Сијукси

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бикот кој Седи, водач на народот Лакота.

Сијукси или Су (француски: Sioux; IPA: /ˈsuː/ ) се северноамерикански староседелци, кои припаѓаат на сиуанската група на народи и кои живееле помеѓу реките Мисисипи и Мисури. Тие се еден од трите народи (Сијукси, Асинибојини и Стоуни) кои припаѓаат на субкултурата на Сијуксите и зборувале на еден од трите дакотски јазици, кои се сродни, но не се меѓусебно разбирливи.

Најраната прататковина на Сијуксите била мочурливите предели на оризовите полиња во денешна Минесота, каде живееле од собирање на дивиот воден ориз. Овој крај бил познат по тоа што бил населен од народот Чипева или Оџибва.

Потеклото на името[уреди | уреди извор]

Сијуксите биле конфедерација на седум племиња, а секое од нив имало посебно име за себе и за конфедерацијата. Племето Лакота за себе и за конфедерацијата имале исто име - Лакота (сојузници), а племињата кои им припаѓале на групите Источни и Западни Дакота, конфедерација ја нарекувале Дакота (сојузници). Денес двете сојузни држави на САД, Северна и Јужна Дакота, се наречени според имињата на овие племиња. Западните Дакота долго време биле погрешно нарекувани Накота. Името Накота или Накода го користеле сродните Асинибојни и Стоуни,[1] кои имале заедничко потекло со Сијуксите.

Племињата Врани, Команчи, Арпахо Индијанци, Натни или Натнихина, ги нарекувале некои од племиња на Сијуксите „Секачи на вратови“.

Подгрупи[уреди | уреди извор]

Местоположба на племињата Сијукси пред 1770 година (зелено) и нивните денешни резервати во САД (портокалово)

Седумте племиња кои ја сочинувале конфедерацијата на Сијуксите се: Лакота (или Тетон), Јанктон, Јанктонаи, Мидивакантан, Вапекут, Сисетон и Вапетон.[2] Според дијалектот што се зборувал во овие седум племиња, тие се групираат во три групи: Лакота, Западни Дакота и Источни Дакота.

  • 1) Лакота
  • Сичангу (Бруле)
  • Оглала
  • Итазипчо (Санс арк)
  • Хункпапа
  • Миниконжу
  • Сихасапа
  • Оохенунпа (Ту кет`лс)
  • Западни Дакота (или Јанктон-Јанктонаи или Дакота)
  • 2) Јанктон
  • 3) Јанктонаи
  • Источни Дакота (или Санти-Сисетон или Дакота)
  • Санти
  • 4) Мидивакантан
  • 5) Вапекут
  • Сисетон
  • 6) Сисетон
  • 7) Вапетон

Историја[уреди | уреди извор]

Сијуксите прво ги населувале областите на оризовите полиња на Минесота, особено околу езерото Мајл Лејкс. Индијците кои тука живееле (Меномини, Чипева и Сијукси) го жнееле дивиот ориз и го користеле во нивната исхрана. Борбата за превласт над оризовите полиња помеѓу Чипева и Сијукс Индијанците довела до прогон на Сијуксите од овие области. Тие ја преминале реката Мисури пред 1750 година и во 1765 година ја населиле областа на Блек Хилс.

Во 1862 година поглавицата Мала Врана направил масакр во Минесота, при што загинале 700 доселеници и 100 војници. Уште два подоцнежни датуми се многу значајни во нивната историја. Тоа е победа на поглавицата Бикот што седи во 1876 година, кога тој со своите Сијукси и уште некој сојузници го поразил полкот на генералот Кастер и бројните доброволци на реката Литл Бигхорн. На оваа битка и претходела малку споменуваната битка на Девилс Тауер. Во оваа битка, многу жесток отпор дале малку подвижните старци кои не можеле даго пратат темпото на повлекување на своето племе, додека поглавицата Бикот што седи ја барал најповолна позиција да се спротивстави на добро опремената американска војска.

Уште еден важен, но тажен настан се случил во 1890 година, кога бил извршен голем масакр над племето Миникова, во кој најмногу страдале жени и деца. Овој настан е голема дамка на американската историја, и е познат како масакрот кај Вунд’д Ни.,

Сијуксите денес живеат на резервати во САД и Канада .

Обичаи[уреди | уреди извор]

Сијуксите се типично племе на прериските Индијанци, ловци на бизони. Нивните живеалишта направени од кожа на бизоните биле со типичен изгед на конусовиден шатор наречен типи. Шаторите лесно се склопувале и расклопувале и пренесувале од едно место на друго, што одговарало на номадскиот начин на живеење на Сијуксите. Бизонот, бил главен плен и од него се добивала храна, од него биле правени шаторите за живеење, облеката, обувките, прекривачите, тетивите за лаковите и цела низа ситни предмети. Од бизонот ништо не се фрлало. Масовното бесцелно убивање на овие животни од страна на доселениците довела до глад меѓу племињата Црни Стапала, Арпахо, Чејени, Кајова и другите индијански жители на преријата. Последица на ова била омразата кон белците и војната.

Губејќи го основниот извор на храна, Сијуксите станале зависни од владината помош. Тие морале или да ја остават својата земја на државата или за ништо да ја продадат.

Коњот бил уште еден од симболите на културата на Сијксите и другите прериски племиња. Коњот бил симбол на богатство, со него се купувале жени, а човек без коњ бил никој и ништо.

Шаманите имале значајна улога кај Сијуксите. Тие како свештеници или волшебници биле задолжени да го бранат и племето и поединците од лошите духови и злите сили. Посебен тип на шамани биле шамани-бердаши, кои ги имало кај многу племиња. Навахо Индијанците нив ги нарекувале „Надле“, а Сијуксите ги нарекувале „винкти“. Шаман-бердашите биле многу влијателни, тие носеле женска облека, а во борба не смеле да носат „машко“ оружје.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ullrich, Jan 2008
  2. Johnson, Michael 2000

Литература[уреди | уреди извор]

  • Johnson, Michael (2000). The Tribes of the Sioux Nation. Osprey Publishing Oxford. ISBN 1-85532-878-X.
  • Ullrich, Jan (2008). New Lakota Dictionary (Incorporating the Dakota Dialects of Yankton-Yanktonai and Santee-Sisseton). Lakota Language Consortium. стр. 1–2. ISBN 0-9761082-9-1.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]