Тодор Чангов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тодор Чангов
Роден 1912 година
Побожје, Скопје, Македонија под Отоманско Царство
Починал 1944 година
Треска, Скопје, Македонија

Тодор Богданов Чангов ( 1912 во Побожје, Скопско1944 во Треска, Скопско) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Потекнувал од сиромашно семејство. Се преселил во Скопје, но не можејќи да најде друга работа, станал градски полицаец. По капитулацијата на земјата се поврзал со напредното движење преку Цветан Димов и други револуционери. Станал редовна врска помеѓу селото и градската партиска организација. Организирал група во селото, која извршувала разни задачи за партизанскиот одред. Во септември 1942 година стапил во партизанскиот одред. Учествувал во сите борби на одредот. На 9 септември 1942 година заедно со Раде Јовчевски-Корчагин добиле задача да подигнат пушки и муниција од едно лозје близу селото Радишани. Тој го посетил и неговото село, но во неговата куќа бил дочекан од непријателски стражар. Успеал да се извлече откако со тупаници го совладал стражарот, кој пред тоа го ранил. Иако ранет, со помош на активистите од селото повторно пристигнал во одредот. На 12 декември 1942 година одредот бил опколен од бугарската фашистичка полиција, во манастирот Благовештение. Во огорчената борба против непријателот со примерен хероизам, успеал да спаси еден ранет соборец. По еден нов напад и опколување, одредот се поделил во две групи. Едната преку Побожје се префрлила во Скопје. Меѓутоа биле поткажани и затворени од непријателот. На големиот судски процес во Скопје, бил осуден на смрт. Меѓутоа, на 28 август 1944 година, Треттата македонска ударна бригада го ослободила од затворот во Идризово. По излегувањето од затвор стапил во Треттата македонска ударна бригада. Станал командир на вод, во четвртиот баталјон. Со бригадата учествувал во големата борба против балистите на реката Треска. Во оваа битка при повлекувањето бил тешко ранет. Негов соборец го влечел околу 30 метра. Кога Тодор увидел дека и соборецот може да загине, му наредил да се повлече, а тој не жалејќи го животот останал во заштитница. Кога се приближиле балистите фрлил една бомба врз нив, а другата ја активирал под себе.[1]

Една улица во скопската населба Лисиче, го носи токму неговото име.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 282–283. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Неделковски, Серјожа (2017-07-23). „Ќе се реконструираат улиците „Тодор Чангов" 20 и „Ѓорѓи Лапчев" 9 во Лисиче“. NetPress. Посетено на 2021-07-05.