Пурпурни бактерии

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Пурпурни бактерии во горниот дел на Колона на Виноградски.

Под името пурпурни бактерии се опфатени сите облигатно или факултативно фототрофни протеобактерии. Тие не образуваат монофилетска група, бидејќи опфатени се претставници од групите алфа-, бета- и гамапротеобактерии. Нивното име потекнува од фотосинтетските пигменти (бактериохлорофил и каротеноиди) кои им даваат на бактериите впечатлива пурпурна боја, обично црвенкаста до црвенкасто-кафеава. Во постарата литература, името "пурпурни бактерии" се користи како синоним за сите протеобактерии. Ова денес не е честа појава.

Пурпурните бактерии секогаш вршат аноксигена фотосинтеза (што е различна од оксигената фотосинтеза кај цијанобактериите и растенијата). Најчесто пурпурните бактерии се облигатни анаероби. Тие поседуваат само еден фотосистем. Затоа, на нив им се потребни електрони чиј редокс потенцијал е понизок од тој на водата.

Се разликуваат пурпурни сулфурни бактерии и пурпурни несулфурни бактерии.

Пурпурни сулфурни бактерии[уреди]

Оваа група се состои од двете фамилии: Ectothiorhodospiraceae и Chromatiaceae. Тие користат водород сулфид (H2S) и сулфидни јони (S2—) наместо вода како електронски донори за редукција на CO2, што објаснува зошто не се ослободува кислород. При оксидацијата на сулфидот, се формира елементарен сулфур, кој во бактеријата дава сулфурни топчиња. Претставниците од Ectothiorhodospiraceae секогаш ги складираат сулфурните топчиња екстрацелуларно (во периплазмениот простор), додека блискиот род Thiorhodospira интра- и екстрацелуларно.

Овие бактерии се наоѓаат во води сиромашни со кислород (цели водни тела или езерски слоеви сиромашни со кислород), но и во сулфурните извори. Со оптимални количества на H2S и интензитет на светлина во одредени слоеви на водата, може да настане "цут" на пурпурните бактерии, што подразбира достигнување на најголема клеточна густина во стаништето. Некои видови археи се екстремни халофили и им даваат на езерата впечатлива црвенкаста боја.

Пурпурни несулфурни бактерии[уреди]

Овие бактерии се физиолошки многу различни. Тие припаѓаат на алфа или бетапротеобактериите и се способни за фотосинтеза, при што неколку соединенија (вклучувајќи и органски) служат како електронски донори. Овој метаболизам може да се нарече фотохетеротрофија. Некои видови, меѓутоа, се способни да растат и во услови на недостаток од светлина, бидејќи можат да вршат ферментација или респирација. Повеќето пурпурни несулфурни бактерии можат да го врзуваат азотот.