Црква „Св. Никола“ - Владиловци

Координати: 41°31′9″N 21°44′31″E / 41.51917° СГШ; 21.74194° ИГД / 41.51917; 21.74194
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Никола

Поглед на влезот на црквата

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Изворска
Местоположба

Карта

Координати 41°31′9″N 21°44′31″E / 41.51917° СГШ; 21.74194° ИГД / 41.51917; 21.74194
Место Владиловци
Општина Чашка
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Изградба XVII век
Живопис XVII век
XIX век
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна

Свети Никола — главна селска црква во селото Владиловци.[1][2]

Црквата се наоѓа во непосредна близина на селото, а околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта. Денес, црквата е во лоша состојба, целосно обрасната и непристапна.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата е подигната во поствизантискиот период, а обновена во XIX век.[3]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Има еднокорабна градба, со полуобличаст свод и полукружна апсида на источната страна. Кон северозападната страна е дограден затворен трем. Денес, е препокриена со салонитни табли. Главниот влез во црквата е од западната страна, но има и уште еден тесен премин од југ. Прозорски окна има по едно на северниот и јужниот ѕид. Подот е изработен од камени плочи.[3]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Ѕидните површини во внатрешноста на црквата во поново време се целосно варосани. На местата каде што е отпаднат варовиот намаз се открива боен слој од XIX век, а под него се наѕираат фрагменти од постар слој, најверојатно од времето на подигањето на црквата од XVII век.[3]

Во олтарниот простор, во апсидата, се препознаваат фрагменти од Богородица со Христос во кружен медалјон на градите, а во проскомидијалната ниша фрагменти од ореолот од фигура на светител. На јужниот ѕид е отворена една поголема површина од ѕидното сликарство на која може да се распознае композицијата на Страшниот суд. На северниот ѕид се отворени портрети на маченичките „Св. Теофана“ (?) и „Св. Петка“, до нив се насликани „Св. Ѓорѓи“, „Св. Димитриј“, „Св. Трифун“ и Деисисот до иконостасот. Во горната зона во правоаголни полиња се сместени доподпојасни светите лекари „Св. Кузман и Дамјан и други неидентификувани светители.[3]

Може да се забележи дека зографот од XIX век сликал директно врз постариот боен слој, кој се наѕира под преслика.[3]

Иконостас[уреди | уреди извор]

На иконите од двокатниот иконостас има сигнирано две икони. Едната е од зографот Димитрија Дуков сликана во 1848 година (сигнатурата со неговото име е запишана на царските двери, а на проскомидијалната врата со претставата на архангелот Михаил ја вади душата на богатиот е запишана само годината 1848) Другата икона е од Ангелко Андонов, датирана во 1898 година. Можно е Димитрија Дуков да се појавува и како автор на поквалитетна сликарија/преслика од XIX век, додека Ангелко Андонов е со поскромни зографски знаења.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Селските гробишта во црковниот двор

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. „Изворска парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 11 август 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Посетено на 11 август 2018.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]