијално музичко и видео издание (CD и DVD), под етикетата на „Југотон рекордс“. На музичкиот компакт-диск се наоѓаат 25 оригинални аудио-снимки, додека дигиталниот видео-диск содржи снимки од 12 концерти на ансамблот, во траење од 12 минути.[2]

Концерти[уреди | уреди извор]

На 16 декември 2014 година, во салата на Македонската опера и балет, „Танец“ го извел завршниот годишен концерт, под наслов „Танец низ времето“.[2] На 4 март 2015 година, во Македонската опера и балет бил одржан хуманитарен концерт на „Танец“, наменет за помош на поплавените подрачја во Македонија. На програмата биле оратаЖетварка“, „Сретсело“, „Преспански игри“, „Малешевка“, како и оркестарските изведби „Шапкарево-касапско оро“, „Мерак тамбура оро“ и „Моминско оро“. Како солисти настапиле: Марјан Стојановски, Сузана Спасовска, Билјана Јосифова и пејачки групи на „Танец“.[3]

На 29 јануари 2015 година, по повод 65 годишнината од основањето, била претставена монографијата „Танец - душата на Македонија (1949-2014)“ чии автори се Родна Величковска и Марко Китевски.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Дирекција за култура и уметност - Скопје, Есенски музички свечености, Скопје, ноември 2014.
  2. 2,0 2,1 „Танец со прво комерцијално цеде и дивиди“, Дневник, година XVIII, број 5643, вторник, 16 декември 2012, стр. 19.
  3. „Концерт на „Танец“ и МОБ за помош на поплавените“, Утрински весник, година XVI, број 4724, вторник, 3 март 2015, стр. 15.
  4. „Танец 65 години ги бранува емоциите на публиката“, Дневник, година XIX, број 5679, петок, 30 јануари 2015, стр. 18.