Песната е родена (филм од 1948)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Песната е родена (англиски: A song is born) - американски филм од 1948 година, во режија на Хауард Хокс (Howard Hawks), според сценариото на Били Вајлдер (Billy Wilder) и Томас Монро (Thomas Monroe). Главните улоги ги граат: Дени Кеј (Danny Kaye), Вирџинија Мејо (Virginia Mayo), Бени Гудман (Benny Goodman) и др. Филмот, кој е инспириран од бајкатаСнежана и седумте џуџиња“, претставува обработка на филмот „Огнена топка“ од 1941 година, режиран исто така од Хокс, со Гари Купер и Барбара Стенвик во главните улоги. Всушност, дејствието во двата филма е речиси еднакво.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Во една куќа, изолирани од останатиот свет, работат осум професори, кои пишуваат музичка енциклопедија. Најмладиот од нив, професорот Бертрам Фризби (го игра Кеј), сфаќа дека воопшто не ја познава современата музика и затоа излегува надвор, со намера во баровите да се запознае со најновите музички стилови. Во еден бар, тој го следи настапот на музичката група чиј дел е убавата пејачка Шугар (ја игра Мејо). Неа ја посетуваат помошниците на еден гангстер кој е обвинет за убиство при што таа може да послужи како сведок против него. Бегајќи од полицијата, таа се засолнува во куќата во која живеат професорите и веднаш станува омилена кај нив. Професорот Фризби се вљубува во неа и ѝ нуди брак, но таа мора да се омажи за гангстерот кој на тој начин ќе го избегне обвинението. Во телефонскиот разговор со професорот, гангстерот се претставува како нејзиниот татко, кој „се согласува“ со бракот помеѓу Шугар и професорот, но бара тој да ја донесе невестата во местото каде што треба да се ожени со неа. Пред заминувањето, слугинката во куќата го открива нејзиниот идентитет и сака да ја извести полицијата, но Шугар ја онесвестува и ја затвора. Патем, професорите доживуваат автомобилска несреќа поради што мора да преноќат во еден мотел. Тогаш, Фризби отворено ѝ ја искажува на Шугар својата искрена љубов, меѓутоа набргу пристигнува гангстерот. Така, професорите сфаќаат дека се изиграни и разочарани се враќаат во својата куќа. Шугар одбива да се омажи со гангстерот, но тој ги испраќа своите вооружени помошници во куќата на професорите, заканувајќи се дека ќе ги убие. Сепак, со помош на науката, тие успеваат да ги совладаат гангстерите, а потоа ја прекинуваат венчавката и гангстерите ги предаваат на полицијата.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]