Црква „Св. Атанасиј“ - Богомила

Координати: 41°35′39″N 21°28′31″E / 41.59417° СГШ; 21.47528° ИГД / 41.59417; 21.47528
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Атанасиј

Поглед на црквата со камбанаријата

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Богомилска
Местоположба

Карта

Координати 41°35′39″N 21°28′31″E / 41.59417° СГШ; 21.47528° ИГД / 41.59417; 21.47528
Место Богомила
Општина Чашка
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Атанасиј Александриски
Изградба 1837
Живопис 1844
Архитектонски опис
Архит. тип трикорабна

Свети Атанасиј — главна селска црква во азотското село Богомила, а воедно и парохиски храм на Богомилската парохија.[1][2]

Црквата се наоѓа во самото село, а околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта, како и споменикот на загинатите борци во НОБ.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата во 1929 година

Црквата Свети Атанасиј е подигната во 1837 година.[3]

За можноста дека сепак постоел постар објект врз кој е подигната денешната црква во Богомила, непосредно може да наведува податокот што произлегува од анализата на групата иконописни дела што потекнуваат од XVI/XVII век. Најголемо внимание предизвикуваат двата пара царски двери депонирани во црквата Св. Атанасиј.[3]

Во октомври 2010 година се случил пожар во црквата, при што изгорел дел од иконостасот со површина од 20 метри квадратни, неколку икони 3 големи и 5 мали и дел од таванската ламперија. Причината за пожарот била некоја заостаната неизгасната свеќа од утринската литургија или неисправна инсталација.[4]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Била подигната во 1837 година како монументална трикорабна базилика со полукружна апсида на исток. Градена е од кршен камен и покриена со едноставен двосливен покрив од ќерамиди (првично со камени плочки). Затворениот трем долж западната и делумно на јужната страна и камбанаријата што се надвишува над западниот влез се доградби од поново време судејќи според фотографијата од 1929 година, каде што се гледа старата камбанарија изградена целосно од дрвена граѓа и тремот кој од западниот влез до јужната страна до прозорското окно е со отворена диспозиција, заграден со ниска дрвена ограда. На јужната страна има уште еден влез и два полукружни прозорски отвора, додека на северната има еден отвор повеќе.[3]

Корабите во внатрешноста на црквата се одвоени со по пет масивни столбови со украсни капители. Тие се поврзани со пандатифи и лакови меѓу себе. Таваницата е рамна со тоа што централниот кораб ги надвишува бочните два. На западната страна има галерија на кат, додека олтарниот простор на исток е одвоен со висока трикатна иконостасна преграда. Олтарниот простор, покрај полукружната апсида има оформено и две плитки ниши за проскомидијата и ѓаконикот.[3]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Црквата е живописана во 1844 година од непознат зограф, кој негува наивен и шематизиран стил на ликовно изразување.[3]

На северната страна, во првата зона, од запад кон исток, во одделни правоаголни полиња се насликани во цел раст „Св. Константин и Елена“ меѓу Чесниот крст, архиѓаконот Стефан, кој во десната рака држи модел на храм со купола, а во другата кандило, а покрај приложничките записи е запишана и годината 1844, потоа следува „Св. Пантелејмон“ со лекарски инструменти и медицинска кутија во рацете. На крајот е претставата на „Света Троица“, каде што меѓу Бог Отец, кој во раката носи жезол, и Бог Син (Исус Христос) кој благословува со едната рака, насликана е вселената врз која е поставен голготскиот крст, а на него, пак, е застанат Светиот дух во вид на гулаб. Светата Троица лебди во облаци опкружени со ангелски чинови - престоли. Во втората зона, светителите насликани во цел раст се издвоени со помош на правоаголни и кружни столпчиња со капители и лачно поврзани меѓу себе. Во архијерејска одежда се насликани „Св. Григориј Богослов“, „Св. Јован Златоуст“ (?) и „Св. Василиј Велики“, следува „Св. Игнатиј“ меѓу лавовите, каде што уште еднаш е забележана годината 1844, потоа „Св. Петка“ со маченички отсечената глава и долг крст во левата рака, а во десната носи бројаници. На крајот е насликана фигурата на „Св. Спиридон“.[3]

Во олтарот, во првата зона е претставено Причестувањето на апостолите, каде што кон средишната, фронтално поставена фигура на Исус Христос, насликан како благословува со обете раце, му приоѓаат дванасетте апостоли во поворка по шест од обете страни. Во конхата на апсидата е насликана Богородица Ширшаја Небесна. Богородица е во став на оранта, а во нејзините пазуви е тркалезен медалјон со Христос Емануил, кој благословува со обете раце. Во проскомидијата е претставен Мртвиот Христос во путир со наклонета глава кон десното рамо. Насликан е со сина перизома околу бедрата, со прекрстени раце пред себе, придружен со орудијата на неговото мачеништво, копјето и сунѓерот натопен со оцет. Богородица и Јован се насликани од обете страни на Исус, со крената рака кон лицето, во гест на жалост.[3]

На јужната страна, од исток кон запад, во првата зона се „Св. Недела“ и „Св. Катерина“ со долги маченички крстови во рацете и со отворени круни на главите. Во втората зона, во ист амбиент и со еднаков шаблон се насликани во архијерејски одежди „Св. Никола“ и „Св. Атанасиј“ со евангелија во рацете. Следуваат две поопширни композиции, „Вознесението на пророкот Илија“, каде што во горниот дел е насликан Илија во огнена кочија што ја вознесуваат четири црвени крилати коњи. Во долната зона Елисеј го прима милотот, а во десниот агол е претставена уште една сцена во која св. Илија во пештерата, придружен од ангел, го хранат гаврани. Другата композиција е посветена на „мачеништвото на св. Георги Јанински“.[3]

Во овој циклус посветен на маченикот од Јанина е насликан „Св. Георги“ во средишниот простор во цел раст, облечен во карактеристична народна носија фустанела, елек, црвена наметка и фес на главата. Нему од обете страни му приоѓаат ангел со венец за неговото мачеништво и Христос со двоен благослов. Сцените течат од десната страна со „Приведувањето на св. Георгија“ пред турскиот старешина, потоа, под оваа сцена следува „Тепањето на светецот со жили“. На спротивната страна продолжува „Третиот суд“, каде што св. Георгија го тепаат со жили и други справи за мачење. Четвртиот суд е „бесењето на св. Георгија“. На запад, на оградата од галеријата на кат, насликано е „Успението на Богородица“, а на сводот од централниот свод, во елипсовидна рамка е насликана допојасна претстава на „Исус Христос како благословува со обете раце“.[3]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Покрај ѕидното сликарство, црквата поседува и завидно иконописно творештво. Во прв ред тоа се иконите на трикатниот монументален иконостас, кој го надвишува Големиот крст со Распетието Христово што лежи на змиовидно подножје, со придружните икони на „Богородица“ и „Св. Јован“. Иконостасната преграда е со едноставен украс од сликана флорална декорација без употреба на резба. Иконостасот е дело на повеќе автори од различни периоди, меѓу кои највидно место заземаат зографите Михаил Анагност и син му Никола од Крушево. Зографите Михаил и Никола, во 1848 година биле поканети да учествуваат во изработката на иконостасните икони. За ова имаме потврда од сигнатурата испишана на престолната икона на „Св. Димитрија“ од каде што може да се види дека иконата е сликана од раката на Михаил и неговиот син Никола од Крушево во 1848 година. Освен четирите престолни икони, во периодот од 1843 до 1848 година, судејќи според наведената година во натписот на дарителот на престолната икона на „Св. Харалампиј“ зографската тајфа од Крушево сукцесивно изработила уште дваесет и осум икони на број за пополнување на вториот ред со празничните икони и третиот што го сочинува деисисот со апостоли.[3]

Во пополнување на содржините на иконостасот подоцна учествувал и Димитар Папрадишки во 1883/84 година. Папрадишки во овој период, освен во „Св. Атанасиј“ во Богомила, работел во повеќе цркви во Велешко. Тој за црквата „Св. Атанасиј“ во Богомила изработил четири престолни икони во 1883/84 година и една одделна икона со претставата на „Тајната вечера“ во 1938 година.[3]

Во изработката на дел од престолните икони учествувал и еден локален зограф од XIX век кој не е на уметничкото ниво на тајфата на Михаил и Никола од Крушево, ниту пак на Папрадишки. Тој ги слика царските двери со претставите на Благовештението и пророците Давид и Соломон, понатаму, негови дела се „Св. Атанасиј“, архангелот Гаврил од јужната врата и архиѓаконот Стефан од северната врата. Негови дела се и Задпрестолното распетие со придружните икони, на кој се насликани „Св. Богородица“ и „Св. Јован“, но и Надиконостасниот крст со Распетието Христово, кое лежи на змејско подножје со придружните икони на „Богородица“ и „Св. Јован“ и веројатно иконата со допојасната претстава на „Исус Христос“.[3]

Црквата содржи и иконописен трезор, кој содржи поголем број на икони кои не се составен дел на иконостасот.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. „Богомилска парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 5 август 2018.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Николовски, Дарко (2013). „Резултати од валоризацијата на црквите во селата Богомила и Бистрица во областа Азот, Велешко“ (PDF). Патримониум (6): 185-199. Посетено на 5 август 2018.
  4. Опожарен иконостасот во Св.Атанасиј Богомила

Надворешни врски[уреди | уреди извор]