Рајна Кошка-Хот

Од Википедија — слободната енциклопедија

Рајна Кошка-Хот ( 1958, Вуковар) — професорка по англиска книжевност, теоретичарка и книжевна преведувачка.

Животопис[уреди | уреди извор]

Родена е во 1958 во Вуковар, Република Хрватска. Основно и средно образование завршила во Скопје, а на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје дипломирала во 1981 година. Веднаш по дипломирањето се запишува на постдипломските студии по англиска книжевност на New York University во Њујорк, САД, каде и магистрира во 1983 година со тема од областа на современата британска драма („Женските ликови во подоцнежните драми на Харолд Пинтер“). За време на студиските престои во Единбург и Стратфорд на Авон, Велика Британија, работела на подготовката на докторската дисертација од областа на англиската ренесансна драма и феминистичката критичка теорија која ја одбранила во 1997 година, објавена како студија под наслов Метафората на дијамантот: студии за женскиот лик во англиската ренесансна драма (2004). На Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје работи од 1984 година до денес, поминувајќи ги сите степени од стажант до редовен професор по англиска книжевност.

Академска и педагошка дејност[уреди | уреди извор]

Членка е на ЗАМ (Здружение на англисти на Македонија) коешто е и членка на ESSE (European Association for the Study of English/Европско здружение на англисти на универзитетско ниво), на Регионалната мрежа на родови/женски студии во Југоисточна Европа (Regional Network for Gender/Women’s Studies in Southeast Europe), дел од Европската платформа на жени-научници (European Platform for Women Scientists). Учествувала во тридневниот проект ”Gestation: A Collaborative Performance Art Workshop” (SubRosa Cyberfeminist Collective of Cultural Researchers). Сосновач е на ЗПРМ/МАТА Архивирано на 2 јануари 2014 г. (Здружение на преведувачи на Македонија/Macedonian Translators Association), во чии рамки учествувала со колегите во работилницата за превод организирана по повод конкурсот BABYLON на ЕУ за награда за најдобар млад преведувач (организатори ЕУ Инфо Центар и ЗПРМ) во 2013 година.

Во рамките на нејзиниот стручен и научен интерес двапати е поканувана како предавач на Универзитет Евро-Балкан во Скопје во рамките на Школата за родови студии со предмети од областа на книжевноста и феминистичката критичка теорија, а четири години го предавала и предметот Шекспир и современи критички теории за студентите при Катедрата за општа и компаративна книжевност. На додипломските ги предава предметите Англиска ренесансна драма, Шекспир и англиската ренесана драма и Шекспир и современата британска драма, во рамките на кои се разгледува и културолошкиот контекст на овој период, како и современите препрочитувања на делата на Шекспир и начините на кои тие се адаптираат и метаморфозираат преку различни современи медиуми. На постидпломските и докторски студии предава предмети поврзани со англиската ренесансна драма, современата британска драма, феминистичката критичка и теорија и постмодерните критички теории. Во рамките на проектот 130 македонски автори во англиски превод била консултант за драма и преведувачка, а во проектот Ѕвездите на светската книжевност е ангажирана како авторка на поговори и преводи. Од 1993 година до денес со студентите на пошироката јавност ѝ презентирала повеќе од дваесет студентски сценски проекти поврзани со материјата што ја проучуваат. Во 2009 година на Републичкиот фестивал на аматерска драма ДАФ Кочани нивната претстава Shakespeare & Company: Страсни страданија е наградена со специјално признание, а студентскиот сценски проект подготвен следната година беше изведен по повод свеченото отворање на овој фестивал по покана, вон конкуренција.

Објавени книги[уреди | уреди извор]

  • Англиската поезија XVIII и XIX век. Учебно помагало (соавтор со И.К. Попоска и А. Илиева). Скопје: Филолошки факултет, 1999.
  • Различни гласови: антологија на современата британска драма. (Избор, предговор, биобиблиографија на авторите, белешки). Скопје: Магор, 2003.
  • Метафората на дијамантот: студии за женскиот лик во англиската ренесансна драма. Скопје: Винсент Графика, 2004.
  • Англиска драма: ренесанса, современост, феминистичка теорија. Збирка објавени критичко-теоретски есеи. Скопје: Бигос, 2007.
  • Лексикон на теориски поими од феминистичката критика и родовата теорија. (Со Маја Бојаџиевска и Славица Србиновска). Скопје: Сигмапрес, 2010.

Објавени стручно-научни трудови (избор)[уреди | уреди извор]

  • ’Месечина на перница’: женскиот глас и гласот на текстот во романот Пиреј на П. М Андреевски. Гласове: Нова хуманистика на балканските аворки. Едиција Женски дискурси. Софија, Бугарија: СОНМ, 2007.
  • „Текст во текст, драма во драма: Шекспир и метаморфозата на изворот.“ Во Метатекст и метаморфоза. Скопје: Институт за класични студии/Катедра за општа и компаративна книжевност, 2008.
  • „Офелија и Дамата од Шалот: визуелизација на женскиот лик и глас како текст и како слика.“ Mirage (електронско списание) и во Годишен зборник на Филолошкиот факултет „Блаже Конески,“ Скопје, 2010.
  • „Вирџинија Вулф: во потрага по претходнички и наследнички.“ Поговор кон Сопствена соба и Три гвинеи. Скопје: КСЦ, 2011.
  • „Чекајќи го вистинскиот збор: осврт на природата на преводот како креативен процес.“ Скопје: Културен живот, 20102.
  • „Трагична повест за животот и смртта на Кристофер Марлоу и доктор Фаустус.“ Поговор кон препевот на Трагичната повест за животот и смртта на доктор Фаустус. Скопје: Магор, 2012.
  • „Мајсторот на Бернард Маламуд: како да се поправи светот?“. Поговор кон романот Мајсторот на Бернард Маламуд. Скопје: Магор, 20102.
  • “Bridging Cultural and Historical Gaps: How Appropriate is Appropriation” во Abha Singh, прир. Shakespearean Metamorphoses: Inter-Medial Transactions. University of New Delhi, India (во печат).

Објавени преводи (избор)[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]