Тепуи

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Тепуи Кукенан.

Тепуи претставува планина на чиј врв има плато. Се среќава само во регионот Гвајана (Јужна Америка), и тоа најмногу во Венецуела. „Тепуи“ во превод од јазикот на племето Пемон значи „дом на боговите“. Тепуите најчесто се јавуваат како изолирани една од друга релјефни форми, што ги прави наоѓалишта на уникатни видови на растенија и животни. Најизразените тепуи се Аутана, Аујантепуи и Рораима (највисокиот и воедно најпознат тепуи). Тепуите се изградени од вертикално сместени блокови од докамбриски песочник или кварцитни карпи кои се извисуваат над џунглата и создаваат впечатлива природна слика. На Ајуантепуи се наоѓа водопадот Анхел - највисокиот во светот.

Платото на тепуи е целосно изолирано од околните падини, што ги прави еколошки острови. Поради надморската височина, климата е различна од таа на падините. На врвот температурите се пониски, а врнежите чести и обилни, додека во основата на планината климата е тропска - топла и влажна. Некои тепуи се обвиени во густи облаци речиси во текот на целата година. Физичката изолација од останатиот свет поради високите и тешки за искачување вертикални карпи во текот на милиони години доведува до образување на ендемски растенија и животни. Некои дупки (понори) во еден тепуи, од своја страна, претставуваат „остров на островот“. Во нив се среќаваат уникатни растенија. Тепуи често се нарекуваат и континентални Галапагоски Острови, со огромен број на растенија и животни кои не се среќаваат никаде на друго место во светот. Подлогата на тепуи е сиромашна со хранливи материи, што водело до образување на голема разновидност од инсектојадни растенија.