Метајазик
Во теоријата на науката или епистемологијата строго се разликува предметниот јазик од метајазикот. Разликата би можела да се дефинира на следниов начин: ако односот помеѓу два јазика е таков што едниот влегува во предметот на опишување а другиот служи како средство за опишување, тогаш првиот е предметен јазик а вториот е метајазик. Правило е кога се работи за некое повисоко ниво на опишување да се додаде претставката ”мета”. Така што јазикот со која лингвистиката го опишува природниот јазик се нарекува метајазик, а самиот природен јазик се нарекува предметен јазик. Но, и лингвистичкиот метајазик може да стане предметен јазик доколку го опишуваме со помош на апстрактен теориски јазик. Тој апстрактен јазик би се викал метаметајазик.
Хиерархија на јазикот
[уреди | уреди извор]Кратка, но целосна слика за тоа како се замислува хиерархијата на јазикот по критериумот на што поголема апстрактност ни ја дава таканаречената теорија на семантички степени кој ја застапува германскиот епистемолог Г.Клаус. Се тргнува од тоа дека постои предметен свет, пред и надвор од секој јазик. Тоа се нарекува нулта степен. Првиот степен е создаден од јазик чиишто знаци ги означуваат предметите од нулта степенот, што и претставува природен јазик. На вториот степен се наоѓа метајазикот т.е јазик чиишто знаци ги означуваат знаците од првиот степен. А веќе на третиот степен се наоѓа јазик чии знаци означуваат знаци од вториот степен, овие знаци во исто време означуваат знаци од првиот степен. Третиот степен се нарекува метаметајазик. Тоа не е ниво на научна теорија туку е повисоко ниво на научна метатеорија т.е ниво за наука или теорија на наука (модел).
Метајазикот во науката
[уреди | уреди извор]Теоријата на наука го нарекува метајазик секој јазик со кој се служи секоја поединечна наука. За јазикот на лингвистиката кој го земавме како пример, тоа е уште на прв поглед јасно, но не е толку очигледно да речеме за јазикот на физиката, бидејќи со него не се опишува некој друг јазик туку појави и процеси во предметниот свет. Но, и физиката како и секоја друга наука, неминовно подразбира постоење на природен јазик со кој се служи. А мора да го подразбира и да се служи со него бидејќи јазикот во култутрата е првостепен знаковен систем (семиотика). Освен тоа, она што со природниот јазик може да се опише не се спротивставува на она што во науката се опишува. Науката всушност ги опишува оние елементи и нивните меѓусебни врски во предметите или во класите на предмети кои можат со научни средства да се одвојат и да се идентификуваат, а тоа значи дека се опишуваат инваријантни структури во бескрајно разноличен предметен свет. Тие структури не се нешто што е дадено непосредно, туку науката ги конструира со помош на одреден број проверени научни постапки. И за да се опишат тие, не е доволен само природниот јазик, туку на негова основа треба да се надогради еден посебен, со одредени нови својства, научен метајазик. Доколку би се повлекла граница помеѓу науката на XIX и XX век, во тој случај една од битните разлики би била тоа што во науката на 20 век постои свест за тоа дека науката секогаш има работа со научни структури и тие структури не би можеле да постојат без јазикот со кои се опишуваат. Затоа му се дава толку големо внимание на метајазикот, развиена е посебна теорија за него а под закрила на оваа теорија е создадена сложена епистемолошка слика на гореспоменатите семантички степени. Секогаш јазикот на науката се разликувал од обичниот (природниот) јазик, пред сè затоа што се служи со термини. Термините пред сè во себе ги содржат сите одновни обележја на метајазикот. Бидејќи, за да еден обичен збор стане термин, мора да му се укине повеќезначноста која на зборот му е својствена. Освен тоа, значењето кое терминот го добива (а може да добие едно, највеќе два, од кои второто е секогаш дополнително) се одредува со помош на научна дефиниција. Дефинирањето на значењето не е ништо друго туку негово конструирање во теоријата на дадената наука. Така на пример, терминот точка во Евклидовата геометрија добил значење врз основа на дефиницијата дека: “тоа е нешто што нема делови”, но и ова значење и самата точка претставуваат во суштина конструкти кои се соѕидани во Евклидовата теорија на просторот.
Одлики на метајазикот
[уреди | уреди извор]Може да се каже дека првата одлика на метајазикот, кога ќе го споредиме со природниот јазик, е тоа што метајазикот е многу попрецизен пред сè заради тоа што прецизноста доаѓа со укинување на повеќезначноста, а исто така и синонимноста, хомонимноста, на некои плеонастички па дури и тавтолошки свртувања, а овие сите одлики природниот јазик ги има во голема мера. Од друга страна пак прецизноста се постигнува така што новото значење со дефиниција се изолира и се конструира на повисоко теориско ниво, затоа пак метајазикот е секогаш и многу апстрактен. Прецизноста и апстрактноста се две својства кои се поврзани за да му овозможат на метајазикот да биде средство на егзактно научно опишување. Најпрецизниот метајазик во исто време е и најапстрактниот метајазик.