Деведесет и трета

Од Википедија — слободната енциклопедија
Деведесет и трета
1. издание, 1874
АвторВиктор Иго
Изворен насловQuatrevingt-treize
ИлустраторЕмил Бајар
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Издадена
1874

Деведесет и трета (француски: Quatrevingt-treize) – историски роман од Виктор Иго. Објавен во 1874 година, неколку години по Париската комуна, романот се занимава со Вандејското востание, контрареволуционерен бунт од 1793 година во текот на Француската револуција. Поделен е на три дела, но не хронолошки; секој дел прикажува поинакво видување на историските случувања. Дејствието главно се одвива во Бретања и Париз.

Краток опис[уреди | уреди извор]

Во 1793 година во текот на бунтот на ројалистите во Бретања, сините, војници на Француската Република, ја среќаваат Мишел Флешар, селанка, и нејзините три деца кои бегаат од воените судири. Таа им објаснува дека нејзиниот сопруг и родителите се убиени во судирите со селаните кои започнале бунт. Командантот на единицата, наредникот Раду, ја убедува жената да прифати за неа и за нејзините деца да се грижи неговиот одред.

Во меѓувреме, на море, група ројалисти има намера да го истовари маркизот Де Лантенак, аристократ од Бретања, под чие водство исходот на бунтот би можел да се сврти на нивна страна. Во текот на пловидбата на нивниот брод еден морнар не го врзал добро топот за кој бил задолжен, па нанесена е голема штета од невремето. Потоа морнарот го ризикувал својот живот и успеал да го врзе топот. Лантенак после тоа го одликувал и наредил да го погубат бидејќи заради негова грешка настрадале неколку морнари. Кога нивната корвета ги здогледала бродовите на републиканците, Лантенак се качил на чамец заедно со еден свој приврзаник. Со оглед дека корветата била тешко оштетена не можела да го победи непријателскиот брод, но му помогнала на Лантенак да стигне до копното во Бретања.

Сините тргнуваат во потера по Лантенак. Тој успева да им побегне во што му помогнал тамошниот просјак, кому во минатото му давал милостина. Лантенак се среќава со своите приврзаници и веднаш ги напаѓаат сините. По борбата ројалистите заробиле некои републиканци меѓу кои и Мишел со нејзините деца. Лантенак наредува да се погубат сите заробеници, вклучувајќи ја и Мишел, додека нејзините деца ги зема како заложници. Просјакот ги наоѓа телата на убиените и утврдува дека Мишел е сè уште жива. Ѝ помага да оздрави.

Немилосрдните постапки на Лантенак стануваат голема закана за републиката. Во Париз, Дантон, Робеспјер, Мара разговараат за заканата и меѓусебно се критикуваат. Донесуваат декрет врз основа на кој треба да бидат ликвидирани сите бунтовници и сите што им помагаат. Симурден, страстен револуционер и поранешен свештеник, добива задача да ги изврши овие наредби во Бретања. Исто така, му било кажано да обрне внимание на Говен, тамошен командант на републиканските трупи, бидејќи тој е во роднинска врска со Лантенак и се смета дека е премногу благ кон бунтовниците. Водачите на револуцијата не знаат дека Симурден му бил учител на Говен и дека го смета за свој син.

Лантенак ја презема контролата над Дол де Бретањ за да обезбеди место за истовар на британските трупи како помош на ројалистите. Говен на измама започнува ненадеен напад врз востаниците и ги протерува. Лантенак е принуден да се повлече, но Говен не му дозволува да се приближи до брегот. Бидејќи Британците не му доаѓаат на помош, неговите соборци го напуштаат, а тој заедно со неколкумина свои најверни приврзаници се повлекува во замокот Тург.

Во меѓувреме, Мишел закрепнала и тргнала во потрага по своите деца. Бесцелно талка, но сепак успева да дознае дека нејзините деца се заложници во замокот на Лантенак. Наредникот Раду, борејќи се, ги видел децата во замокот. Го убедува Говен да му дозволи да го предводи нападот. Успева да ја пробие линијата на одбрана и да убие неколку бунтовници, но Лантенак и неколкумина преживеани успеваат да избегаат благодарение на тајниот премин откако го запалиле замокот. Мишел дошла кога пожарот се распламтувал и ги видела нејзините деца заробени во замокот. Нејзиниот хистеричен плач го слушнал Лантенак. Поради чувството на вина, се враќа преку тајниот премин во замокот и ги спасува децата, во што му помага и Раду. Потоа се предава.

Говен знаел дека Симурден ќе го погуби Лантенак по судењето. Го посетува во ќелијата каде што Лантенак му го презентира својот бескомпромисен конзервативен поглед на општеството засновано на хиерархија, различност и должност. Говен инсистира на тоа човечките вредности да преовладаат над традицијата. За да го докаже тоа, му дозволува на Лантенак да избега, а потоа му се предава на судот. Простувањето на Говен кон Лантенак за храбриот подвиг е во спротивност со одлуката на Лантенак да го погуби морнарот на почетокот на романот. На Говен му се суди за предавство. Судскиот совет се состои од Симурден, Раду и Гешан, заменик на Говен. Раду гласа за ослободување, но другите двајца членови на советот гласаат за смрт. За време на посетата на Симурден на затворот, Говен ја презентира својата визија за идниот општествен поредок во кој државниот апарат ќе биде најмал можен, нема да има даноци и ќе има еднаквост меѓу половите. Следното утро, Говен бил обезглавен, а Симурден во истиот момент извршува самоубиство.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]