Трифун Бузев

Од Википедија — слободната енциклопедија

Трифун Бузев (Воден, 28 август 1889 - Скопје, 23 јуни 1966) — македонски печалбар во САД, учесник во Шпанската граѓанска војна.

Животопис[уреди | уреди извор]

За време на Балканските војни во 1912 година дезертирал од турската војска и преку Солун заминал за Кливленд, а потоа за Њујорк. Во САД активно се вклучил во работничкото движење и бил синдикален активист. Најпрво, до 1917 година бил член на Социјалистичката партија на Америка, потоа на Индустриските работници на светот за од 1924 година да биде член на Комунистичката партија на САД.[1] Поради што често бил апсен. Во затвори и логори минал вкупно шест години.[2] Завршил и двегодишен курс во партиската школа на КП САД.[3]

На 10 јануари 1937 година, заедно со други тамошни сонародници од Македонија што живееле во Њујорк, преку Франција, заминал за Шпанија. Во Шпанија дошол во февруари 1937 година. Бил во баталјонот „Георги Димитров“ и во 15-та интернационална бригада на Републиканската армија. Учествувал во борбите на шест фронта, а дури петпати бил рануван (во борбите на Брунете и др.). Добил воен чин поручник, а по ранувањата извршувал санитетски должности.

Од Шпанија се повлекол со последните републикански единици во француските логори во февруари 1939 година. Бил во логорот во Аржелес. По една година избегал од логорите и се вратил во САД, каде што бил веднаш уапсен. Во затвор останува седум години, до 1946 година, кога американските власти го ослободиле под услов да ја напушти земјата. Во јануари 1947 година доаѓа во Скопје. Работел како службеник во текстилниот комбинат „Кузман Јосифовски - Питу“ во Скопје. Починал во Скопје на 23 јуни 1966 година.

Во негова чест, една улица во Скопје (во населбата Карпош 4) го носи неговото име.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Учесници во Шпанската граѓанска војна од Македонија
  2. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, 224 стр.
  3. „Buzeff, Trifun P., Abraham Lincoln Brigade Archives“. Посетено на 2023-04-25.
  4. Улица „Трифун Бузев“, Скопје

Литература[уреди | уреди извор]

  • Трифун Бузев: Камуфлирани лекари. „Во срцето на Шпанија“. Сеќавања на интербригадистите од Македонија. НИК „Наша Книга“, Скопје, 1975, 206-207.
  • Трифун Бузев: На лекување. „Во срцето на Шпанија“. Сеќавања на интербригадистите од Македонија. НИК „Наша Книга“, Скопје, 1975, 207.
  • Трифун Бузев: Патот Мадрид-Валенција, „На шпанската земја“. Сеќавања на учесниците во шпанската граѓанска војна“. „Култура“, Скопје, 1961, 73-77; „Триесетгодишнина на Шпанската граѓанска војна“, „Нова Македонија“, 13.VII.1966, 6. „Македонци во Шпанија“. Издава: Радио-телевизија Скопје, Скопје, јули 1968, 11-14; „Во срцето на Шпанија“. Сеќавања на интербригадистите од Македонија. НИК „Наша Книга“, Скопје, 1975, 205-206.