Преадаптација

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Преадаптацијата е својство или приспособување на организмот што има потенцијална адаптивна вредност. Теоријата на преадаптација ни овозможува да го опишеме механизмот на промена на функцијата на органите во процесот на еволуција и да се разреши парадоксот кога има образување на органи чија крајна функција првобитно немала приспособувачка (адаптивна) вредност.

Концепцијата на преадаптација помага да се разреши еден од проблемите на еволуционата теорија: неможноста за развиток на сложени приспособувања кои се во можност ефективно да функционираат само откако ќе бидат целосно оформени. Ваквите органи, наоѓајќи се во почетна состојба, не можат да го зголемат приспособувањето (адаптацијата) на организмот и не би било веројатно да се појават во текот на еволуцијата.

Примери за вакви органи се виличниот апарат, средното уво, пливачкиот меур итн.

Суштина и развиток[уреди]

Идејата на преадаптација се состои во тоа што многу органи и приспособувања најпрво се формирале извршувајќи други функции, различни од тие во крајниот стадиум на својот развиток. Во еден момент органот започнува да извршува дополнителна функција која е повредна отколку претходната (првобитната). Како резултат на еволуцијата на тој орган (по пат на природна селекција), тој ја усовршува новата функција. Промената на органот во нова структура може да доведе до губење на претходната функција. На ваков начин сложените органи, дури и во почетните стадиуми од својот еволутивен развиток, имаат адаптивна вредност, но нивната првобитна функција може да биде друга (во тие случаи кога од гледна точка на крајната функција нема адаптивна вредност, тогаш се појавува гореопишаниот парадокс).

Еволуциониот момент кога еден орган добива нова функција и како резултат на тоа зема нова адаптивна улога се нарекува преадаптациска пресвртница.

Принципот на менување на функциите на органите при процесот на еволуција бил формулиран од страна на Антон Дорн во 1875 година, а поимот ,,преадаптација‘‘ е даден од францускиот научник Л. Кено. Под преадаптација Кено подразбирал такви особености на организмите кои се појавуваат случајно, но подоцна имаат адаптивна вредност. За разлика од Кено, Д. Симпсон и В. Бок ја разработуваат морфофункционалната концепција, која го фаворизира развитокот на преадаптацијата врз основа на претходни приспособувања под контрола на природната селекција. Усовршувањето на приспособувањата при постоечките услови може да претставува преадаптација кон новите услови на средината. Преадаптивната состојба на организмот (или одделен орган) се јавува не како непосреден резултат на случајни мутации, туку врз основа на претходна приспособувачка еволуција.

Примери на преадаптација[уреди]

Папагалот кеа (Nestor notabilis).

Како пример за преадаптација се јавува еволутивниот развиток на виличниот апарат. Кај предците на ‘рбетниците, активизацијата на дишењето одела преку засилување на протокот на вода низ жабрените области со развиени и силни мускули, при што се разоткриле предните жабрени лаци. Како резултат на ова, жабрените лаци добиле можност за зафаќање и придржување на пленот. Оваа нова функција се покажала толку важна, што претходната улога (учество во движењата при дишењето) кај предните жабрени лаци отстапила на втор план, а подоцна се изгубила (рудиментирана жабра на виличниот лак се сочувала кај сите риби во вид на т.н. лажна жабра). На сличен начин биле решени и прашањата поврзани со развитокот на средното уво, пливачкиот меур и многу други органи.

Пример на преадаптација кој се случил во наше време е еволуцијата на новозеландскиот папагал кеа. Овие папагали поседуваат моќен клун и канџи со чија помош се искачуваат по стеблата на дрвјата, кинејќи ја притоа кората (односно „грабливиот“ клун и канџите се развиле со цел искачување, а не напаѓање - папагалите се исхрануваат со растителна храна и инсекти). Меѓутоа, со донесувањето на овци во Нов Зеланд, некои папагали отворале на грбот на овие животни големи рани, по што овцата загинувала и папагалите го јаделе нејзиното месо. Оваа функција се здобила со многу големо адаптивно значење, што подоцна во некои популации доминирале „месојадните“ папагали, а најголем успех имале папагалите со најмоќни клунови.

Извор[уреди]