Горен амам (Баниште)

Координати: 41°33′32.29″N 20°31′50.62″E / 41.5589694° СГШ; 20.5307278° ИГД / 41.5589694; 20.5307278
Од Википедија — слободната енциклопедија
Горен амам
Поглед кон амамот
Карта
Општи податоци
Статусспоменик на културата
Видамам
Стилотомански
МестоБаниште
ЗемјаМакедонија
Координати41°33′32.29″N 20°31′50.62″E / 41.5589694° СГШ; 20.5307278° ИГД / 41.5589694; 20.5307278
Почната1798
Завршена1799

Горен амам (или Стар амам) — амам во селото Баниште, Македонија. Амамот е прогласен за споменик на културата на Македонија.[1]

Амамот, заедно со Долниот амам е дел од бањата Баниште, која работи и денес, а амамот е обновен.

Историја[уреди | уреди извор]

Бањите во селото првпат биле споменати во патопис на Јохан Георг фон Хан, кој го посетил селото Баниште во 1863 година. Тој на своето патување по сливот на реките Дрим и Вардар, престојувал во Дебар, а за селото Баниште запишал дека се наоѓа на час и половина од градот на сливот на една пуста долина во Дрим. Во тоа време запишал дека еден објект е поправен, а другите се разурнати, иако уште се користеле нивните извори. Постои голема веројатност урнатините да потекнуваат од многу поран период, како што може да е римскиот период.[1]

Според натпис со арапско писмо, кој се наоѓал во еден од објектите на бањата, како сопственик и добротвор се споменува Хаџи Муџидин Илхами, син на Сулејман, потомок на семејството Орук-заде. Во натписот се потврдува годината на градба 1798-1799 година (или 1213 по хиџра). Денес, натписот се чува во просториите на хотелот.[1]

Постои податок, дека Дебарските бањи (Бања Баниште) се најстари во Македонија (стари околу 700 години), подигнати во времето на Мурат I кон крајот на XIV век. Сепак, постојните градби на бањите претставуваат спој на природното богатство на Баниште и една интензивна градителска активност што се развивала во Дебарско кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век.[1]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Горниот амам или старата бања како што запишал Фон Хан има седмостран базен со пречник 4,5 метри и длабочина од 1 метар и 33 сантиметри, а во средината имал камена клупа за седење. Водата имала 32 степени Реомирови. Според Фон Хан, изворот бил бистар и имал вкус како чорба од месо. Сепак, Фон Хан згрешил за старата бања, бидејќи нејзиниот базен е осмостран, а не седмостран.[1]

Горната бања има две простории: џамеќан (аподитериум или соблекувална), која најверојатно се користела во исто време и како соуклук (тепидаурум или ладна просторија), како и просторија во која во средишниот дел се наоѓа базенот за капење (калдариум). И двете простории имаат осмоаголни основи засведени со куполи издигнати на тромпи. Тоа што е карактеристично е системот за вентилација сместен во четирите ниши, имајќи ги предвид сулфурните испарувања на водата. Ѕидовите до висина од околу два метри се обложени со големи, добро обработени камени блокови, додека во височина се користени помали, делумно обработени камени блокови. Осветлувањето е зенитно преку отворите кои се наоѓаат во темињата на куполите. Материјалот користен за градба се грубо обработени камени блокови со кров на осум води, прекриен со ќерамиди.[1]

Амамот го одразува архитектонскиот стил на османлиското градителство од крајот на XVIII и почетокот на XIX век., иако сличности се сретнуваат со термалните бањи во Бурса, Турција. Посебна вредност на овој и објектот на Долниот амам е нивната автентичност, односно тие претставуаат единствен пример на термално лекувалиште со елементи и архитектонски решенија карактеристични за османлиското градителство во Македонија.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Стари дебарски бањи Архивирано на 9 декември 2022 г.“. Управа за заштита на културното наследство.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]