Битката на Мишар (епска песна)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Битката на Мишар (српски: Бој на Мишару) - српска епска песна. Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од слепиот пејач Филип Вишњиќ. Притоа, според мислењето на Караџиќ, Вишњиќ самиот ја измислил песната.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Два гаврана полетуваат од полето кај Мишар, во близина на Шабац, и слетуваат на кулата на капетанот Кулин. Неговата сопруга ги прашува, дали го виделе нејзиниот маж, кој заминал со голема војска со намера да ги задуши немирите во Србија, да го фати Караѓорѓе Петровиќ и да ги убие српските старешини. Гавраните одговараат дека биел сведоци на Битката на Мишар, каде се судриле 15.000 српски војници и 100.000 турски војници при што победила српската војска, а капетанот Кулин и повеќе други турски старешини биле убиени.[2]

Осврт кон песната[уреди | уреди извор]

Во песната е присутен шаблонот кој често се среќава во народната епика - гавраните одговараат на сите прашања за текот на битката. Меѓутоа, и покрај ова општо место, песната не изгубила ништо од својата убавина, зашто е заснована врз контрастот: на главните прашања на сопругата на Кулин, гавраните даваат спротивен, за неа неочекуван одговор. Освен тоа, и прашањата и одговорите течат многу живо, растејќи едни од другите, и тоа сè побрзо и посилно онака како што се ближи крајот на песната. Притоа, меѓу сопругата на Кулин и гавраните се води вистински двобој со зборови, изведен извонредно вешто и силно. Во поинаква ситуација, гавраните би му делувале на современиот читател наивно и жалосно, но во оваа песна, како гласници на победата на народот, тие само го зголемуваат поетскиот вкус и ги оживуваат патријархалните времиња кога во борбата против надмоќниот непријател се барале и се наоѓале сојузници дури и во птиците.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 489.
  2. „Бој на Мишару“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 479-481.
  3. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 22-23.