Ципокрилци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ципокрилци
Период: 251–0 мг Тријас - денес
Медоносна пчела (Apis mellifera).
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Arthropoda
Класа: Insecta
Поткласа: Pterygota
Инфракласа: Neoptera
Надред: Endopterygota
Ред: Hymenoptera
Linnaeus, 1758
Подредови

Apocrita
Symphyta

Ципокрилците или опнокрилците (научно: ред Hymenoptera) се голема група на инсекти, со преку 100 000 опишани видови[1]. Се одликуваат со тоа што живеат во големи семејства (социјални инсекти) со сложена структура и заемодејства. Осите, мравките и пчелите припаѓаат во овој ред. Името им доаѓа од старогрчките зборови ὑμήν (хумен, значи мембрана или ципа) и πτερόν (птерон, значи крило). Според ова, нивните крила се ципести или мембранести.

Се разликуваат два подреда на ципокрилци. Symphyta имаат т.н. седечки стомак (широка врска меѓу тораксот и абдоменот), додека Apocrita имаат висечки стомак (меѓу првиот и вториот абдоменален сегмент постои стеснување кое му дава подвижност на останатиот дел од абдоменот). Ларвите на симфитите се главно растенојадни, а кај апокритите најчесто се месојадни или паразитски. Што се однесува до потеклото на ципокрилците и филогенијата во рамките на редот, постојат големи несогласувања меѓу различните автори. За предокот на ципокрилците постојат повеќе хипотези, а и меѓусебните односи на групите Aculeata и Parasitica во рамките на подредот Apocrita различно се толкуваат.

Морфологија[уреди]

Глава[уреди]

Главата може да биде ортогнатна - кога усните органи се поставени во низа одгоре надолу и прогнатна - кога усните органи се поставени во низа кон напред. Меѓу овие две структурни положби на усните органи постои и меѓуструктура, кога усните органи се поставени накосо на долу или накосо кон напред. Топографски, површината на главата се дели на теме (vertex), чело (frons), тил (occiput) и образи (gena).

Глава на мравка на електронски микроскоп.

На страните од главата се сместени две, обично добро развиени, сложени очи со овален или поретко потковичест облик. Дорзално на главата се наоѓаат три очели поставени во вид на триаголник. Меѓу сложените очи се наоѓаат антенските вдлабнатинки во кои се всадени антените. Антените по облик и по број на членчиња се многу разновидни - кончести, перести, со 4 до 70 членчиња. Симфитите обично имаат 9 членчиња, мажјаците од фамилиите Sphecoidea, Apoidea, Vespoidea и Scolioidea имаат 13, а женките 12 членчиња. На антените се поставени различни сетилни органи.

Непосредно под антенските вдлабнатинки или нешто пониско се наоѓа специфична површина - клипеус (clipeus), која со епистомски шав е одвоена од лицето. Доколку овој шав е редуциран, тогаш горната ивица на клипеусот е ограничена со две тенторијални јамички. На задниот дел од главата се наоѓа фораменот - отвор за преминување на внатрешните органи во тораксот. Под фораменот е сместена главената капсула која е широко отворена, при што образува лабио-магзиларен отвор, односно отвор за рилката. Тука е сместен лабиомагзиларниот комплекс, кој заедно со мандибулите (вилиците) го образува усниот апарат.

Граден дел - торакс[уреди]

Морфологија на стерилна оса-работничка. Се препознава дека е женка по поделбата на антените и по осилото. Ознаки: A глава; B торакс; C абдомен; 1. Образ, 2. теме, 3. очели, 4. сложени очи, 5. клипеус, 6. антена, 7. окуломаларен простор, 8. мандибула, 9. предна нога, 10. средна нога, 11. фемур, 12. тибија, 13. тибијална боцка, 14. тарзус, 15. тарзална канџа, 16. задна нога, 17. стернум, 18. осило, 19. тергум, 20. задно крило, 21. предно крило.

Според градбата на тораксот, ципокрилците се делат на две групи: Symphyta, кај кои градите (како и кај повеќето инсекти) се состојат од три делови: про-, мезо- и метаторакс и Apocrita, каде во составот на градите влегува и првиот абдоменален сегмент кој се нарекува проподеум. Стернитот на протораксот обично е целосно редуциран, што значи дека протораксот е граден само од проплеури. Кај пчелите и сфекоидните оси, задните агли од протораксот образуваат израстоци кои ги прекриваат отворите на трахеалниот систем.

Мезотораксот е најдобро развиен дел од тораксот кај ципокрилците. Под кутикулата на мезотораксот се наоѓаат моќни мускули кои ги движат предните крила. Кај бескрилните форми овој дел од тораксот е прилично редуциран.

Крила[уреди]

Ципокрилците поседуваат два пара на мембранести (ципести или опнасти) крила кои во текот на летот се споени со еден ред од кукички - хамули. Задниот пар на крила е обично нешто помал од предниот. Постојат големи разлики во обликот, степенот на развиеност и нерватурата на крилата. Надолжните и напречните нерви образуваат околу 20 ќелии. На предниот раб на предните крила, близу средината, се наоѓа силно хитинизирано поле наречено крилно око. Споредбата на крилните нерви со тие на другите инсекти е отежната, бидејќи се многу променети во однос на основниот градбен тип поради развојот на бројни напречни нерви. Среде ципокрилците има и бескрилни форми.

Кај видовите кај кои дошло до редукција на задниот пар крила и метатораксот е исто така редуциран. Кај симфитите (освен фамилијата Cephidae) на метатораксот се воочуваат два округли испапчувања - спиракулуми. Странично метатораксот е поделен на метаепимера и на метаепистернум. Обично метаепистернумот е силно редуциран. На задниот крај од метанотумот се спојуваат третиот пар на кокси (бутови), а дорзално вториот пар крила.

Екстремитети[уреди]

Осите-копачки ги прават своите гнезда во почвата.

Екстремитетите (нозете) на ципокрилците се состојат од бут (coxa), трохантер (trochanter), фемур (femur), тибија (tibia) и тарзус (tarsus). Кај симфитите, Ichneumonoidea и многу апокрити, трохантерот е двочлен, односно како втор член се јавува трохантелос. Тарзусот се состои од 5 кратки членчиња, освен кај Halcida каде може да ги има 3-4. Тарзусите често се снабдени со кукички и запчиња. Овие структури се јавуваат и на фемурот, а на врвот од тибиите се наоѓаат повеќе или помалку развиен еперони - боцки. Нозете се прилагодени за различни функции: одење, копање, придржување на пленот (кај паразитските оси), за собирање и пренесување на нектарот кај пчелите, кај мажјаците за придржување на женката. Првиот пар на нозе се наоѓа близу главата и механички е споен со неа, така што има координирана работа со горната вилица. Ова е од големо значење при правењето на гнездото.

Абдомен - стомак[уреди]

Абдоменот се состои од 10 сегменти. Првиот влегува во состав на тораксот кај симфитите, така што првиот видлив абдоменален сегмент е, всушност, втор. Сегментите се изградени од тергити и стернити одвоени меѓусебно со мембрани. На страните од тергитите се отвора трахеалниот систем. Обично има 8 пара на стигми. Врвните абдоменални сегменти, од 8-от кај женката и од 9-от кај мажјакот, се силно изменети и влегуваат во состав на половиот апарат. Седмиот стернит кај женката е исто така силно изменет. Многу е развиен, свиен наназад и се нарекува гипопигиум. Првиот сегмент од абдоменот, морфолошки вториот, кај апокритите е исто така изменет. Тој образува дршка - петиола, која ја овозможува подвижноста на абдоменот. Во составот на петиолата влегува само тергит, додека кај Ammophila стернит. Кај некои претставници од Halcida петиолата е силно редуцирана, така што абдоменот е речиси седечки. Кај фамилијата Braconidae првите три абдоменални сегменти се споени, така што и браздата меѓу 2 и 3-от сегмент не се забележува. Кај некои мажјаци 6-от тергит е обрабен со пигидијално поле, кое служи за исфрлање на земјата при градењето на гнездо.

Наводи[уреди]

  1. Tanasijević N., Simova-Tošić D. 1985. Posebna entomologija I. Beograd: Poljoprivredni fakultet.