Црква „Св. Никола“ - Шопско Рударе (стара)

Координати: 42°4′23.1″N 22°0′57.8″E / 42.073083° СГШ; 22.016056° ИГД / 42.073083; 22.016056
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Никола

Поглед на старата црква (2015 г.)

македонска православна црква
Епархија Кумановско-осоговска
Архијерејско намесништво Кумановско-кратовско
Местоположба

Карта

Координати 42°4′23.1″N 22°0′57.8″E / 42.073083° СГШ; 22.016056° ИГД / 42.073083; 22.016056
Место Шопско Рударе
Општина Кратово
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Изградба XVI век
Завршено XVI век
Живопис 1567/1568
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна

Свети Никола — главна селска и средновековна црква во кратовското село Шопско Рударе, Македонија.[1] Црквата е сместена во Чергинското маало[2], едно од најстарите маала на селото, каде се наоѓаат двата објекти на црквата „Св. Никола“, стариот и новиот.

Старата црква се верува дека е изградена во текот на XVI век. Оваа црква е особено позната по својот ѕидан иконостас, кој претставува складна архитектонско-сликарска симбиоза, граден по урнек на старонагоричкиот, како и на олтарната преграда на црквата „Св. Димитриј“ во селото Градешница.[2]

Црквата е прогласена за заштитен споменик на културата на Македонија.

Историја[уреди | уреди извор]

Самите мештани кажуваат дека старата селска црква потекнува од XV или XIV век, која се наоѓа во средишниот дел на селото.[3]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Старата црква „Св. Никола“ има мали димензии и е еднокорабна.[2] И покрај тоа што стариот објект на црквата е под заштита на законот како споменик на културата, овој објект е оставен на забот на времето. Овој објект на црквата повеќе не се употребува.

Црквата скоро и да е непрепознатлива со својата надворешност, бидејќи е вкопана во земја. Има еднокорабна диспозиција со сводно решение под двоводен кров, карактеристично за сакралното градителство во времето на османлиската власт на Балканот.

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Црквата со својот ѕидан иконостас и фреско-икони се вбројува помеѓу најважните средновековни објекти во Македонија и е позната помеѓу научните кругови. Нејзината ѕидарија се одликува со камени блокови во розови, окер, зелени и црвени нијанси што ѝ дава живописен изглед.[2]

Ѕидното сликарство, како и фреско-иконите, настанало во две фази. Помеѓу 1567 и 1568 година бил исликан ѕидниот иконостас и апсидната ниша, а тој период се зема како и период кога е градена самата црква. Фрескоживописот бил завршен дури кон крајот на XVI век, односно првите години на XVII век од друга зографска група.

Како препознатливи фрески на јужниот ѕид можат да се издвојат Деисисот со Богородица Царица, Христос Велики архијереј кој седи на необичен престол и Јован Претеча, во придружба на патронот на црквата мирликискиот архијереј Никола и уште двајца монаси. На спротивниот, северен ѕид сликани се свети воини, а во западниот дел од наосот две жени светителки, архангел Михаил и св. Константин и Елена со Чесниот крст, сè откриено под варов премаз за време на последните конзерваторски истражувања.[2]

Детали од царските двери

Иконостас[уреди | уреди извор]

Во 1581 година иконостасот добил царски двери.[2]

На самите царски двери на црквата биле изведувани нестручни поправки во текот на крајот на XIX и почетокот на XX век. Врз нив биле извршени стручни конзерваторски работи во текот на 2007 година, а дел од артефактите се пренесени во Музејот на градот Кратово, каде се чувани и означени како предмети со исклучителна важност.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 46. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „И спомениците ги игнорираат, зарем не?!“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 9 септември 2015.
  3. Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 190–193.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]