Ново Лисиче

Координати: 41°59′3″N 21°28′38″E / 41.98417° СГШ; 21.47722° ИГД / 41.98417; 21.47722
Од Википедија — слободната енциклопедија
Ново Лисиче
Населба
Ново Лисиче гледано од паркот „Аеродром“
Ново Лисиче гледано од паркот „Аеродром“
Координати: 41°59′3″N 21°28′38″E / 41.98417° СГШ; 21.47722° ИГД / 41.98417; 21.47722
ДржаваМакедонија
ОпштинаАеродром
Карта
Карта на Ново Лисиче.

Ново Лисиче — високоурбанизирана населба во Општина Аеродром, на 5 км од средиштето на Скопје.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Бидејќи било изградено на атарот на Горно Лисиче, го добило топонимот Лисиче, и бидејќи била сосем нова населба, ја добило претставката Ново.

Историја[уреди | уреди извор]

Населбата Ново Лисиче е изградена во годините 1985-1990, во атарот на тогаш селото Горно Лисиче. На местото на денешната населба се наоѓала најплодната алувијална рамнина во Скопската Котлина, на која наместо пченица никнале згради. Основни фирми кои ја граделе населбата биле Бетон, Маврово и Гранит.

Населбата порано припаѓала кон Општина Кисела Вода, но со Законот за новата територијална поделба во август 2004 година е создадена новата Општина Аеродром и населбата потпаднала кон новосоздадена општина, створена на 12 април 2005 кога за првпат била одржана седница на Советот на општината.

Местоположба, сообраќај и инфраструктура[уреди | уреди извор]

Графички дел од деталниот урбанистички план за Урбана Зона А.
„Детската улица“

Населбата се наоѓа на десниот брег на реката Вардар. На исток се граничи со Горно Лисиче, на запад со населбата Јане Сандански и Аеродром, на југ со Реонски Центар, а на север се допира до брегот на Вардар.

Како пооддалечена населба од средиштето на градот, а со голем број на станбени згради и жители, кон Ново Лисиче водат многу автобуси како 3, 3А, 3Б, 15, 15А,[1] 5, додека автобусот 23 го обиколува цело Ново Лисиче бидејќи населбата има облик на квадрат. Со Центар и западниот дел на Скопје (Карпош, Ѓорче Петров) е поврзана со булеварот „Јане Сандански“ кој преку населбите Аеродром и Јане Сандански оди кон Центар, а кон Маџари, Автокоманда и Индустриската зона води мостот „Тодор Александров“/„Близнаци“.

Во Ново Лисиче водат два главни булевари, и тоа „АСНОМ“ и „Видое Смилевски-Бато“. Булеварот „Видое Смилевски-Бато“ потоа преминува во булеварот Јане Сандански. Двата главни булевара се разгрануваат во многу улички и паркинзи кои ја сочинуваат патната инфраструктура на Ново Лисиче.

Демографија[уреди | уреди извор]

Ново Лисиче е урбана населба составена исклучиво од станбени згради со оглед на тоа има голем број на жители и има разни демографски движења.

Според пописот од 2002, населбата Ново Лисиче била статистички споена (под статистичкиот назив Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Јане Сандански, Лисиче, Мичурин, Острово. Во таа статистичка целина живееле 72.009 жители од кои 96% биле Македонци, 2% Срби и 2% други народности како Роми, Турци и Власи.[2]

Според некои проценки и пописни списоци за Скопје (во периодот на првата половина на 2000-тите), Ново Лисиче имало околу 17.200 жители од кои 97,5% се Македонци, 1% Срби, 0,5% Албанци и 1% други. Младо население во Ново Лисиче имало од 32-34%, наталитетот е со средна големина (исто бил како во Капиштец), а миграционите движења се сѐ уште големи како внатрешните од други скопски населби така и од другите делови на Македонија многу луѓе се доселуваале и отселувале од Ново Лисиче. Вработеноста била околу 81%, а писменоста на населението околу 94,8%.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, населбата Ново Лисиче била статистички споена (под статистичкиот назив Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Горно Лисиче, Јане Сандански, Лисиче, Мичурин, Острово, Реонски Центар. Таа статистичка целина имала 75.108 жители.

Следува табела на народносната структура на населението:

Народност Вкупно
Македонци 63.764
Албанци 850
Турци 464
Роми 459
Власи 651
Срби 2.125
Бошњаци 403
Други 6.392

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Населба Ново Лисиче, општина Аеродром - организација на избори[3][4]
Број на избирачко место Установа кадешто се наоѓа Женски гласачи Машки гласачи Регистрирани гласачи
2708 ОУ „Лазо Ангеловски“ 432 521 953
2709 ОУ „Лазо Ангеловски“ 391 461 852
2710 ОУ „Лазо Ангеловски“ 379 413 792
2711 ОУ „Лазо Ангеловски“ 459 541 1000
2712 ОУ „Лазо Ангеловски“ 446 470 916
2713 ОУ „Лазо Ангеловски“ 472 570 1042
2714 ОУ „Лазо Ангеловски“ 723 784 1507
2717 ОУ „Лазо Ангеловски“ 437 514 951
2718 ОУ „Лазо Ангеловски“ 468 511 979
2719 ОУ „Лазо Ангеловски“ 704 846 1550
2720 ОУ „Лазо Ангеловски“ 459 501 960
2721 ЈУДГ „Буба Мара“ 493 529 1022
2722 ЈУДГ „Буба Мара“ 394 433 827
2723 ЈУДГ „Буба Мара“ 426 437 863
2724 ЈУДГ „Буба Мара“ 251 263 514
Вкупно 6.934 7.794 14.728


На парламентарните избори во 2024 година, гласале вкупно 9.575 жители, каде 55% од гласовите освоила Коалицијата “Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, 14% Коалицијата за европска иднина - СДСМ и 15% партијата Левица.[5]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Културни знаменитости[уреди | уреди извор]

Спомен фонтаната со ликот на Тоше Проески.

На 28 август 2010 година, свечено била пуштена во употреба спомен фонтаната со ликот на Тоше Проески. Фонтаната се наоѓа на Детската улица и е изработена од мермер со кружен облик, со пречник од седум метри. Средишниот дел е со квадратен облик, висок 1,45 метри, каде е поставена слика од Тоше. Фонтаната и околниот дел е осветлен со канделабри и неонски светилки, хортикултурно е уреден со зеленило и клупи. Фонтаната била пуштена на еден од најголемите христијански празници Успение на Пресвета Богородица.[6]

Црквата „Рожденство на Пресвета Богородица“.
Цркви

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Секоја година се одржува натпревар во мал фудбал на Спортскиот центар Ново Лисиче, кој е одржуван на 28 август (Успение на Пресвета Богородица).[9]

Традиционално е одржуван Меѓународениот фестивал на комедијата „Гола месечина“. Од 20 до 29 јуни 2016 година било одржано неговото трето издание.[10]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во Ново Лисиче се наоѓа Спортскиот центар „Марко Божиновски“. Порано го носел името Спортски центар Ново Лисиче и е разговорично познат како „Дупка“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Нова автобуска линија 15 А на релацијата Ново Лисиче - Карпош 4“. Daily.MK - Вести. Посетено на 2017-09-10.
  2. Адресар на општини во Република Македонија, Град Скопје, 2002 година.
  3. Состојба 5.2024.
  4. „Избирачки список“.
  5. „Резултати парламентарни избори 2024 - 08.05.2024“. line feed character во |title= во положба 36 (help)
  6. „Пуштена фонтаната со ликот на Тоше Проески“. Daily.MK - Вести. Посетено на 2017-09-11.
  7. „Ново Лисиче го доби првиот православен храм“. Дневник. Посетено на 2012-01-11.[мртва врска]
  8. Црковен храм Св. Јован Крстител - монографија (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-12-14. Посетено на 2016-12-18.
  9. „Турнир во мал фудбал „Скопје 2016". Република Online. 2016-09-01. Архивирано од изворникот на 2016-09-05. Посетено на 2017-09-11.
  10. „Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина" во Ново Лисиче“. Радио МОФ (англиски). 2016-06-15. Посетено на 2017-09-11.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]